Израел во подземна војна со Хамас
Во време додека трае пазарењето околу планот за прекин на огнот и за воспоставување мир меѓу Израел и палестинската терористичка организација Хамас, што го понуди Џо Бајден, продолжува да се одвива и пропагандната војна, пред се од палестинска страна.
Разни палестински организации, подржувани од арапските земји- политички и финансиски- како и од левичарски и мировни групи , се дел од таа пропаганда што се води главно, во Европа и делумно низ Америка. Насочена- како што се вели – за спас на Газа, што Хамас ја има под контрола четврт век, како и за спасување на Палестинците во Појасот.
Губење на пропагандната војна
Но, во основа, пропагандата е упатена против Израел и израелските одбранбени сили (ИДФ) обвинувајќи ги дека имаат претерано со својата операција за чистење на Газа од терористите на Хамас.
Притоа, постојано се прикажуваат слики за разурнувањата на цивилни објекти и станбени блокови и се бројат жртвите меѓу цивилите. Посебно истакнувајќи го бројот на загинати деца. Уште осудувајќи ги Израелците за тоа дека го блокираат и го оневозможуваат дотурот на помош и храна за палестинско население.
Некои арапски ТВ канали, затоа, побрзаа да ги обвинуваат Израел и неговите воени сили за „геноцид во Газа“, при што целосно се заборава на тоа- што и како се покрена целиот овој палестински егзодус.
Битка за заложниците
На израелската страна се забележува дека се губи пропагандната војна. Но, таму велат дека не се води никаква пропаганда. Се смета дека таа е непотребна, бидејќи целата домапна јавност е насочена на што е можно поскоро спасување на двестотината заложници- за тоа не треба пропаганда.
Армијата, пак, смета дека не е во никаква освојувачка операција, која би требало да се оправдува и да се објаснува, туку во мисија за откривање на тие луѓе и за нивно спасување.
Како сега стојат работите Израелците признаваат дека за разлика од успешната воена операција за уништување на Хамас, која според воени експерти, се изведува прецизно – како „швајцарски часовник“, – во операцијата за спасување на заложниците, нема такви резултати.
Наместо тоа, ИДФ постојано наидува на егзекутирани израелски заложници. Тоа ја покрена израелската јавност, која во основа и натаму ја одобрува операцијата против Хамас, сега да реагира со барања да почнат преговара за мир – за да се спасат луѓето- знаејќи дека нивниот број сега е помал.
„Колатералната штета е неизбежна“
Ваквиот развој на теренот, го зголемува гневот кај израелската страна дека меѓународната јавност, а пред се, европската, како да заборава на 7 октомври. На вистинскиот колеж на околу две илјади цивили и на бруталното изживување на палестинските терористи врз израелските цивили- што е најголем напад врз државата од 1948 година, кога е создаден Израел.
Од друга страна, им се забележува на европскте политичари кои почнаа да му судат на Израел – за „преголемата колатерална штета и загубата на цивилно население“ во Газа и во Рафа.
Замерката, на Израелците е дека се заборава за каква војна станува збор и во какви услови таа се одвива. Посебно тоа, што како критичари се јавуваат и оние кои силно го подржуваа правото на Израел на контра-офазива и на уништување на Хамас и неговиот тероризам.
Израелски воени експерти притоа забележуваат дека сето тоа никако не може да се изведе без колатерална штета- во услови кога ИДФ води подземна војна , што е единствен таков случај досега.
Тунели под џамии и болници
Се води војна низ тунелите кои се изградени под (речиси ) целата површина на појасот Газа во кои се кријат терористите и тоа во урбаните центри, каде има голема концентрација на луѓе.
Терористите се кријат (и напаѓаат) во тунели изградени под џамии и болници, под училишта и јавни згради и под станбени објекти. Затоа, се уште не се знае ниту колку километри тунели се уништени и колку се уште не се откриени, а кои терористите ги користат за своите операции.
Сепак, се тврди дека Израел ( на воен план) во оваа фаза има многу постигнато. Особено што се инсистира дека досега немало војска која војувала на овој начин и во едни вакви услови.
Проценка е , меѓутоа, дека владата и премиерот Бенјамин Нетанијаху веќе се во ситуација кога ќе мора да прифатат дека израелската воена операција, можеби нема да може да ги постигне посакуваните резултати.
Хамас манипулира со помошта
Пред се, кога станува збор за уништувањето на Хамас, на што премиерот на Израел и натаму инсистира. Причина за тоа се преголемиот број загинати цивили, колку и да се бројките “надуени“ и да се дел од антизраелската пропаганда.
Нов момент во ситуацијата може да биде тоа што Хамас (велат) се согласува со планот на Бајден, што за некои воени експерти е знак дека терористичката организација е пред колапс. Но, засега, токму Хамас е кочничар за примирјето.
Од друга страна, има сознанија дека хамасовци манипулираат со помошта која се испорачува за населението на Газа. Прво земаат за себе и за своите она што е дојдено , а потоа остатоците го разделуваат меѓу луѓето.
Тоа може да ги налути арапските донатори, но и да ги разгневи Палестинците кои и онака се жртвувани од Хамас, кој ги користи како „жив штит“ во војната.
(Е.И.)