Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Путин го враќа Јанукович во Киев ?

Путин го враќа Јанукович во Киев ?

Владимир Путин, во петокот, ненадејно понуди мировен договор за Украина и тоа во време кога руската војска е во офанзива на источниот украински фронт и кога украинските бранители се соочуваат со сериозни проблеми. Како воено-безбедносни на теренот, така и меѓународно политички, поради отпорот на некои сојузници околу дотурот на оружје.

Москва, сепак, смета дека би можело да се почнат преговори, условувајќи го тоа со отфрлање на секаква можност да се разговара за враќање на освоената украинска територија. Тоа значи дека Путин нуди дил според кој една петина од територијата на Украина треба да остане во руски раце. Според Кремљ и рускиот владетел- на тој начин ќе имало мир во Источна Европа.

Замрзнување на војната

Некаква отстапка од руска страна би била тоа што  (сега) не се инсистира на целосното освојување на областа Донецк, за што досега изгинаа многу војници и на двете страни и бројни цивили. Што сето ова,  се заедно, го прави  далеку од инсистирањето на Киев дека за преговори и за  мир може да се зборува кога путиновите војници ќе се повлечат од  територијата на Украина.

Европската политичка јавност, во секој случај,  остана мирна на ваквата „великодушност“ на новиот руски цар и на неговата неочекувана „добрина“, додека некои европски и американски медиуми настојуваат да утврдат- зашто Путин сега нуди преговори и некаков нејасен и недефиниран мир.

Притоа, се сугерира да се остане студено внимателен на оваа понуда , најмногу поради лошото искуство со путиновите „заложби за мир во време на засилена воена офанзива“. Затоа што досега се покажа дека на Путин  не може да му се верува , откако на неколкупати во блиското минато, ја има излажано  меѓународната јавност.

Недоверба кон понудите од Кремљ

Еднаш во Сирија, кога во 2015 година зборуваше за мировни преговори, додека руските авиони бомбардираа цивилни населби на бунтовниците, а вториот пат во самата Украина. Во време кога се преговараше за прекин на непријателствата на Истокот од земјата, пред инвазијата, Путин им нареди на руските бунтовници во Донбас и на паравоените Вагнеровци, да тргнат во офанзива.

Овој пат има и два други моменти кои тераат на претпазливост. Првиот, мировната понуда доаѓа од Белорусија, за време на средбата на Путин и неговиот вазал и белоруски диктатор Александар Лукашенко, што само по себе е порака. Вториот момент е тоа што  Володомир Зеленски, на таа средба,  е означен за – „нелегитимен„ лидер.

Тоа значи- одново „понуди за мир и преговори“- под диктат, додека на белоруска територија се одржува воена вежба со тактичко нуклеарно оружје, со кое Дмитри Медведев  им се  заканува на Украина и на нејзините соседи во ЕУ/НАТО, но и предлагање некаков мир- со друг човек во претседателската палата во Киев.

Москва сака свој човек

Така треба да се разбере присуството на Виктор Јанукович во Белорусија, за кое се зборува во Москва, иако за тоа нема службена потврда, но нема ниту демант, освен што се тврди дека авионот со избеганиот екс претседател на Украина, слетал во Минск.

Токму во  времето кога Путин зборува дека Зеленски повеќе немал легитимитет ( да ја претставува својата земја), затоа што неговиот петгодишен претседателски  мандат истекол на 20 мај, а  во државата немало нови избори. Газдата во Кремљ, притоа, во својот познат арогантен стил , ја игнорира одлуката за одлагање на изборите , за кои сега нема никакви услови, кога Украина е во војна- со Русија.

Веројатно затоа, е доведен – од досегашната изолација-  Јанукович кој пред десет години побегна од Киев и најде засолништво на руска територија- откако нареди сурова пресметка на специјалната полиција со проевропските демонстранти,  собрани на Мајдан, во Киев, незадоволни што претседателот одби да го потпише веќе усвоениот  договор на тогашната влада во Киев со ЕУ- за економска соработка.

Јанукович против народот

Стотина демонстранти и десетина полицајци загинаа во крвавата пресметка која го означи Јанукович како брутален човек на Москва кој ги послуша барањата на Путин и (тогаш) и на Медведев , да спречи озаконување на договорот со ЕУ, наспроти волјата на мнозинството од луѓето.

Означен тогаш како руски човек, сега одново се става во игра, а Кремљ на тој начин им порачува и на Украинците и на Европа, дека сака да има односи со нов човек во Киев, кој ќе биде  вазал, каков што е Лукашенко и со диктаторски амбиции, за да се задуши секаков отпор на гневните Украинци кои после Мајдан и посебно , по инвазијата,  гледаат со непријателски очи кон Русија и Русите.

Исто онака како што „братот“ од Минск сурово се пресмета и се пресметува со белоруската опозиција и со нејзините демократски и европски амбиции. Јанукович, во случајов , како  човек на Москва, би требало да ги запре и да ги спречи сите процеси за приклучување на Украина кон Западот, како и нејзиниот европски пат и врзувањето за НАТО.

Русија контра Луцерн

Понудата за преговори и нудењето некаков мир, затоа, се смета дека се темпирани за да се случуваат во времето кога стотина држави се подготвуваат во Луцерн, во Швајцарија, во јуни, да учествуваат на една глобална конференција за мир во Украина- што Киев би можел да го прифати.

Путин смета дека тоа е прилика, во услови кога Русија не учествува на конференцијата, самата да се огласи со своја „мировна иницијатива“ – без разлика што таа  ништо ново не носи. Во основа, со неа треба само да се верификува окупацијата  и анексијата на делови од Украина. Исто како што тоа се направи- на два пати со Грузија, за Абхазија и Јужна Осетија и еднаш со Молдавија, околу Придњестровје.

Во игра е и намерата на Москва да ги покрене своите ултрадесничарски сојузници на Западот и во ЕУ, за да успеат на евроизборите, продавајќи ја приказната за спремноста на Русија за мир, во очекување на исходот од изборите во САД.

Конечно, проценка е дека неочекуваната „мировна иницијатива“ на Москва е само мамка – Кина да се одврати од учеството во Луцерн.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе