Франција: Истрага за руски пари во политичките партии
Францускиот Парламент најавува истрага за сите случаи на примање руски пари за финансирање на работата на политичките партии во Франција.
Иницијативата доаѓа многу брзо по декласифицирањето на податоците на американските тајни служби кои откриваат дека Русија има платено над 300 милиони долари на странски политички партии во разни делови од светот, вклучувајќи го и Западен Балкан.
Беше обелоденето дека руски пари се уфрлени во избори во Албанија, БиХ и во Црна Гора, а некои европски медиуми објавија дека пари од Москва, преку други канали, се дадени и на десничарската, националистичка вмровска партија во Македонија. Во сите случаи, парите биле давани за да победат партии кои се крајно – десничарски определени, делуваат од националистички позиции и се антиевропски насочени.
Истрага за Марин Ле Пен
Пратеници на Парламентот во Париз, меќу кои има припадници и на партијата на претседателот Емануел Макрон, бараат со истрагата да се опфати и крајно – десничарската партија Национален фронт на Марин Ле Пен, затоа што таа и натаму го отплатува заемот што (официјално) се означува дека е земен од неколку руски банки.
Но, се тврди дека, всушност, станува збор за пари кои и ги има ветено и дадено Владимир Путин за нејзината изборна кампања на претходните француски избори, зделка што тие двајцата ја имаат договорено за време на тогашната посета на Ле Пен на Кремљ.
Сега се бара темелна истрага за да се утврди колкаво е мешањето на Русија во француската политика, преку финансирањето на кампањати на партиите, или преку добивање заеми од руски банки (најчесто се споменува Сбербанк) со претходна согласност на Кремљ. Се бара и да се утврди за кои партии станува збор и колкави износи од руски пари се влезени во француските изборни кампањи.
Претставник на американската администрација, на 13 септември, изјави во Вашингтон дека Путин има потрошено огромни пари во настојувањето „да манипулира со демократијата, од внатре, во земјите каде тоа се правело“.
Купување партии и политичари
Откритијата на Американците се појавија после прегледот што ги има направено американската разузнавачка заедница, за настојувањето на Русија да се меша во изборните процеси на други држави и преку тоа да влијае врз нивната внатрешна и надворешна политика и политичка ориентација.
Притоа не се споменуваат кои биле целите на руската разорна политика, но се предупредува дека Москва се повеќе ќе се врти кон тајното финансирање на политички партии и на купувањето верност на политичари – за да се поткопа единството на Западот и на ЕУ, посебно сега во екот на војната во Украина, главно, за да се поткопаат меѓународните санкции кон Русија.
На европскиот континент како први жртви на таквата руска политика се земјите од Западен Балкан, пред се, за да се блокираат нивните настојувања да влезат во ЕУ, со помош на домашните антиевропски сили, купени со руски пари, но и во самата Унија, во државите од поранешниот советски Исток, како и на југот од Европа.
Пари за нео – фашисти и ултра – десницата
Со руско мешање, со помош на домашните русофилски сили, беше соборен првиот вистински проевропски премиер во Бугарија. Москва е силно инфилтрирана во орбанова Унгарија која се користи и како плац – дарм за дестабилизирање на соседството и на поширокиот регион. Властите во Киев, на пример, го обвинуваат Орбан дека дејствува како „Тројански коњ“ во ЕУ.
Меѓутоа, руски пари има и на италијанската политичка сцена кај нео – фашистите и популистичката ултра – десница. Лидерот на партијата Лига, десничарот Матео Салвини во кампањата за претходните избори се шеташе со маица со ликот на Путин, а финансирани и подржувани од Москва се и десничарските и ултрашките партии во Австрија, во Холандија, како и нео – нацистите во Германија.
Колку што се знае, Русија досега нема реагирано на откритијата на тајните служби на САД, иако во декласифицираните материјали се зборува за руско мешање во американските избори во 2016 година, но и за оние пред две години, за да му се помогна на Доналд Трамп да се избори за уште еден мандат.