Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Ердоган најавува војна против Курдите

Ердоган најавува војна против Курдите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека неговата земја  ќе покрене широка копнена  воена операција против Курдите на северот од Сирија и во пограничната зона на сириско-турската граница , со користење на тенкови и копнени сили , во знак за одмазда за терористичкиот напад во Истанбул на 13 ноември  во кој беа убиени шест лица, а стотина други беа полесно и потешко овредени.

Ердоган за нападот во истанбулскиот трговски кварт Таксим, веднаш ги обвини Курдската работничка партија, која инаку е забранета во Турција, како и курдските милитанти, поврзани со курдската милиција ИПГ која дејствува само на сириска територија.

Никој досега на се огласи да ја прифати одговорноста за нападот во Истанбул, а курдската партија и сириските Курди демантираа дека стојат зад нападот. Освен, наводно, уапсените кои се тврди дека признале оти нападот го извршиле „по налог на Курдската работничка парија“.

Одмазда за нападот во Истанбул

Меѓутоа, турскиот претседател уште од Самитот на групата Г-20, во Индонезија,  во чија работа учествуваше, се огласи со обвинување упатено кон турските Курди , заканувајќи се со одмазда. Во меѓувреме, турските воени авиони неколку денови веќе ги имаат бомбардирано позициите на Курдите на северот од Сирија.

Според тврдењето на курдската страна, во овие напади има триесетина убиени, меѓу кои и цивили од пограничните села.

Сегашната најава за широка копнена операција која (веројатно) ќе ги опфати и нападите врз  Курдите во северен Ирак, значи обнова на војната на турската армија со курдската милиција , за која официјална Анкара тврди дека е во сојуз со забранетата курдска партија во Турција. Таа постојано се обвинува дека заговара автономија за Курдистан и за тоа користи насилни и терористчки средства.

Станува збор за територија населена и со курдско  население, која во најголемиот дел е во составот на Република Турција, но која опфаќа и делови од северот на Сирија, од северозападен Ирак , како и од крајните западени делови на Иран.

ИПГ сојузник  против џихадистите

Целта на новото покренување војна со Курдите е за да се „уништат терористите“ кои – како што вели турската страна- навлегуваат од сириска територија во Турција. Сегашната операција се оправдува и со реакцијата на курдските милиции во северна Сирија кои возвратија со оган, на нападите на турската авијација.

Ердоган, затоа, и најавува воена пресметка, за да се „исчисти“ целиот тој реон од милицијата, која инаку, има одиграно голема улога во пресметката на Западот и посебно на Американците, во војната со терористичката организација Исламска држава.

Се до ликвидацијата на нејзиниот лидер Ал Багдади, ИПГ практично,  беа и најважниот сојузник на САД и на Западот, во чистењето на северот од Сирија и Блискиот Исток од џихадистите во тој дел од светот и на северот од Африка. Американците имаа подршка од оваа курдска милиција која, според американски воени експерти, се имаат покажано како „извонредни сојузници“.

Москва бара воздржаност

Од САД тие имаат добиено и ограничени количества оружје, што  предизвикува незадоволство на Анкара која постојани бара да се прекине дотурот на вооружување и опрема на Курдите, затоа што ( се тврди) дека тие се „закана за турската безбедност во пограничната зона“.

Како аргумент за тоа, Турција сега  тврди дека припадници на ИГП, во возвратен оган, со минобацачи од територијата на Сирија  имаат убиено три лица на турска територија- информација која никој друг ја нема потврдено.

Во целата оваа ситуација се замеша Русија, која како што јавуваат медиуми, било побарано од Ердоган да биде воздржан и да спречи  натамошна ескалација на ситуацијата во инаку се уште крајно небезбедната Сирија чии последици од долгата граѓанска војна не се надминати.

Русите се во Сирија бранејќи го режимот на Башар ал Асад во Дамаск, за што имаат од подамна обезбедено за себе две свои бази во Латакија на сирискиот медитерански брег.

„Русија не се држи за договорот“

Реакцијата на Москва доаѓа по изјавата на Ердоган  дека турската операција во Сирија, означена како „Канџа-меч“, која  се предвидува да ги опфаќа и нападите и акците  врз делови на Ирак, населена со курдско население, се последица на „неизвршените руски ветувања – дека ќе обезбедат повлекување на курдските единици од турската граница“.

Според Ердоган, Анкара повеќепати ја предупредувала Москва дека таа  е задолжена  за повлекувањето на „терористите“ од северот на Сирија и  Ирак.

„За тоа  постои и договор на двете земји, направен во Сочи во 2019 година, кој Русија постојано одбива да го изврши“- има речено турскиот претседател, додавајќи дека за својата операција во Сирија не ги известил ниту Русија, а ниту Америка.

(И.Т.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе