„Бурекот е само со месо – се друго е пита“
Бурекот како јадење го има, повеќе или помалку, насекаде низ Југоисточна Европа, на просторот на некогашната Отоманска Империја, но најмногу на во земјите од некогашна Југославија. Се прави со месо и сирење (урда), или со спанаќ (зелје) и со компир ( во поново време), а се сервира и се продава во тркалезна или четвртаста форма, сечен на четвртини и осмини, или на парчиња.
Во некои земји – како во БиХ или во Македонија, има долга традиција и е претворен во незаменлив дел од локалната кујна. Но, се повеќе се има одомаќено и во Хрватска и Словенија, каде отоманското (турското) влијание било и се уште е многу помало, иако вистински бурекџилници има само во БиХ, во Македонија и во Србија.
Полемика за бурекот
Паралелно со одржувањто на бурекот во кујните на целиот овој регион, после многу векови, тече и една расправа за тоа што е бурек и која е неговата разлика со питата, која традиционално ја има во поширокиот регион , но и низ цела Европа.
Ваквата (забавна) полемика ги има натерано и турските медиуми да се позанимаваат со една ваква расправа, која , инаку, ја имаат покренато босанските бурекџии кои надмено тврдат дека вистински бурек има само во Босна.
Дилемата е – има ли бурек со сирење, а одговорот на бурекџиите од БиХ е дека – такво прашање не се поставува. Односно дека вистинскиот љубител на бурекот не прашува за тоа, затоа што знае дека БУРЕКОТ Е СО МЕСО. Се друго, што се нуди и се продава како бурек е само обична пита- со сирење, зелје или со компири и во најново време со разни други додатоци.
Кај Босанците бурекот е јадење кое се сервира и на домашната, свечена трпеза, па со ќебапчињата е претворен во некаков симбол и на државата.
Категорични Босанци
Турските медиуми откриваат дека во изминатите месеци, за бурекот и за тоа што навистина е бурек, а што пита, се расправало на разни ниво- од заеднички средби и свечени вечери пред некој спортски настан, до регионални државнички состаноци. Заклучокот бил дека како и да се нарекува – бурек, или пита- јадењето останува популарно и се повеќе се бара.
Босанските бурекџии и Босанците воопшто за ова не сакаат ниту да дискутираат.
Тие се категорични – бурекот е бурек и во него нема сирење…ниту зелје, спанаќ, компир, или како што се прави во Македонија „пица-бурек“. Самите истражувачи од турските медиуми се согласуваат со тоа дека во регионот се „намножени разни буреци“, а притоа како никој да не знае дека бурек може да биде само оној кој е полнет со месо.
Збунети се од новите рецњепти за „пица-бурек“, бурек полнет со кулен салама, со праз или зелка, со ѓумбир или дури со моркови.
И во Турција има бурек со сирење
Во Хрватска, каде што бурекот го имаат донесено дојденци од Босна или од Македонија, а сега го прават и домашните пекари, посебно оние во Загреб, ова јадење е мошне популарно, посебно наутро како појадок, за првата пауза на работното место.
И хрватските пекари (велат) дека знаат што е бурек, а што пита, но на крајот признаваат дека – за нив „бурек е се она што се свитува во тесто со месо и се пече“.
За земјите од Балканот, инаку, бурекот потекнува од Турција, но има историски сознанија дека потекнува од турските претци од Средна Азија. Зборот бурек, пак, има турски корен и се однесува на тенко тесто.
Како и да е, во самата Турција, освен со месо, се нуди во разни видови- па се продава и бурек со сирење, со зелје ( спанаќ) . Не им пречи што тоа не е бурек според изворната дефиниција.