Собрани 290 илјади евра за Херојот од Даблин
Главниот град на Република Ирска, полека ги лечи „раните“ од нападот со нож во центарот на Даблин, во кој беа повредени пет лица, од кои три се деца. Едно од нив велат се уште се наоѓа во критична состојба.
Но, и од ултра-десничарските немири што толпа расисти, хулигани и насилници, потикнати од крајно десничарската идеологија, ги предизвикаа обвинувајќи ги за нападот со нож- имигрантите и странците во оваа островска држава.
Полицијата објави дека нападот не го смета за тероризам, соопштувајќи дека напаѓачот бил брзо совладан, но и натаму не го објавува неговиот идентитет.
Насилство на ултра-десничарите
Над 400 полицајци беа вклучени во настојувањето да се сопре дивеењето на толпата насилници која уништуваше паркирани возила, вршеше грабежи од продавниците што беа нападнати, подметнувајќи пожари , запалувајќи притоа и два автобуси на локалниот градски сообраќај.
Четириесетина насилници се притворени и сега се настојува да се утврди кој го има покренато ова дивеење низ улиците на Даблин.Во оваа и ваква атмосфера никој нема забележано дека човекот со ножот, велат, на возраст од педесетина години, го има совладано еден случаен минувач- разнесувач на храна низ домовите.
Кога минувајќи низ центарот, забележал што се случува на улицата и видел дека напаѓачот има грабнато едно дете и има нож во раката, му се приближил со својот моторцикл и од зад грб го удрил силно по главата насилникот- со кацигата што разнесувачот ја користел.
„Добриот мигрант од Бразил“
Случајот сакал- човекот што го спасил детето и го совладал напаѓачот- да биде странец, имигрант, дојден од Бразил за да работи и да заработи за своето семејство.
Во целата, по малку хаотична, напната и нервозна ситуација- наеднаш еден „добар мигрант“ , стана Херојот од Даблин. И, тоа во ноќта кога ирските ултрадесничари беснееја низ улиците, продавајќи ја својата антимигрантска политика, на силеџиски начин, настојувајќи да се прикажат себе си како некакви „патриоти“ . Наводно загрижени за „чистотата на државата и нацијата“.
Некои даблински весници, затоа, го искористија случајот за да забележат дека тој (можеби) е и најдобриот одговор за крајната, расистичка ултрадесница, но и за „молчеливата јавност“ која досега нема реагирано на порастот на ултрашите и на ширењето на нивната идеологија на интернет.
Иако сите се согласуваат дека прашањето за забрзанта миграцијата во Ирска ( земја од која со векови наназад луѓето се иселувале, а никој не се доселувал), е присутно и станува актуелно, без разлика на сегашната благостојба на земјата.
Наплив на мигранти и бегалци
И пред војната во Источна Европа, Ирска стана интересна дестинација за Европејците од земјите на членки на ЕУ. Стандардот, можноста за заработувачка и поволната даночна политика натера многу млади од Европа да се преселат на „Зелениот остров“.
По руската инвазија , меѓутоа, работите се усложнија, затоа што неколку десетици илјади Украинци се населија во Ирска, покрај оние од разни делови од светот кои веќе беа таму.
По влезот во ЕУ, неразвиенит остров на крајниот Запад од Европа има доживеано силен процват и забрзан економски развој , па таа и во овое кризни години во ЕУ ( поради долгата корона пандемија), како и војната во Украина, Ирска е предводник на развојот и на брзото опоравување во ЕУ.
Пред некои поголеми и посилни економско-финансиски играчи во Унијата, но така земјата на поделениот остров, стана и локација интересна за населување.
Помош и благодарниост од даблинци
Прашањето на мигрантите, на тој начин, стана тема, политичка и социолошка и за Ирска, онака како што е за Италија и Грција, или за Шпанија. Тоа го користи ултрадесницата за да се појави на политичката сцена, на која досега беше маргинализирана од главните политички сили.
Испровоцираните десничарски немири во Даблина, затоа не се работа што може да се означи само како нешто што се случило и треба побрзо да се заборави.
Ирците, барем тие кои за проблемите и личните фрустрации , не ги обвнуваат странските мигранти, реагираа тивко- преку повикот на интернет од еден специјализиран хуманитарен сајт кој повика градот и даблинци некако да му се одолжат на човекот- спасител и херој .
Излезе по малку неочекувано, колку брзо биле собрани над 290 илјади евра- како помош, но веројатно и како благодарност за Бразилецот- херој од улицата кој најверојатно го има спасено детето што вооружениот насилник, се верува , дека ќе го повредел.
Медиумите велат дека Ирците на овој начин покажале дека, сепак, мнозинството од нив не ја подржуваат идеологијата на крајната десница.
(С.Г.)