Путин : Морав одново да се кандидирам
Владимир Путин соопшти дека ќе се кандидира за претседател на Русија и таа вест, инаку, соопштена патем- како одговор на прашање на еден од поранешните сепаратистички воени команданти во украинската област Донецк – никого не изненадува. Ниту во неговата земја, а уште помалку во странство.
На средба во Москва , со воени ветерани од војната против Украина, Путин во одговорот на прашањето, има речено дека – „немал друг избор освен да се кандидира“, за уште еден претседателски мандат.
„Во едно друго време имав и други и поинакви размислувања околу ова. Но, разбирам дека во сегашниот момент нема друг избор“- рекол актуелниот шеф на државата кој веќе е 23 години на власт.
Доживотно на власт
Изборите ќе се одржат во средината на март следната 2024 година и никој не се сомнева дека Путин одново ќе победи и ќе остане и натаму во царските одаи на Кремљ, како руски претседател. Особено што засега никој не се има огласено да се јави како против-кандидант, а уште помалку дека во една ваква Русија некој друг би можел да победи.
Тоа значи дека тој ќе биде претседател во својот пети мандат, што само покажува дека веќе сега ги има погазено сите демократски начела за избор и реизбор, што важат за секоја вистински демократска земја, претворајќи се на тој начин во властодржец кој (најверојатно) ќе остане доживотно на функацијата.
Според Уставот на Русија, претседателот се избира на секои четири години и има четиригодишен мандат. Може да биде претседател само во два, едно по друго мандати.
Но, во 2020 година, набрзина беше извршена уставна реформа, според која – прво, се укина одредбата за ограничување на претседателскиот мандат, а потоа, мандатот се зголеми на шест години. Беше овозможено Путин да може да се кандидира и во 2024, а и во 2030 година, а тоа значи дека сега 71 годишниот претседател може да владее со Русија се до 2036 година, кога ќе има 84 години.
Подолго и од Сталин и од Брежнев
Доколку работите се одвиваат онака како што е замислено во Кремљ, Путин во таа година би наполнил цели 36 години како владетел на Русија . Надминувајќи ги сите пред него, уште од советско време- диктаторот Јосиф Сталин и комунистичкиот властодржец Леонид Брежнев кои веќе сега се зад него и не сметајќи ги, секако, царските, империјални времиња од руската историја.
Неговите подржувачи од системот на власта, како на пример, претседателот на Горниот дом на Парламентот, веста за кандидирањето на Путин ја поздравија и ја означија како разумен чекор. Според нив, – „тој никогаш нема побегнато од своите одговорности и задолженија“.
Критичарите и противниците на неговиот режим, меѓутоа, тврдат дека „самовладението продолжува“, а дека Русија останува далеку од демократијата во Европа. Главниот дисидент од странство, поранешниот олигарх Михаил Ходорковски уште претходно изјави дека Путин – “ никогаш нема да си оди од власта на мирен начин“.
„Никој како Путин“
Во една ваква атмосфера, сите се согласуваат дека и овој пат никој не може да му се спротивстави.
Никој сериозен нема храброст дури и да се јави како противник на политичката сцена, откако режимот, со години на ред, ја има задушено и уништено политичката опозиција. Нивото на репресијата е уште повеќе засилено по инвазијата врз Украина , откако стана јасно дека полека, но сигурно се топи подршката за војната и верувањето дека т.н. „воена интервенција“ ќе трае само неколку недели.
Политички експерти проценуваат дека неговата позиција, во домашната јавност, оваа година дури е и посилна отколку во 2022.
Во годината кога ја покрена инвазијата врз Украина, поради агресијата која се претвори во војна, а на фронтот руските сили трпеа неуспех, како и поради бројните санкции, Путин и руската пропаганда имаат вложено многу енергија и уште повеќе пари за да се одржува позицијата дека- освен него нема никој друг што може да ја води Русија.
Дури и кога ќе се направи погрешна проценка дека Украинците нема да му се спротивстават.
Без противници и опозиција
Во оваа година, иако се продолжува со градењето на некаков мит за тоа дека актуелниот претседател треба да остане на власт се додека може, на рака му одеа и неколку поволни ситуации. Пред се, неуспешната летна украинска офанзива , поради што состојбата на фронтот не се измени во полза на Киев. Во исто време, Западот иако ветува дека ќе ја помага Украина се додека е потребно, како полека да го менува расположението . Освен тоа, Русија економски не стои така лошо како што се предвидуваше.
Конечно, сите противници на Путин се или во затвор, или се ликвидирани, или морале да избегаат од земјата, некаде во странство. Сега, секоја и најобична критика на инвазијата и на војната остро се санкционира.
Владимир Путин прв пат беше претседател во 2000 година, наследувајќи го Борис Елцин на функцијата.
Медведев го чува местото
Беше избран уште еднаш и остана во Кремљ до 2008 година. За да не се повреди (тогашниот) Устав- за нов трет едно по друго мамдат- таа година за претседател беше избран Дмитри Медведев крајно лојален сојузник на Путин. Тој, пак, стана премиер ( со вонредни овластувања што премиерот во Русија, инаку, ги нема). Практично, Медведев му го чуваше местото на лидерот кој и како премиер ја водеше државата- како да е претседател.
Во 2012 година, работите се вратија на своето место- Путин се врати во Кремљ, да служи трет мандат, а Медведев стана премиер без никакви политички овластувања и таму остана се додека не го сменија од Кремљ- како што се смета- за злоупотреба на службената должност и за лично богатење (има имот и во Русија и на Западот во Европа).
Путин во политиката го имаат внесено – Собчак, во крајот на деведесетите граоначалник на Сенкт Петербург, давајќи му работа во локалната администрација и потоа Виктор Чубаис, кој беше шеф на кабинетот на Елцин. Пред крајот на 1999 година, беше примен во Кремљ како заменик на шефот на кабинетот.
КГБ во Кремљ
Веќе следната година беше одбран за наследник на Елцин , а кандидатурата на тогаш непознатиот разузнавач силно ја подржаа медиумите на во тоа време моќниот – економски и политички- олигарх Борис Березовски.
Во политиката влезе како поранешен офицер на КГБ во Источна Германија, во Дрезден , каде е родена и неговата помлада ќерка и велат дека веднаш покажал каде и за што бил школуван и оспособен- да управува авторитарно и никому да не верува. Посебно не на оние кои би можеле да му застанат на патот.
За свој шеф на кабинетот во Кремљ постави поранешен полковник на КГБ, а врските и вербата само во поранешните кгбеовци трае и сега.
Сите околу Путин- како советници во Кремљ и како припадници на владеачката група, позната како „Силники“- се поранешни разузнавачи и функционери на руските тајни служби. Дури и Елцин во една прилика , пред својата смрт, има речено дека иднината на земјата станува опасна кога моќта и власта е во рацете на поранешната тајна служба.
(С.Г.)