Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Со лажни вести до победа на Ердоган

Со лажни вести до победа на Ердоган

Турција во втор круг ќе одбере кој ќе биде претседател на државата-  Реџеп Таип Ердоган кој е над 20 години на власт, или Кемал Киличдароглу, зад кого стои блок од шест опозициски партии.

Во вториот изборен круг на 28 мај Ердоган влегува со предност, откако за малку не успеа да освои над 50 отсто од гласовите, што се смета за изненадување. Сите прогнози на бројни турски агенции за испитување на јавното мислење му даваа предност на Киличдароглу.

Некои агенции  предвидуваа дека тој би можел да победи уште во првот круг, но таквите прогнози се покажаа како избрзани и погрешни. И покрај инфлацијата од над 50 отсто, депресираната турска лира, поскапувањето на животот, корупцијата и непотизмот, а пред се, со целосното неснаоѓање и задоцнетата реакција на ердогановата влада по катастрофалните земјотреси, во кои загинаа 60 илјади лица, актуелниот претседател успеа да го доби првиот изборен круг.

„Новата класа“ за својот лидер

Навистина, ова е прв пат Ердоган и неговата АК партија да мора да одат на „поправен испит“ , но факт е дека изборните прогнози сосема потфрлија. Тие  не го имаат земено во предвид фактот дека после 2о години  (султанско) владеење веќе е создаден една бројна, ердоганова,  нова класа, која лојално на изборите гласа за лидерот .

Припадниците на тој дел од турското општество, стравуваат дека без Ердоган може да ги загубат  придобивките и привилегиите што на разни начини  ги имаат стекнато. Згора на тоа, агенциите изгледа наивно веруваа дека АК партијата, Ердоган и неговиот изборен штаб ќе играат чесно. Особено што сите предвидуваа дека овие избори ќе бидат крајно неизвесни.

Тоа се покажа , кога на  неколку денови пред гласањето , од изборната трка се повлече  Мухарем Инџе, еден од противкандидатите на Ердоган, обвинувајќи ги медиумите, а посебно интернет, за ширење лажни вести и дезинформации за него. Набргу по тоа , се огласи и Киличдароглу кој директно  ја обвини Русија дека се меша во изборите на Турција, во полза на Ердоган, ширејќи дезинформации.

Јавноста верува во дезинформации

Лидерот на опозицискиот блок  тогаш не даде повеќе детали за обвинувањата упатени кон Москва. Од Русија после два дена стигна ( како што се очекуваше) демант . Сепак, по завршувањето на првиот круг се откри дека во своите завршни настапи пред гласачите, Ердоган им „продавал“ измислени работи, лаги  и фабрикувани слики, директно насочени против Киличдароглу.

Не се знае дали руската страна, која има силно искуство во  мешањето во странски изборни процеси, стои зад сето ова, но проценка е дека таквите валканци  на актуелниот претеседател, имале силно влијаено врз резултатите од првиот изборен круг.

Особено што турските медиумски експерти откриваат дека голем дел од домашната јавност-гласачите , не им веруваат на весниците и на главните тв станици, па за вестите (најчесто) се информираат од интернет и од социјалните мрежи.

Таму е водена и битката меѓу двата изборни табори и таму Ердоган- со подршка на Москва, или без неа- ја има добиено битката во успешното пласирање на лажните вести.

Измислен „сојуз“ со ПКК

Најголемата измислица пласирана пред првиот круг е  за тоа дека Киличдароглу е  поврзан со  Курдистанската работничка партија (ПКК). Милитантна курдска организација која едно време бараше создавање независна држава на Курдите, која во Турција е прогласена за терористичка организација. Но, за таква е прогласена и во ЕУ и во САД.

„Дали моите граѓани би гласале за ова“- прашал Ердоган на еден митинг, а веднаш потоа, на големиот екран зад него, се појавила (наводна) снимка од тековната изборна кампања , на која Киличдароглу повикува- „Одиме заедно до гласачките кутии“.

Неколку секунди потоа, на екранот  се појавува  друго лице, во војничка униформа- Мурат Карајилан , еден од основачите на ПКК, кој (наводно) му дава подршка на лидерот на опозицијата.

Пораката  на Ердоган што тој им ја има продадено на своите гласачи требаше да биде дека неговиот противкандидат- секуларен кандидат на една нова, секуларна Турција што тој ја заговара- има направено сојуз со  курдските терористи!

Лажна болест на Ердоган ?

Експерти за компјутерска техника брзо имаат утврдено дека станува збор за измама, за класичен случај на лажмна, измислена вест и за валкан трик  со т.н. дип-фејк снимка за залажување на јавноста и за наштетување на политичкиот противник. Но, утврдено е дека голем број турски гласачи го прифатиле лажниот спот на  Ердоган за вистина.

„Да беше избран Киличдароглу, сега ќе имавме власт со терористите на ПКК . Тој ќе делеше власт со нив“ – е пораката од една улична анкета направена во Истанбук, веднаш по објавувањето на изборните резултати.

Особено што против својот политички противник, се пласирани  и делови од новински текст за тоа дека опозиционерот (божем )  бил осуден за измама во 1996 година. Но во оригиналниот текст , се гледа дека не само што не бил осуден , туку дека тој има осудено една измама, откриена во турската агенција за социјално осигурување.

Сега се смета дека како измама треба да се гледа и на наводната болест на Ердоган, за време на едно обраќање на една локална телевизија. Тогаш претседателот се  пожалил дека не се чувствува добро-  па веднаш  се повлекол. Но по 15 минути , неочекувано,  се вратил во студиото  и продолжил да зборува – како ништо да не било.

Фејк-њуз и дип-фејк видеа

Медиумите и политичките аналитичари во Истанбул и Анкара зборуваат за вистинска лавина од дезинформации и лажни вести со која беше одбележана и кампањата за изборите и самото гласање, кое се согласуваат дека , сепак, минало без поголеми инциденти.

Киличдароглу, пак, постојано предупредува дека Ердоган има регрутирано за себе странски хакери кои подготвуваат  лаги и  лажни видео снимки за  борба против политичките противници. Првиот круг  покажа дека беше во право, иако дел од јавноста сметаше дека можеби претерува со тоа.

Сето ова само потврдува  дека „султанот“ , прв пат,  се има почувствувано загрозен, па затоа има создадено цел штаб за фејк-њуз и за дип-фејк видео материјали. Тоа  е мала утеха за опозицијата која сега се соочува со нов изборен круг.

Тој круг веќе е прогласен за неизвесен, иако Ердоган и неговите приврзеници, како и оние кои го подржуваат- дома и во странство- веќе сметаат на неговата „сигурна победа“.

(А.Т.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе