Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Косово според германски модел ?

Косово според германски модел ?

Кризата што се создаде меѓу Белград и Приштина околу замената на табличките за возилата (со косовски, наместо српски) како и со новите лични карти (за граѓаните на Косово од српска националност) што требаше да кулминира на 1 септември, помина без инциденти, иако српските власти во Белград настојуваа  сето тоа да го прикажат како безмалку предвоена состојба.

Со посредништво на ЕУ и на САД, целата работа се среди со – усмен договор на Албин Курти и Александар Вучиќ и со оставен рок – до 1 октомври- да се постигне согласност за сите спорни прашања . Ваквата разврска помогна да се одбегнат тензиите кои и двете страни сакаат да ги создаваат. Но, до рокот за решение има само три недели , а како сега стојат работите, нема знаци дека оставениот рок би можел да биде исполнет.

Српската страна, тврдејќи дека ги заштитува косовските Срби, а всушност , бранејќи ја својата теза дека нови таблички и лични карти за српското населени на северот од Косово, би значело признавање на независноста на „отцепената покраина“  . Од својата позиција не отстапува ниту Приштина која инсистира дека сака да се стави ред и да се елиминира една аномалија.- косовските Срби да се третираат како српски  државјани и  ги возат своите возила со српска регистрација.

Притисок врз Белград и Приштина

Во сегашната воена ситуација во Европа, по руската инвазија врз Украина, ЕУ настојува што е можно побрзо да ја резреши ситуацијата, за да се одбегнат поголеми тензии и евентуален воен судир , што го посакува Русија, во нејзината војна со Унијата и политиката за дестабилизација на Западен Балкан.

Затоа, Брисел покрена силна дипломатска офанзива  вршејќи притисок врз Белград, пред се, но и врз Приштина , за изнаоѓање едно пошироко, трајно решение за „косовското прашање“, па покрај  специјалниот пратеник Мирослав Лајчак, сега во преговорите се вклучија и Германија и Франција, преку свои специјални пратеници.

Тие веќе беа   на теренот,  се сретнаа со српскиот лидер и со косовскиот премиер- барајќи решение , но по  првиот круг , впечаток е дека  нема напредок.

Во Белград велат дека не доаѓа во предвид да се признае независно Косово, како што тоа го бара Приштина. На таа линија е српската националистичка опозиција, додека проевропската, главно, не се изјаснува. Во Косово, пак, Курти продолжува да зборува дека неговата влада бара „меѓусебно признавање на двете земји“ за кое се вели дека единствено може да обезбеди траен мир и стабилност.

Претседателот Вучиќ, меѓутоа, сега зборува за „нова арматура“ во преговарачкиот процес, што го има понудено преговарачката тројка на ЕУ, за која вели дека може да биде основа за една трајна спогодба, за која Брисел инсистира дека мора да биде правно обврзувачка.

Спогодбата меѓу Западна  и Источна Германија

Што тоа значи не се знае, а косовски и белградски аналитичари тврдат дека станува збор за актуелизирање на – од пред десет години понудениот модел за решение- спогодбата меѓу Западна Германија и некогашната ГДР ( Источна Германија) од времето кога земјата беше поделена, до падот на Берлинскиот ѕид.

Станува збор за спогодбата меѓу двете Германии од декември 1972 година, со која беа детално уредени основите на нивните меѓусебни односи, без да се признаат меѓу себе како независни држави.

ГДР можеше да биде полноправен член на сите меѓународни организации- политички, културни и спортски-  што западногреманската влада не го попречуваше, но во исто време , не ја признаваше Источна Германија за целосно независна држава, ниту со неа имаше дипломатски односи.

На таа основа двете земји , опстојуваа една покрај друга, имаа склучено цела низа државни договори и документи кои беа правно обврзувачки- се до падот на комунизмот во ГДР и до обединувањето на земјата, во 1990 година.

Германскиот модел за Косово, прв пат го има споменто Ангела Меркел уште во 2012 година, но Србија тогаш тоа решение го има студено одбиено- како неприфателиво. Десет години подоцна изгледа дека сега тоа се јавува како единствено можно.

Моделот веќе се разработува

Особено што доаѓа во време на војна во Европа, на силниот притисок на ЕУ кон Србија за трајно и обврзувачко решение за мир и кога Русија има подигнато „Железна завеса“ . Со нејзиното (повторно) подигање  веќе не може да се седи на две столчиња и кога државите  мора да биде определат- на Исток, со Москва и некаква Евроазија , или на Запад, со ЕУ и во услови на вистинска демократија.

Во Белград околу ова никој јавно не се огласува, иако се знае дека косовската независност е веќе определена и за тоа српската страна нема некаков маневарски простор. Дури и (за Србија) пријателска  Турција, според признанието на самиот српски претседател, нема веќе никаква длема дека меѓу Србија и Косово- има граница. Од друга страна, за герамскиот модел се молчи и во Приштина.

Косовски политички експерти , меѓутоа, тврдат дека Албин Курти веќе попушта и дека веќе се има откажано од идејата за меѓусебно , косовски-српско признавање , прифаќајќи дека моделот за двете германски држави од пред 50 години делува како она , народното- гулабот на гранка , или врапчето во рака.

Во Приштина се тврди дека на едно вакво решение веќе се работи и дека целата работа може да се заврши до крајот на оваа година.

(Д.Б.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе