Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Самит за Европа без Русија

Самит за Европа без Русија

Во услови на војна на континентот, каква немало од пролета 1945 година, откако Русија на Владимир Путин изврши ивазија врз една европска, суверена земја, членка на ОН, за да (како што се покажа) се освојат  нови територии и особено кога Москва  се заканува со употреба на нуклеарно оружје- за да се бранат тие територии- Европа одговори со континентален  Самит.

Вкупно 44 земји – од Исланд, на крајниот, атлански  северозапад, до Ерменија и Азербејџан на Истокот и од Финска на европскиот север,  до Малта и Кипар на југот – се собраа во Прага на еден посебен Самит на кој  сега, но и понатаму ќе се трага по нов поредок во Европа- без оваа, сегашна, путинова Русија.

Во сенка на агресијата врз Украина

Собирот се организираше во рамките на новата Европска Политичка Заедница (ЕПЗ) која е сосема надвор од она што е ЕУ, како поради составот на државите ( во неа се најде и Британија која се враќа во Европа, за да учествува во средувањето на европските состојби) , така и поради темите за кои се разговараше во главниот град на Чешка- безбедноста, енергијата и миграцијата, како и спорните и соседските прашања на континентот.

Во секој случај, се одржа во сенката на агресијата на Русија врз соседна Украина, што на Самитот му даде посебен печат- практично, со осуда на Москва и со потврда за нејзината длабока изолација во која самата се постави.

Но,  и во услови на  и понатаму несмирениот Балкан ,каде говорот на омразата се уште е доминантен . Регион во кој вистинското добрососедство останува реткост , или се уште го нема, каде историјата и минатото  и понатаму се политичка тема, а национализмот низ разните, лажни патриотски изливи, се уште собираат изборни гласови.

Несмирениот кризен Балкан

Балканските  гласачи, на пример, продолжуваат да ги сметаат  национализмот, омразата и нездравиот патриотизам, за поважни од иднината , просперитетот и европеизацијата. Едно Косово, или статус-кво ситуацијата во длабоко националнстички поделената БиХ, и после три децении, се уште се закана за стабилноста на поширокиот регион , а преку него и за  континентот.

Притоа,  политичарите кои се одржуваат во живот создавајќи нездрава клима во државите во регионот, благодарејќи и на јавноста на која и се обраќаат и иа медиумите кои тоа некритички го примаат, како да не гладаат дека таквата политика не им користи ниту на земјите, а ниту на луѓето.

Единствена полза има само на непријателот на европеизацијата на регионот. Тоа се Русија и   нејзината  политика за растурање на ЕУ, за растурање на основите на  либералната демократија, врз кои се темели Унијата, нудејќи ја за модел деспотијата и авторитарноста на московскиот режим.

Инаку, идејата за  едно вакво пошироко собирање на оние кои се во ЕУ и оние кои се кандидати за Унијата, како и оние кои се надвор од европските интеграциски форми, потекна од Емануел Макрон , во мај годинава, додека Франција претседаваше со ЕУ.

Иницијатива на Макрон

Во еден момент, Македонија, Србија и Албанија се заканија дека нема да учествуваат на една таква конференција, стравувајќи дека Европската Политичка Заедница се нуди како замена за членството на државите од Западен Балкан. Особено што „планот Макрон“ се совпадна со добивањето кандидатски статус за Украина, Молдавија и Грузија.

На крајот се разјасни дека оваа нова ЕПЗ не претставува собирање на членките на  Унијата со другите, па така и се овозможи собирање на шефови на држави и на влади кои не ретко имаат спротивставени ставови и гледања и за ЕУ и за европските состојби и за војната на Истокот од континентот.

Во Прага се покажа дека ваквиот Самит/собир , им одговара на сите.

Излезе дека  им одговара ваквиот начин на собирање и среќавање- на кој се разговара за постоечки проблеми  и за соседска соработка – без формален дневен ред, без некаква агенда, без правење формални заклучоци. Затоа , сите се согласија да се продолжи со ваквите континентални Самити. Првиот нареден ќе биде во Молдавија – чија територија е 30 години насила поделена од страна на Русија – а потоа, како домаќини, се определени Шпанија , па Британија.

Самит без пазарлак за дневниот ред

„Не беше целта ( со ЕПЗ) да се заменат постоечките европски институции кои  ги има многу. Целта беше и останува да биде, создавање простор за разговори  за кои не се потребни да има заклучоци и посебни соопштенија “- изјави домаќинот на Самитот Петр Фиала. Според него , само на тој начин , на иста маса, се најдоа сите кои , инаку, не би се нашле.

„Се собравме за да разговараме, притоа, да не се пазариме околу некој збор, или формулација. А, најзначајното е што сето тоа се направи во критичен момент за Европа – кога поради руската агресија се загрозени стабилноста и безбедноста на континентот“- има речено Фиала.

На таа линија се и завршните зборови на Макрон, кој смета дека најважното е што е разговарано за кризите во Европа, за кризата на Балканот и на Медитеранот. За францускиот претседател е важно што сите на Самитот покажале единство околу „јасната осуда на руската агресија, што  е многу значајно, бидејќи ја истакнува единствената порака која  е испратена до Москва.

Ердоган и Пашинијан

Овој собир овозможи и една историска средба – меѓу турскиот претседател Ердоган и ерменскиот премиер Пашинијан. Лидери на две земји кои немаат никакви односи речиси три децении. Меѓу другото и околу еден над 100 години историски спор.  За тоа дали во 1915 година, во времето на Отоманската Империја, Турците извршиле геноцид врз Ерменците, или дека во војната страдале и едните и другите, како што на тоа инсистира , официјална Анкара.

Но, на Самитот во Прага е постигната согласност за поставување европска посматрачка мисија по линијата на раздвојување меѓу Ерменците и Азербејџанците во реонот на спорниот  Нагорно Карабах.

Што се однесува до Балканците, тие ( и овој пат) не можеа да отидат подалеку . Да се спогодат за нешто , како Азербејџан и Ерменија , или барем да се сретнат , онака од нога, српскиот претседател и хрватскиот премиер.

Наместо тоа, официјален Белград и Хрватска, уште повеќе ја продлабочија кризата во меѓусебните односи, откако стана јасно дека со најновиот пакет санкции за Русија- за прв пат, е опфатена и Србија. Тоа значи дека српската страна не ќе може и натаму да го користи стариот ( од време на Југославија) Јадрански нафтовод, за дотур на нафта ( од Русија) , како што тоа го правеше досега.

Белград и Загреб во нова кавга

Белград  веднаш го обвини Загреб за „корисење на енергијата за политички цели“, уште нарекувајќи ги хрватските власти- „усташки“ – кои сакаат да и  напакостат на Србија – како во 1941 година!

Всушност,  одлуката за тоа да не се изземе Србија од сегашниот седми пакет санкции ( како што се правеше досега) е  одлука на сите 27 земји на ЕУ и е последица на притисокот на Брисел врз Белград да и воведе санкции на Москва и да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на ЕУ- што е обврска како земја кандидат за членство во Унијата.

Станува збор за тоа дека ЕУ не сака повеќе  да ја прифаѕи политиката на седење на „Две столчиња“ , што Србија упорно ја брани, За нејзиниот политички врв, станува збор за политика  на „неутралност“ ,  но Белград притоа се погласно  ја  критикува ЕУ за притисокот, за санкциите и за тоа  што не го врзува изедначува  Косово и бомбардирањето на Белград во 1999 година, со она што Путин денеска и го прави на Украина- анектирајќи ги окупираните украински територии, прогласувајќи ги за руски.

Загреб, пак, од своја страна, објаснува дека во целата ситуација „нема никакво усташтво“ – забраната за пренос нафта за Србија преку Јадранскиот нафтовод се однесува само за руската нафта. За онаа што Србија ја прима од Русија. Нема забрана (ембарго) за нафтата која Белград би ја набавил од било која друга земја во светот.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе