Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Унгарија со највисока инфлација во ЕУ

Унгарија со највисока инфлација во ЕУ

Унгарија , некогашна источноевропска држава која служеше за пример, откако како членка на „Вишеградската четворка“  прва тргна со транзицијата од комунизмот кон демократскиот свет,  Западот и ЕУ, сега, со автократската власт на Виктор Орбан, назадаува како никогаш до сега во изминатите 30 години.

Не само кога станува збор за демократските процеси кои „Орбановци“ ги уништија , заробувајќи ја државата , претворајќи ја во приватна „фирма“ на семоќниот лидер и на неговата „нова класа“ што тој  ја има создадено во текот на своите над 11 години владеење, туку земјата тоне и на економско-финансиски план.

Најновите податоци на Евростат ( статистичката агенција на ЕУ) покажуваат дека токму Унгарија е во најлоша ситуција меѓу државите  од Унијата- кога станува збор за инфлацијата и скапотијата – далеку потешка и онаа во  Словачка, или во Хрватска и во една Бугарија.

Просечна плата од 820 евра

Над 45 отсто изнесува скокот на цените на храната и на основните прехранбени производи.

Само во март годинава, цените на храната се  повисоки за 20 отсто, во споредба со истиот месец во минатата година, што е многу повеќе отколку во сите други земји, а посебно во оние од Западот. Анализите притоа покажуваат дека токму скапотијата на храната ја има покренато инфлацијата, која е највисока во ЕУ и покрај намалувањето на цените на енергијата.

Според Евростат, унгарската ситуација е далеку најлоша, затоа што второрангираната Словачка, на една ваква табела, бележи зголемување на цените на храната од 29 отсто. Лебот,млекото, јајцата, месото и путерот- производи кои инаку се произведуваат во Унгарија, се два пати поскапи, а некои артикли се поскапени и над 70 и 80 отсто.

Ваквата ситуација директно го има загрозено животниот стандард на населението во земјата, каде просечната месечна плата изнесува 820 евра. Тоа е помалку и од помалите земји членки- Словенија и Хрватска.

Три пати повисока инфлација

Кризата и скапотијата, предизвика оваа некогашна комунистичка земја, лојален сојузник на поранешниот СССР, од држава во која се одеше на шопинг, на провод и за купување на поевтина  храна- како што се познатите унгарски колбаси, или шунката- сега да се заобиколува и да се одминува. Поради скапотијата  која ги погаѓа Унгарците, ги одвраќа и странците и покрај драстичниот пад на вредноста на унгарската форинта, чие девалвирање не може да се запре.

Економски и финансиски експерти во Будимпешта признаваат дека станува збор за „историски висока девалвација“ на домашната валута, која само уште повеќе ја засилува екстремно високата инфлација.

Во Унгарија таа изнесува над 26 отсто, додека на ниво на ЕУ постојано се намалува и на крајот од март изнесуваше 6,5 отсто. Повеќе од три пати, унгарската инфлација е повисока од онаа на целата ЕУ.

Пропаѓање на домашната форинта

Европските медиуми кои се занимаваат со случајот на Унгарија- земјата која се означува како „Тројанскиот коњ“ на путинова Русија во ЕУ- забележуваат дека кризата во економијата и во финансиите е европска и таа не ја погодува само оваа држава.

Животните трошоци, во секој случај,  се насекаде низ ЕУ повисоки од претходните години.

Прво, поради три годишната пандемија со корона вирусот, а последниве 14 месеци и од војната што Русија и ја наметна на Украина.

Но проценка  на унгарските експерти е дека вината за ваквата сегашна состојба во земјата е најмногу поради  неефикасноста на унгарското земјоделство и на домашната прехранбена индустрија. Сето тоа, силно „зачинето“ со големото пропаѓање на домашната форинта .

Унгарија е голем производител на храна- главно на  пченица, пченка, на маслодајни растенија, како и на месо. Сепак, над 30 отсто од храната и од прехранбените производи во унгарските продавници се увезени од странство.

Национализам наместо реформи

Во услови на постојано  девалвирање на домашната валута, цените никако не може да се контролираат. Во 2022 година, форинтата ја има загубено својата вредност дури за 40 отсто, во однос на американскиот долар и над 20 отсто во однос на еврото.

Во тие и такви услови, орбановата власт на Унгарците продолжува да им ја продава својата деспотија – како успех. Обвинувајќи ги притоа  сите околу- а пред се, ЕУ со чија помош, инаку, комунистичка Унгарија се има препородено, затоа што Брисел  на Орбан му има блокирано  девет милијарди евра од предвидената помош за постковид санација.

Наместо неопходните реформи, власта ги продава историските приказни за т.н. „голема Унгарија“ – омилена постапка на сите авторитарни режими кога на луѓето  не може да се понуди ништо друго- освен национализам.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе