Хамас го фати Израел на спиење
Сабота во Израел не е обичен ден, тоа е еврејски сабат- верски празничен ден за Израелците, кога најчесто семејството се собира, за да бидат заедно, вo опуштена домашна атмосфера.
Mинатата сабота, меѓутоа, Израелците долго ќе ја паметат по нешто друго- по почетокот на една нова војна. Овојпат не се некоја од арапските соседни држави, туку со милитантната, исламистичка организација Хамас, чии борци , навлегувајќи од појасот Газа, што исламистите го имаат под своја контрола, го нападнаа југот на Израел.
Нападот беше извршен пред зори, кога повеќето од Израелците се уште спиеја и додека мноштво млади Израелци и гости од разни држави од Европа и САД се забавуваа на еден музички фестивал организиран во чест на мирот, непосредно до границата која го дели појасот од државата Израел.
Со моторцикли и параглајдери
Силно вооружени, напаѓачите навлегуваа на секаков начин- сечејќи ја и уривајќи ја со булдожер високата, цврста, железна ограда, правејќи на тој начин пат за моторџиите на Хамас и за оние со мали камионети, потоа прелетувајќи ги сите бариери со параглајдери, или навлегувајќи од море – со брзи чамци.
Беше ден кога терористите на Хамас веќе запоседнуваа израелска територија- убивајќи се што им се најде на патот, заробувајќи ги дремливите ( и немоќни израелски сили на граничните премини), како и испаничените гости на фестивалската забава, растрчани низ пустината, за да најдат спас.
И сето тоа, изведено молскавично брзо, покриено со илјадници ракети од разен дострел, лансирани од појасот и насочени кон израелските населби на југот од земјата. Се до градот Ашкерот, но достигајќи и делови од Тел Авив кој е 60 км. одалечен од Газа, или до западен Ерусалим кој е изграден надвор од тврдините на стариот град.
Додека на израелските трупи на југот од државата им пристигна првата помош веќе имаше стотина убиени Израелци, главно цивили, како и заробени и одведени во Газа израелски војници и цивили.
Милитантите на израелска територија
Во неделата, доцна попладне, израелската страна признаваше 600 убиени во нападот на терористите на Хамас и сто одведени во заробениптво, меѓу кои се верува дека има и странци. Сето тоа изведено на начин за кој никој не веруваше дека може да се изведе.
Палестинската страна, пак, оперира со над 370 убиени (цивили) во израелските бомбардирања и над 2200 ранети лица.
Ваквиот биланс предизвика шок во израелската јавност и збунетост во меѓународната, која се уште не може да разбере како можеше да затеи целиот израелски безбедносен и одбранбен систем, вклучувајќи го и фамозниот антиракетен систем „Железна купола“ создаден за да ја заштитува израелската територија од вакви и слични напади.
Дури и по првите возвратни напади на израелската авијација и војска, терористите се уште беа на израелска територија и се уште можеа да се движат по неа и да контролираат определени точки- војувајќи со Израелците на нивна земја, надвор од појасот Газа.
„Земјата е во војна“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху објави дека Израел е во војна, покренувајќи ја целата израелска воена машинерија, која е далеку најмоќна во тој дел од светотза операција на казнување и како што се вели – конечна пресметка со Хамас и неговите терористи. Тој се закани дека напаѓачите ќе бидат прогонувани насекаде, дека ќе бидат напаѓани и уништени каде и да се сокријат- во Газа, или надвор од неа, како и дека оваа терористичка организација ќе плати „многу висока цема за својот напад врз Израел“.
Земјата подолго време е во длабока политичка криза, околу контроверзната реформа на правосудниот систем што предизвиква со месеци бурна реакција на израелската демократска јавност која од почетокот на оваа година е на протести.
Самиот Нетанијаху се соочува со заканата да биде осуден за корупција, а предизвика бројни несогласувања, со одлуката- за да биде по пети пат премиер- да направи коалиција со крајната конзервативна и ултра-ортодоксна, религиозна десница. Потег што не го одобруваат ниту Американците, а ниту европските сили. Особено што тоа предизвика уште поголема поларизација на тамошната левица и на десница.
Пропуст на Мосад и Шин Бет
Но, сега, во овие услови, кога безбедноста на земјата е загрозена, таквите разлики сигурно ќе бидат тргнати на страна и целата држава ќе се насочи кон чистењето на израелскиот југ од хамасовци, а потоа и кон пресметката со оваа милитантна, исламистичка организација која е подржувана од Иран. Државата која-како сега стојат работите- единствената во тој дел од светот која се уште зборува за уништување на државата Израел.
Се зборува дека Газа ќе биде нападната од копно, откако претходно ќе биде „срамнета со земја“ , па дека затоа се повикува населението да го напушти појасот, иако е јасно дека луѓето нема каде да одат. Останува, меѓутоа, подоцна да се испитува и она што му се случи на Израел- огромниот пропуст на двете тајни служби Мосад и Шин Бет.
Израел има една од најраспространетите и најсофистицираните разузнавачки мрежи на Блискиот Исток. Имаат свои шпиони насекаде и доушници, инфилтрирани во милитантните групи кои делуваат во регионот. Не само на палестинските територии, туку и во Либан, Сирија и во други земји.
Контра-напад и одмазда
За Мосад се зборуваше дека може да ликвидира водач на некоја терористичка група со прецизен напад со дрон, или со мобилен телефон со експлозвив во него. Но нападот извршен од Хамас, на крајот од еврејскиот празник, буквално го фати Израел на спиење, па исламистичката група успеа во нешто што не се веруваше дека воопшто би можело да се изведе -со силно и прецизно координирана акција врз израелската територија и тоа изведена во најстрога тајност и конспирација.
Некои експерти сметаат дека за Израелците ова е како Перл Харбур , или 11 септември 2001 година, за Американците, па сега се очекува контра-напад и жестока одмазда .
Не само за да се наплатат големиот број жртви меѓу недолжните цивили , кои се имаат населено на просторот на југот од Израел, каде се уште нема многу население, туку и како одмазда за понижувањето што израелските безбедносни сили го имаат доживеано од палестинските милитанти.
Што и како понатаму?
Последниве години, Хамас, очигледно. има напреданато на воен план, иако не се знае која и каква била целта, да се нападне и вака да се испровоцира Израел, со Нетанијаху како премиер. Сепак, и покрај иранската подршка во пари и оружје, Хамас ниту може, а ниту има сили да војува со Израел , или да го порази, како што се фалат неговите водачи.
Единственото што може и би сакала да постигне оваа милитантна група , е да ги покрене другите Палестинци, на Западниот брег и на другте територии, да се кренат на востание и да го натераат Израел да војува на три фронта, покренувајќи ги притоа и силите на проиранската шиитска милиција Хезболах во јужен Либан.
Така или не, некои политички експерти укажуваат дека маките на Нетанијаху остануваат. Посебно околу големите безбедносни пропусти и забавената реакција на израелските сили. За тоа некој ќе мора да одговара. Само на музичкиот фестивал , покрај границата со Газа, брутално се потепани околу 350 лица. Сето тоа може да стави точка на кариерата на „вечниот„ Бенјамин Биби Нетанијаху кој пред послената изборна победа ветуваше сигурност и безбеднист за израелските граѓани.
(С.Г.)