„Признавањето на Палестина има контра ефект“
Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт изјави дека е грешка одлуката на Норвешка, Република Ирска и Шпанија, да признаат палестинска држава.
„Како политичар- од секогаш се залагав за политичко решение на палестинското прашање- низ преговори меѓу Израел и Палестинците, што би резултирало со формирањето на две држави. Уште во 2008 година, како премиер, тоа им го нудев на Палестинците“- има речено Олмерт во разговор за белградската Н1 телевизија.
Но, според него, постапката на овие три европски земји има и ќе има само контра ефект. Овој гест на владите во Осло,Даблин и Мадрид само ќе ги охрабри Палестинците да не прифаќаат преговори. Односно, да не мора да преговараат со Израел, а тоа значи дека нивната и онака тврда позиција, сега станува уште потврда.
Држава само со договор
Од друга страна- вели Олмерт- „ сега постои договор за постоење на палестинска држава, но присилете го Израел да го прифати тоа- без преговори и без постигнување еден сеопфатен договор“- има речено поранешниот премиер, констатирајќи дека тоа нема да се случи.
Тој објаснува дека целата суштина на палестинскиот процес е Израел и Палестинците да преговараат и на тој начин да се договорат за воспоставување односи за меѓусебно почитување и за обврски кои ќе треба да се гарантираат- за тоа дека ако се создаде палестинска држава таа ќе биде стабилна.
Пред се, дека ќе соработува со Израел, како и дека нема да се повторуваат ситуациите кои доведуваа до насилство и постојани судири.
Олмерт признава дека мнозинството од Израелците, сепак, не мисли како него. Нивната позиција е тврда , имајќи го искуството со разните интифади, со терористичките напади, со непријателството и со барањето- Израел „да се фрли во море“ , односно да престане да постои.
„Востание против Палестинците“
Тое е особено видливо сега, последниве месеци , после 7 октомври, кога луѓето останаа вџашени од незамисливата, бруталната терористичка акција на палестински Хамас, за тоа што нивните први соседи, во Газа, можат да направат.
А, тоа е да масакрираат цивили, да им ги отсекуваат главите на луѓето и да ги колат, како да се обичен добиток, а не луѓе- стари лица, жени и деца. Сето тоа во името на некаква палестинска кауза.
Гневот е особено голем и се уште се одржува, затоа што се убивани и масакрирани и млади луѓе кои беа собрани, во близината на границата со Газа, на музички фестивал посветен на мирот и кои заговараа сожителство, на Израелците и на Палестинците, сместени едни покрај други.
Таа емоционална реакција на Израелците беше како некој вид востание против Палестинците , а тоа ја измести целосно рамнотежата во самиот Израел, околу тоа како да се уредат односите со нив- кога станува збор за било какво политичко решение.
Олмерт против Нетанијаху
Олмерт, затоа, смета дека за покренување на старата идеја за постоењето на две држави- Израел и Палестина- една покрај друга, треба да постои и поинакво лидерство во Израел.
Според него, тоа не може да се направи со Бенјамин Нетанијаху. Уште повеќе што се смета дека актуелниот премиер ја користи сегашната ситуација и војната, по нападот на Хамас врз Израел, за да обезбедува продолжување на неговиот политички живот.
Сепак и поранешниот премиер Олмерт кој инаку важи за стар, лут противник на Нетанијаху, остро ја осудува одлуката на Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ) – израелскиот премиер и министерот за одбрана- да се соочат со налог за апсење.
Навреда кон државата Израел
„Станува збор за огромна грешка, затоа што се изедначуваат Израел и Хамас, означен како терористичка организација, при што останува неодговорено прашањето- зашто на ИЦЦ му беа потребни седум месеци да покрене налог за апсење и за водачите на терористички Хамас- за ѕверствата што ги направи, убивајќи дури и бебиња„- вели Олмерт.
За него е неразумно дека за апсењето на водачите на една терористичка организација , било потребно Хамас да се изедначи со државата Израел и со нејзиниот премиер, па затоа, постапката на ИЦЦ ја смета за неправедна, срамна и погрешна.
Олмерт притоа потсетува дека околу ова прашање во Израел постои целосно едногласие и јавноста застана зад Нетанијаху. Не толку поради него самиот, колку затоа што налогот на Меѓународниот кривичен суд се смета за навреда на државата и на народот во неа.