Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лиз Трас премиер за 45 денови

Лиз Трас премиер за 45 денови

Британскиот премиер Елизабет Лиз Трас беше присилена да поднесе оставка на функцијата, откако ја загуби довербата и подршката на  пратеничката  група  на својата Козервативна партија .

На тој начин , кризата во која  подолго време се наоѓаат Ториевците, но и Британија која е тешко погодена од последиците на долгата корона пандемија и европската и глобалната криза во економијата, уште повеќе се продлабочи добивајќи драматични размери.

Трас , во четвртокот (20 октомври) практично, беше речиси  понижувачки набркана од Даунинг стрит 10 , после само 45 денови проведени на премиерската функција .

Беше  обвинета за серијата пресврти во нејзиниот економски план , што го уништи нејзиниот авторитет како премиер. Во кусото обраќање при поднесувањето на оставката Трас призна дека во сегашната ситуација ( во и околу партијата) не ќе може да го испорача мандатот што го доби од конзервативците.

Борбеноста не помогна

Претходно, таа јавно им се извини  на Британците за (погрешните ) потези околу справувањето со кризата, на почетокот на мандатот,  но, навести дека таа е борец и не се предава, па затоа и нема да поднесе оставка, како што бараа опозициските лабуристи.

Напротив, остана на ветувањето дадено при изборот за лидер на конзервативците -дека нејзината влада ќе продолжи да се бори за брзо излегување на земјата од кризата.

Својата борбеност таа ја покажа, кога се определуи да го смени од функцијата министерот за финансии кој и го изработи контроверзниот  план за излез од кризата , што предизвика бранување на берзата, во финансисиските кругови и во бизнисот, иако станува збор за нејзин сојузник и подржувач во долгата изборна кампања по оставката на претходниот премиер Борис Џонсон.

Борбеноста ја потврди и во парламентарната дебата (еден ден пред оставката),  водена  околу кризата, што се одржа во атмосфера која не и  доликува на Британија и на нејзината долговековна парламентарна традиција.

Внатрепартиски превирања

Меѓутоа, наместо намалување на внатрепартиските превирања,  беше покренат нов партиски пуч ( во типичен балкански стил) .

Овој  пат,  го покрена министерката за внатрешни работи и таа со мандат од еден месец и половина , поднесувајќи демонстративна оставка и порачувајќи и на и онака наелектризираната јавност дека „оваа влада не може да функционира“ , а  на премиерката – дека треба да си оди.

По средбата со раководството на партијата и сознанието дека ториевските пратеници и го имаат свртено грбот- исплашени дека  може да ги загубат своите места во Долниот дом на Парламентот, при евентуални предвремени избори- разочарана и повредена, Трас објави дека се повлекува од премиерската позиција.

Исто онака како што тоа и се случи на Тереза Меј и како што Борис Џонсон го соборија неговите најблиски соработници- министри, без разлика што Џонсон беше на неколку пати фатен како ги прекршува нормите и прописите што самиот ги донесуваше.

Партиски пучисти

Но, Меј беше сменета со партиски пуч, само затоа што влезе во судир со Џонсон кој сакаше по секоја цена да биде премиер, наоѓајќи изговор во ( наводно) погрешно уредениот протокол за Северна Ирска, по Брегзит, а се е поочигледно дека на сличен начин  е елиминирана и Трас.

Нејзе за зло и се припишува набрзина направениот мини-буџет што сега се окривува дека ја продлабочил кризата. Таа се откажа од планот , за да се смират берзата и британската јавност, но самобендисаните пратеници и заговорниците , зад сцената, веќе ја казнуваа премиерката.

Има претпоставка дека предводник на тоа е групата која на партиските избори застана против Трас, а зад поранешниот министер за финансии Риши Сунак.

Тоа се  поранешните министри Доминик Раб, Мајкл Гоув, Прити Пател , како и и Суела Брејвеман, која и го зададе последниот удар на Трас, иако јавно се декларираше како нејзин сојузник , поради што и беше определена за шеф на Хоум Офисот.

Се смета дека токму Сунак , ториевец од индиската етничка заедница во Британија ја има предводено групата заговорници. Тој е финански експерт, има работено во банкарскиот и финанскиот сектор и е мошне богат, заедно со сопругата која има свој приватен бизнис, па се смета себе си за најквалификуван за премиер .

Најкус мандат во историјата

Сепак, бизнсот на сопругата  беше  една од причините што тој не ја доби довербата на гласачите меѓу партиското членство -поради  стравот од можен конфликт на интереси- тој премиер , а сопругата води бизнис – иако Сунак се обвинува и дека е виновен колку и Џонсон, околу тајните журки во време на локдаунот поради корона вирусот.

Беше избрана Лиз Трас која имаше чисто минато – брзо напредување во партијата и низ неколкуте ториевски влади- од онаа на Дејвид Камерон, преку Меј и Џонсон кој ја определи и за министерка за надворешни работи – првата жена која го водела Форин Офисот.

После политичката хаварија, како премиер, ќе остане запаметена како последната која примила мандат од сега покојната кралица Елизабета, која почина неполни два дена откако се сретна со Трас и формално и го доделаи премиерскиот мандат.

Но, таа повеќе ќе се памети како премиер со уверливо најкус период поминат на таа функција во британската политичка историја. Досега таа неславна титула ја имаше Џорџ Канинг кој починал во 1827 година, после поминати 119 денови како британски премиер.

Сунак и Џонсон во игра

Во склад со демократската традиција и политичките  стандарди, британските ториевци кои имаат сигурно мнозинство во Парламентот, ќе избираат нов лидер , што автоматски ќе стане и нов премиер. Овој пат. меѓутоа сето тоа ќе се изведе по кратка постапка – до следниот петок (28 октомври) кога ќе се знае новиот човек во Даунинг стрит 10.

Меѓу претендентите за функцијата се споменуваат (одново)  Риши Сунак , како Пени Мордант кои учествуваа и на изборите што ги доби Трас. Некои медиуми најавуваат дека во трката би можел да се вклучи и Борис Џонсон, иако таа информација никој не ја потврдува , но не ја ниту демантира.

Британските опозициски партии заговараат педвремемни избори, надевајќи се дека може да заработат на незадоволството на гласачите од она што го прават конзервативците, без разлика што пред 2,5 години, Британците им подарија најголемо мнозинство во последните триипол децении.

Шансите за тоа, сепак,  се сосема мали , иако се би можело да се случи доколку ториевците се определат за партиски лидер кој нема да успее да ги контролира своите пратеници. Онака како што не успеа ниту Лиз Трас во своите два месеци како лидер на Конзервативната партија.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе