Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

ЕУ може да воведе визи за Србија

ЕУ може да воведе визи за Србија

Европската унија и се закани на Србија дека  повторно ќе воведе визи за влез на српските граѓани на територијата на ЕУ , доколку владата во Белград не го усклади својот режим за издавање визи, со оној што го има Унијата.
Ваквото предупредување е испратено од состанокот на европските министри за внатрешни работи , откако официјалните податоци со кои располага Брисел покажуваат дека  значително е зголемен бројот на илегалните влегувања на мигранти во ЕУ преку т.н. Балканска траса.

Најголемиот број од нив влегуваат од територијата на Република Србија, каде доаѓаат без да имаат потреба од српска виза.

Ускладување на визната политика

„Верувам дека Србија ( и другите западнобалкански партнери) ќе соработуваат со нас и ќе ја ускладат својата визна политика  со онаа на ЕУ“- има речено комесарката за внатрешни работи во Европската комисија (ЕК)  Јива Јохансон.

Острата реакција на Унијата доаѓа паралелно со последниот остро интонираниот извештај на ЕК за напредокот на Србија на нејзиниот пат кон Европа. Белград има кандидатски статус и веќе има покренато десетина поглавја ( според старата шема за влез во ЕУ) , но ниту едно не е комплетно завршено.

Освен критиките дека Србија одбива да воведе санкции на Русија, за нејзината инвазија врз Украина и за бруталната војна што ја води во соседната држава, официјален Белград се критикува и за продолжувањето да седи на „две столчиња“ – да зборува за влез во ЕУ и да прима европски пари во сегашната пристапна фаза, а во исто време да има и стратешко партнерство со Москва.

Од Србија затоа се бара , конечно, да се определи на која страна ќе оди- кон Западот или кон Истокот, потоа да ја усклади својата надворешна политика со онаа на ЕУ, што инаку е обврска во преговарачкиот процес за секоја земја- кандидат и да ги среди , со правно обврзувачки договор , односите со Косово.

Награда за непризнавање на Косово

Според европските медиуми, голем број дипломати во Брисел се убедени дека безвизниот режим што Србија го има уредено со некои трети земји, е создаден за наградување на тие држави затоа што не ја признаваат косовската независност  и затоа што редовно гласаат во ОН и во други меѓународни организации –  против приемот на Косово.

На списокот на земјите чии државјани слободно и без визи влегуваат на територијата на Србија  се низа африкански земји, но групата ја предводат Кина, Русија и Белорусија, како и Бурунди, Тунис, Куба, Боливија и Монголија, меѓу другите, за кои, инаку,  е потребна влезна виза за патување во некоја од земјите на ЕУ.

Во 2017 година, Србија ( од истите причини и заговарајќи „неутрална“ позиција) ги укина визите и со Иран. Веднаш потоа, голем број Иранци почнаа засилено да доаѓаат во Белград, а од таму да се префрлаат во ЕУ, користејќи го  режимот на безвизен влез во Унијата од Србија.

Една година подоцна, во 2018 , властите во Белград повторно воведоа визи за иранските државјани, откако Брисел изврши силен притисок врз српските власти , затоа што ЕУ има воведено санкции против режимот во Техеран кон што треба да се усклади и српската политика.

Србија поделена и за визите

Сегашното, најново, остро предупредување од Брисел , официјален Белград го оценува  како „нова закана за Србија“ која е „изложена на  досега невиден притисок“. Предупредувањето  е особено остро пречекано од антизападните и проруските политички сили во власта и на српската политичка сцена кои и порачуваат на ЕУ  дека – „нема да има попуштање“, ниту околу визите.

Другата страна во српското општество, меѓутоа, која настојува земјата да се уреди по европски терк и да стане дел од ЕУ, не мисли така. Проевропските сили сметаат дека заканата е сериозно предупредување пред кое не треба да се има јуначење . Порачувајќи и притоа на власта дека, конечно, треба да се определи- дали воопшто сака да биде дел од обединета Европа.

Српските проруски партии и сили реагираат во „руски стил“- порачувајќи  дека „ЕУ не и треба на Србија  и дека земјата треба да се кренат раце од Европа“.

Во меѓувреме, српската јавност се прави слепа пред продолжениот наплив на илегални мигранти во државата кои ( може лесно да се види) како тие слободно патуваат низ Србија. Префрлајќи се со разни возила, но и одејќи пеш покрај автопатот Ниш-Белград, во помали групи, не поголеми од десетина лица. Од никого не запрени и нелегитимирани.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе