Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ерусалим на Пасха, Велигден и Рамазан

Ерусалим на Пасха, Велигден и Рамазан

Протестите против реформите во правосудството во Израел продолжуваат, независно од зголемената напнатост и вооружените напади што одново избувнаа меѓу израелските воени сили и палестински милитанти во регионот.

Ова доаѓа по терористичкиот напад во Тел Авив минатата недела, кога од автомобил што се втурна во група пешаци покрај градската плажа, управуван од израелски Арап, како што соопшти полицијата, загина италијански турист, а седумнина други странски туристи беа повредени.

Ден потоа се случи убиството на две сестри со еврејско-британско потекло, додека патувале кон градот Тиберија, а потоа и убиството на еден Палестинец, на Западниот брег.

Премиерот над правосудството

Десетици илјади демонстранти за време на празничниот викенд, кога христијаните го славеа  Велигден, Евреите – светата недела „Песах“ (Пасха), а муслиманите ги празнуваат рамазанските пости, на протестите во Тел Авив и во уште неколку градови низ Израел, одново се протестираше за законските измени со кои премиерот Бенјамин Нетанјаху планира да се постави над правосудсните органи во земјата.

Демонстрантите одново порачаа дека „безбедноста е една работа, но реформите што ги загрозуваат основите на демократијата во Израел – се сосема друга работа и не смеат да поминат“.

Противниците на судските реформи предупредуваат  дека премиерот Нетанјаху, кој е на власт скоро 20 години, со неговите планови за контрола на судството,  ја нарушува безбедноста во земјата – (резервниот состав на војската, но и воени лица, во знак на протест против реформите , одбија да стапат на служба, што е прв таков случај). Но, тој ги нарушува и односите на Израел со меѓународните партнери. Особено со САД од каде дојдоа остри критики за намерите на владата.

Напнатоста трае предолго

 

Нетанјаху, пак, кој со поддршка од радикалните, ултра- десничарски коалициски партнери, се одржува на власт, продолжува да се залага за владина интервенција при изборот на судии и одлуки на Врховниот суд во земјата.

Кулминацијата на протестите, беше  затворањето на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив, на крајот од март,  по  што премиерот ,привремено,  го одложи стапувањето во сила на спорната легислатива. Но, тоа траеше кратко. Веднаш по велигденскиот викенд разговорите за судските реформи продолжија, како со коалициските партнери, кои ги подржуваат реформите, така и со претседателот на државата Исак Херцог .

Политичката и безбедносната напнатоста во Израел, во секој случај,  се чувствува подолго време.

Протестите против судските реформи траат повеќе од три месеци, затоа што  според голем број Израелци тие се “скроени” за да го заштитат Нетанјаху и неговиот најтесен круг соработници од истраги и гонење за злоупотреба на функцијата. Откако во 2019 година против него беше покренато обвинение по неколку основи – прекршување на довербата, примање поткуп и измама, а судскиот процес се уште трае.

Спасување на Нетанјаху

Токму  неговото  силно инсистирање на реформите, остава простор за сомнеж дека преку нив  сака да се „ослободи“ од обвиненијата. Затоа, поголеми или помали групи луѓе секојднедвно се собираат на протести, со истакнати израелски знамиња и пароли против најавената легислатива, на разни места низ Израел и во секое време.

Демонстранти има на клучните автопатишта, блокирајќи го и без тоа густиот сообраќај во земјата, на мостови и клучки – предизвикувајќи долги колони возила и чекање со часови, а групи со знамиња и анти- владини пароли се среќаваат и на места во близина на туристички локалитети, во пустинските делови на Израел, долж граничните огради со Западниот брег и во близина на Мртво море.

Деталното разгледување на Тел Авив, очекувано од туристите, кои се таму, во последните недели , главно,  се сведува на обиколка со автобус по авенијата покрај градската плажа и фрлање поглед од далечина на новите модерни висококатници. Само за да се одбегне евентуална блокада од демонстрантите во централните делови на градот.

Стариот Ерусалим- ризично место

Во Ерусалим, пак, најпосетуваниот град во Израел од туристи и верници од светот, во неделите пред Велигден, напнатоста како да “висеше во воздухот”.

Израелските туристички водичи внимателно ги одбегнуваат политичките теми, држејќи се до историските и верски приказни, но ги избегнуваат и локациите на можна средба меѓу странските посетитетли и демонстрантите. Туристичките групи се насочувани подалеку од места на кои е можна каква било “искра” од верски , или од политички карактер, ризична за странските посетителите.

Низ тесните улички и камени градби со високи ѕидови во стариот дел на Ерусалим, низ шаренилото сувенири, ориентална храна и предмети што на туристите им се нудат за верски ритуали, редовна глетка се и воените патроли и контролни пунктови, особено на премините од муслимнскиот во еврејскиот кварт, од еврејскиот во христијанскиот итн.

Групи војници се мешаат со верски лица од сите деноминации, очигледно, и едните и другите сметајќи дека нивното присуство е неминовно во Светиот град.

Војници меѓу верниците

Заобиколувана локација за дел од посетителите, во последните недели, беше и плоштадот кај  џамијата Ал Акса, во исламскиот дел од градот. Изговорот беше  дека за време на Рамазанските пости муслиманските верници не треба да бидат вознемирувани од толпи туристи, иако златната Купола на карпата доминира оддалеку на Ридот на храмовите, и побудува љубопитност кај посетитетлите на Ерусалим.

Токму таму, во џамијата Ал Акса, третото најсвето место во Исламот, всушност, почна најновиот вртлог насилство во Израел.

Израелската полиција, само неколку дена по кулминацијата на протестите против владата на Нетанјаху, се втурна во џамијата, за време на вечерна молитва, тврдејќи дека маскирани лица со пиротехника и камења се забарикадирани во верскиот објект.

По сликите од жестоката полициска интервенција и насилство во џамијата во обид „маскираните поттикнувачи на нереди да бидат протерани“, како што стои во полициското соопштение. По апсењето на околу 350 лица, следеа ракетни напади од Појасот Газа, а потоа и од териоторија на Западниот Брег и Либан, на што израелската војска возврати.

Изолирање на Ридот на храмовите

На ова место, во мај 2021, по слична израелска интервенција, следеше 11- дневен тежок конфликт меѓу Израел и Хамас, исламската милитантна група која управува со Газа.

Насилни судири за време на Рамазанските пости и светата недела Пасха за Евреите, имаше и минатата година, кога за прв пат по три децении празнувањата на двете заедници се совпаднаа во исто време, како и годинава.

Токму од овие причини е и загриженоста кај локалното население. Тие од една страна се радуваат поради огромниот број посетители за верските церемонии, христијански и муслимански, но од друга страна стравуваат од посериозно разгорување на насилства, особено во последните денови од Рамазан.

И светот реагира со загриженост поради новиот бран насилство во Израел и регионот.

Загриженост за мирот во регионот

Американскиот Стејт департмент, од каде што редовно илјадници туристи патуваат во Израел, уште пред убиството на италијанскиот турист во Тел Авив, објави предупредување дека „терористички групи, или поединци заговараат можни напади во Израел, Западниот Брег и Газа, целејќи кон туристички локации, транспортни и трговски центри“.

По разгорувањето на насилствата, официјален Вашингтон додаде дека „САД се во тесен контакт со израелските партнери и ги реафирмираат заложбите за безбедност во земјата“, иако државниот секретар Антони Блинкен претходно, на заедничка прес-конференција со Нетанјаху, во врска со судската легислатива остро предупреди на „последици од израелското излегување од сегашната демократска патека“.

Дали ова, меѓу редови, подразбира и сигнал за можно ублажување на спорните реформи во правосудството. Засега, тоа не се насетува.

(Б.Г.)  Извештај од Ерусалим

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе