Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Шпанија : Разбиена албанска банда за шверц на луѓе

Шпанија : Разбиена албанска банда за шверц на луѓе

Една банда за шверцување Албанци кои како мигранти илегално биле префрлани во Велика Британија е разбиена во Шпанија, во операција на шпанската и британската полиција и нивните имигрантски служби.

Според соопштенијата и на двете земји, операцијата траела една година и во тоа време се настојувало да се откријат и да се фатат водачите на криминалната банда , но и тоа кој стои зад неа и нејзиното дејствување. Оваа криминална група се занимавала со тајно и нелегално префрлање луѓе од Албанија, преку Шпанија до Британија.

Познато е дека мигрантите плаќале меѓу три и 15 илјади евра за да бидат прошверцувани преку еден ваков илегален коридор од Западен Балкан до Западна Европа и оставени на британска територија.

Од Албанија, преку Шпанија во Британија

Во најголем број , шверцувани се Албанци од Албанија, кои преку северна Шпанија и баскиските градови Билбао и Сантандер – со фериботи и со транспортни бродови , што инаку редовно сообраќаат меѓу двете земји, биле префрлани до британските пристаништа. За оваа операција биле користени јужните англиски пристаништа Портсмут и Саутемптон, како и Ливерпул на западниот британски брег, на Ирско Море.

Засега полицијата и имигрантските служби имаат идентификувано над 50 лица кои биле прошверцувани во Британија, преку овој коридор, но британските власти признаваат дека вистинската бројка на илегалните мигранти, дојдени преку шпанскиот коридор на ја знаат и се стравува дека тешко ќе може да ја утврдат.

Според разработената шема, мигрантите доаѓале во Шпанија, директно од Албанија, но откриено е дека биле шверцувани и луѓе кои веќе биле на шпанска територија, во бегалски кампови уредени околу пристаништата во оваа земја. На дојдените мигранти, шверцерите им обезбедувале сместување и храна, додека чекале да бидат транспортирани. Патувањето, најчесто, се одвивало со големите камиони кои постојано се движат по оваа траса меѓу северот на Шпанија и Британија.

Уапсени водачите на бандата

Шпанската полиција има соопштено дека се уапсени седум лица- двајца во Мадрид и петмина други во реонот на Баскија. Се верува дека меѓу нив се и водачите на бандата.

Сите , главно, живееле во Албанија, но се уапсени во Шпанија, па затоа ќе одговараат според шпанските закони и таму ќе бидат и судени.

Полицијата има запленето многу доказен материјал- мобилни телефони , компутери и банкарски картички , но и пасоши од разни држави. Луѓето- мигранти биле ставани во камионите на долгиот поморски пат, ризикувајќи да настрадаат, како што тоа досега се има повеќепати случено при транспортирањето илегалци во Британија и во земјите од Западот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе