Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Москва има план за анексија на Белорусија

Москва има план за анексија на Белорусија

Во деновите од годишнината од инвазијата врз Украина и анексијата на делови од нејзината територија, се обелодени план на Москва за анексија на целата Белорусија во составот на Руската Федерација.

Засега нема реакција во Минск, каде белорускиот вечен претседател Александар Лукашенко , во секоја прилика што ќе му се укаже , ја истакнува својата верност и лојалност  кон Владимир Путин и Русија.

Но, затоа,  реакција има од лидерот на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја, која од бегалство порача  дека доколку тоа, навистина, би се случило, тогаш би било невозможно враќањето на демократијата во Белорусија. Според неа, невозможен е демократски пат за оваа источноевропска земја, доколку таа стане дел од Русија.

Застрашувачки план

„Во овој случај не би станувало збор ниту за некаква унија на еднакви и рамноправни. Станува збор за план со кој Белорусија би била целосно апсорбирана и претопена во Русија“- има речено Тихановскаја. Планот кој како случајно се „откри“ во деновите околу годишнината од руската инвазија, претставува закана за Белорусија и за белорускиот народ- да го загуби целосно својот идентитет.

Европски медиуми тврдат дека планот бил направен во 2021 година, од администрацијата во Кремљ , за да унијата меѓу двете земји целосно биде завршена до 2030 година. Но, проценка е дека процесот за анектирање на Белорусија би можел да биде завршен и пред тој рок.

Анализите тргнуваат од тоа дека станува збор за „застрашувачки план“  за една анексија која би била со политичко-економски, но и со воено-безбедносен предзнак. Таа целосно би задушила една независна, иако недемократска држава , во која со години на ред сурово се гази демократијата и на чие чело е шеф на државата кој со неа владее како што тој сака, безмалку 25 години.

Губење на сувереноста

Како и да е, станува збор за целосно интегрирање на Белорусија и Русија , при што белоруските закони ќе бидат заменети со руските или приспособени со законите на Руската Федерација.

Така споени , двете земји ќе ја координираат нивната трговска и економска политика , при што Минск ќе треба да го прифати  инсистирањето на Москва за доминација на рускиот јазик и руската култура во она што Путин го означува како „руски двор“ , а тоа е просторот што ја опкружува Русија каде (со планот) мора да се воспостави руската хегемонија.

Како и да е, анексијата би го уништило се она што е останато од белоруската  сувереност како посебен меѓународен субјект, сведувајќи ја државата од 9,5 милиони жители во обичен руски сателит.

Закана за соседството

Нејзиното население и посебно Белорусите ќе се најдат ставени на милост и немилост на проритетите на Кремљ- во земјодекството, индустријата и стопанството, но и во воените работи и разузнавањето.Претпоставката е дека целта на анексијата би била од Белорусија да се создаде некаква голема „тампон зона“ на Русија, наспроти НАТО.

Од меѓународен аспект, ова би било уште едно руско газење на меѓународното право и на меѓународните односи во Европа. Конечно, анексијата на Белорусија би претставувала закана за најблиското руско соседство.

Пред се, за земјите од Балтикот што еднаш Сталин ги има анектирано и насила приклучено кон СССР, но и за Полска која има долга историја на покорувања, окупации и анексии, како во царски времиња, така и во времето на сталиновата диктатура, по поделбата на земјата меѓу нацистичка Германија и комунистичкиот Советски Сојуз.

Пион во геостратешката игра

Политички експери веруваат дека планот претставува стратегија на Путин кој е опседнат со идејата да го обнови СССР, но и на самиот Лукашенко кој на тој начин би станал доживотен претседател, кого потоа би го наследил неговиот син.

Проценка е дека за планот долго имаат  разговарано сегашните лидери на двете земји, особено откако се провали тајната дека се зборувало и за културолошкото и политичкото вовлекување на Белорусија во рамките на Русија, без разлика што во една таква ситуација Белорусија би се претворила во најобичен пион во руската геостратешка игра.

Она што засега е нејасно, тоа е развлекувањето на планот за анексија се  до 2030 година. Или уште повеќе, нејасно е дали со планот се опфатени и други земји.

Прво, Украина и колку од нејзината сегашна територија, потоа Грузија, на која Русија веќе и ги има одземено Абхазија и Осетија, како и Молдавија, каде Москва гради ситуација на криза и се заканува околу сепаратистичката област Транснистрија (Придњестровје).

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе