Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Лицитирање за тоа чиј е Риши Сунак

Лицитирање за тоа чиј е Риши Сунак

Именувањето на Риши Сунак за британски премиер, првиот во  историјата и политиката на Британија со азиско- индиско потекло – предизвика воодушевена реакција во цела Азија, а далеку најмногу во Индија од каде потекнува.

Индија е посебно горда што „еден нејзин син“ е избран од британските конзервативци да го води Обединетото кралство кое до пред 75 години ја имаше Индија под своја власт- како најголемата колонија на некогашната британска империја.

Многу индиски градови се прошарани со билборди што „нивниот Риши“- угледен лондонски економист и политиколог, школуван и образуван во Оксфорд,  ја презема улогата на спасител на британската економија, што подолго време боледува од нестабилност, но која сега се наоѓа во сериозна криза.

Најбогат британски парламентарец

Сунак  веќе на 42 години важи за мошне богат, работејќи во светот на финансиите и големиот бизнис, но и затоа што е оженет за ќерката на еден од индиските милијардери. Освен тоа,  тие двајцата, како брачна двојка,  заедно, имаат покренато повеќе бизнис- фирми заокружувајќи го на тој начин,  своето лично богатство.

Но, во сегашната ситуација во Британија, ќе нема време да се одмара врз славата што ја постигна во  земјата во која пред многу години се доселени неговите родители, како  и на својот  молскавичен  лет во врвот на британската политика.

Неговата ториевска партија која го избра за наследник на Лиз Трас, доскорешната премиерка, како и британските гласачи и земјата, очекуваат од него брзи потези за олеснување на ситуацијата во која сите се наоѓаат.

Тоа од него постојано го бараат и лондонските медиуми, посебно оние од левицата , кои се уште не веруваат дека еден многу богат политичар – со лично богатство  од 730 милиони фунти – и воспитаник на конзервативците,  ќе биде различен од Борис Џонсон во определувањето на мерките за санација на економијата и за запирање на ифлацијата од која страдаат обичните Британци.

Индија не го дава Риши

Токму тие медиуми  први објавија дека Сунак и неговата сопруга- новата прва дама на Британија- ќе мора да ја напуштат својата голема и скапа вила за да живеат во далеку поскромната и помала резиденција сместена во Даунинг стрит 10, со опремета што таа веќе ја има.

Додека брачната двојка Сунак/Акшата Мурти се вселува во новиот дом, верувајќи дека таму ќе остане барем  до редовните парламентарни избори за околу две години, неколку земји од Азија и Африка лицитираат околу тоа чие потекло, навистина , има новиот премиер на Британија кој , инаку, е роден во Англија, во Саутхемптон.

Прва е Индија која не сака ниту да расправа за тоа – какво потекло има Сунак. За индиската јавност нема никакво сомневање дека тој е од индиски потекло. Но, соседен Пакистан, исто така тврди дека Риши е „пакистанско дете“, затоа што родителите му се од поделениот Пенџаб, бидејќи неговиот дедо Рамдас Сунак бил роден во пакистанскиот дел од оваа голема територија.

Конкуренти на три континенти

Во полемиката на ове две соседни и главно непријателски земји, од Азија, се вклучи Кенија.

Таткото на британскиот премиер, Јашвир Сунак се родил во Кенија каде се доселило семејството од Азија во Африка, односно од една британска колонија во друга, па  сега и Кенијците претендираат на потеклото на премиерот во Лоднон. Конечно, во трката за тоа чиј е Риши, влезе и Јужна Африка, уште една британска колонија, во која е родена мајката на Сунак.

На сето тоа, уште еднаш се огласи  Индија – со нови аргументи-   претендирајќи  дека Риши Сунак е и нивни зет, затоа што е оженет со ќерката на Нарајан Мурти  сопственик и претседател на компанијата ИТ Инфосис, што се заедно го прави да биде уште повеќе – Индиец.

На крајот , во ова своевидно „бојно поле“ , по малку неочекувано, се вклучи и Америка. Од таму велат дека сопругата на Риши Сунак е американска државјанка , затоа што таму има студирано, па од тоа прават заклучок дека британскиот премиер може да се третира и како – американски зет.

Засега , не се знае како на ова реагира Риши Сунак . Но , очигледно е дека доколку воопшто би посакал да го менува својот етнички идентитет, ако е тоа можно, работата би била мошне компликувана – затоа што за неговиот идентитет  се натпреваруваат неколку  земји- на три континенти.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе