Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Синот на Дмитри Песков одбива мобилизација

Синот на Дмитри Песков одбива мобилизација

Николај Песков, син на портпаролот на Кремљ Дмитри Песков, лојален и близок соработник на рускиот претседател веќе 20 години- нема да биде мобилизиран во руската армија за да оди на фронтот во Украина.

Тоа го потврдил самиот Николај во телефонски разговор со познат руски тјубер, кој лажно му се преставил како воен офицер на регрутниот центар во Москва, заповеднички прашувајќи го младиот Песков (32) – зашто не се јавил во центарот, иако бил должен тоа да го направи.

Разговорот бил снимен и сега е поставен на Ју-тјуб, во популарната емисија- Popular Politics – на оваа социјална мрежa, предизвикувајќи бурна реакција на другите мрежи на интернет и во руската јавност. Особено затоа што покажува  дека мобилизацијата што ја објави Владимнр Путин не се однесува за децата и за блиските на припадниците на руската политичка (и бизнис) елита, туку само за обичните Руси.

„Ако Путин ме повика и ми нареди“

На снимката се слуша како Николај Песков, на почетокот, делува збунето кога „офицерот“ прашува зашто не се јавил во регрутниот центар, обидувајќи се неуверливо да објаснува зашто тој не сака да оди во војна. Меѓутоа, синот на путиновиот човек од доверба, во разговорот  не се обидува да сокрие дека ќе ги покренел сите врски во Кремљ, за да не биде мобилизиран.

На прашањето , зашто не одговорил на поканата за мобилизација, Николај одговорил – „Секако дека нема да бидам таму во предвиденото време. Морате да разберете дека ЈАС СУМ ГОСПОДИН ПЕСКОВ. Не е во ред да бидам  и јас во регрутниот центар“!

А, потоа, се обидел да објасни  дека има „посебни нијанси“ во врска со позивот за мобилизација, затоа што во случајот станува збор  за синот на Дмитри Песков, човекот кој е портпарол на Путин и заменик- шеф на администрацијата во Кремљ.

„Ако морам да ја бранам државата, тоа не е проблем, но морам да ја разберам изводливоста на моето одење во центарот за регрутација“- рекол Николај Песков . Притоа уште додал- „ Ќе одам во војна само доколку ме повика Путин и ми нареди“.

Закана од обвинување за дезертерство

Ароганцијата на синот Песков и неговото фалење со врските во Кремљ и со тоа дека само рускиот претседател може да му нареди да војува за Русија  е сосема различна од ситуацијата на теренот. Таму како идни војници се јавуваат обичните граѓани- врсниците на Николај- кои немаат политички  врски во врвот на државата.

Тие ќе мора да се јават на повикот за мобилизација, затоа што во спротивно ризикуваат да бидат прогласени за дезертери и да се соочат со затворска казна.

Во посебно тешка ситуација се сите млади кои учествуваа во анти- воените демомонстрации ширум Русија, под наредбата на Путин за мобилизација  на 300 илјади резервисти и кои веќе се означени и дисквалификувани како „непатриоти“.

Сите тие се  потребни за  со ништо не предизвиканата агресија врз Украина и за војната која таму трае веќе седум месеци, а руската армија и претседателот Путин се уште не може да се пофалат со победа- како што тоа го најавуваа на почетокот од инвазијата. Но, тие се потребни и да го спречат натамошното понижување на армијата „Z”.

Во затвор, па на фронт

Во снимките од ТВ извештаи  од апсењето на овие млади луѓе во Москва,  се гледа како луѓето се спротивставуваат на апсењето, извикувајќи дека – „ќе си ги исечат рацете, или ќе се самоповредат“-  за да не одат на фронтот и да не војуваат против Украинците.

Сите уапсени демонстранти- способни за воена служба- како казна за тоа што се противат на војната, веднаш добиваат позиви за мобилизација и од затвор се испраќаат во воените касарни- за одење на фронт. За разлика од синот на Дмитри Песков, обичните Руси, затоа,  настојуваат да ја избегнат војната, бегајќи во странство , обидувајќи се да се префрлат во некоја од соседните држави на Русија.

Извештаите  од границата со Грузија, на пример, покажуваат дека на руска страна има колона од возила долга шест километри, со оние кои сакаат да избегаат.

Еден млад Русин , од реонот на градот Саратов, има изјавено дека со себе носи само пасош и нешто пари и ништо друго. Само за да побегне од Русија и од тоа да биде земен како војник за војната во Украина.

Овој човек, очигледно,  не верува во верзијата на Кремљ дека мобилизацијата е покрената само за да „се одбрани територијалниот интегритет“ на Русија.

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе