Полска го преименува Калининград
Владата на Полска соопшти дека одлучила да го смени името на руската енклава Калининград, што е сместена меѓу Полска и Литванија, на самата северна полска граница, враќајќи го неговиот стар полски назив-Кролевиц.
Во соопштението на владата во Варшава се вели дека ваквото решение било донесено врз основа на препораката на државната комисија за топонимија. Всусшност, преименувањето на Калининград, во основа, значи враќање на старото, полско име Кролевиц за историскиот, пруски град Кенингсберг.
Кенингсберг од 13 век
„Не сакаме русификација на Полска, па затоа и е донесена одлуката- Калининград и областа во која е лоциран – во иднина да се нарекуваат и да се означуваат на полски јазик“-изјавил полскиот министер за развој Валдемар Буда.
На сите географски и политички карти , како и на сите официјални полски документи ќе се избрише сегашното руски име на градот и на енклавата и ќе се замени со името кое Полјаците го имаат користено во минатото.
Градот е основан уште во средината на 13 век, во 1255 година, како Кенингсберг ( на полски Кролевиц) и по тоа германско име беше познат се до 4 јули 1946 година. После Втората светска војна , градот беше анектиран од Советскиот Сојуз, па се најде во рамките на поранешниот СССР.
Етничко чистење после 1946 година
Русите веднаш му го сменија името во Калининград, во чест на советскиот болшевик и револуционер од времето на Октомвриската револуција Михаил Калинин. Тој му беше близок соработник на Сталин , член на Политбирото на КПСС и висок државен функционер на некогашниот СССР.
Веднаш по окупацијата и анексијата, Калининград беше изложен на силно етничко чистење од до тогаш доминантното германско население. Над 95 отсто од населението пред војната беа Германци , или лица кои зборуваа само германски јазик.
Сега нема ниту еден. Советските власти , речиси, насила во областа преселуваа Руси од другите делови на СССР за да ја комплетираат неговата русификација.
Во Варшава, ваквата одлука се оправдува и со мачното сеќавање на полската јавност за масовното ликвидирање на десетици илјади заробени полски офицери и војници, на преткомунистичка Полска од страна на советските власти, извршено во Катинската шума во 1940 година.
Бурна реакција од Москва
„Фактот дека на еден голем град, сместен блиску до нашата граница му е дадено името на Калинин, еден од виновниците за злосторството со масовната ликвидација, предизвикуваше во Полска мошне негативни чувства“- има речено полскиот министер Буда.
Михаил Калинин, инаку, беше еден од шестмината советски функционери, потписници на наредбата да се стрелаат сите 22 илјади полски воени заробеници.
Во Москва, пак се имаат огласено со бурна реакција, нарекувајќи го гестот на Ватшава како „лудило“.
Портпаролот на Кремљ има изјавено дека „повеќе не се работи за русофобија, туку за тоа дека во Полска се случуваат процеси кои се на границата од лудило“- рекол Дмитри Песков, според кого „оваа состојба не и носи ништо добро на Полска и претставува непријателско дејствување“.
Енклава како воена тврдина
Руската инвазија врз Украина и силната пропаганда на Москва, меѓутоа, ја имаат натерано Полска да ги преиспита сите контроверзни и наметнати имиња, има објавено полскиот комитет за топонимија , инсистирајќи дека секоја земја има право – на својот јазик- да користи традиционални имиња кои се дел од нејзиното културно наследство.
Самите Руси извршија замена на имињата на низа свои градови во годините на посткомунизмот. Ленинград, на пример, го преименуваа во неговото старо, исторско име Сенкт Петербург.
Калининград (Кролевиц) остана дел од Русија и после распадот на СССР, сега како посебна енклава на Балтичко море, која не е директно поврзана со руската државна територија.
Во пристаништето Балтијск од енклавата е сместена руската балтичка воена флота и тоа е едно од пристаништата со стратешко значење, затоа што е на море кое не замрзнува. На територијата на енклавата Русите имаат донесено големо количество ракетно и секакво друго оружје, како и противоздушни ракетни системи.