„САД се попустливи кон српскиот претседател„
Едвард Џозеф, професор на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон и добар познавач на балканските состојби, каде едно време има и работено, ги критикува САД и Западот дека се „премногу попустливи и толерантни кон Александар Вучиќ“.
Во разговор за белградската ТВ „Н-1“, Џозеф тврди дека Американците делуваат „заштитнички“ кон српскиот претседател, споменувајќи го притоа пристапот на САД кон ископувањето литиум, што се претвори во длабоко политичко прашање , откако српската јавност остро се спротивставија.
Потреба од нова политика
Американскиот професор, затоа, ја критикува изјавата на амбасадорот на САД во Белград Кристофер Хил дека- меѓу демонстрантите кои се противат на отворање рудник за литиум- доминираат оние кои се антизападно определени.
Во овој разговор, Џозеф одново го афирмира својот став- изнесен во списанието „Форин Полиси“ во кое бара од Камала Харис, демократски кандидат за претседател на САД, да се отргне од сегашната политика на Вашингтон кон Западен Балкан и да го смени односот кон Вучиќ , но и кон сите балкански деспоти.
Односно, да покрене сосема нова и поостра позиција за регионот, за да не се случи Америка да го загуби Западен Балкан во кој има стратешки интереси и тој да се најде под контрола и влијание на Русија и Кина.
Попустливоста создава проблеми
„Харис треба да разбере дека не постои СТАБИЛОКРАТИЈА и да прифати дека сегашниот приод на Џо Бајден ( кон регионот) е погрешен и неуспешен. Посебно, кога станува збор за неговиот пристап кон Вучиќ. При што се затвораат очите пред некои состојби (верувајќи дека некои политичари гарантираат стабилност). Таквата определба, меѓутоа, ги создаде сегашните проблеми во регионот„- смета Џозеф.
За овој политички експерт, тоа се огледува во сегашната состојба во БиХ ( со Милорад Додик и Република Српска), а посебно со Косово.
Затоа што САД изминатиот период имаат воведено санкции кон низа луѓе на Западен Балкан, но не и кон српскиот претседател.
Тој не се повикува на никаква одговорност и за ништо, па Додик и Албин Курти се однесуваат, така како што се однесуваат. Сметајќи дека односот кон Вучиќ, всушност, е слабост на Америка.
Примерот со договорот од Охрид
Затоа косовскиот премиер ги прави сите овие провокации ( на северот од Косово) – на кои во косовската јавност, но и во соседството, се гледа со одобрување- како негово право да ја заокружи косовската државност- на целата територија на државата.
Не чекајќи притоа на постигнувањето договор за нормализација меѓу Приштина и Белград кој Србија и Вучиќ постојано го опструираат- практично, не сакајќи никогаш до тоа да дојде. Како во случајот со Охридскиот договор од пред една година.
Српскиот претседател во Охрид го прифати, а во Белград подоцна изјави дека „ништо нема потпишано“ , како и тоа дека следните четири години ќе го боли раката- за да го потпише она за што се има согласено на охридските разговори.
„Без српска Белорусија на Балканот“
Курти веднаш потоа реагираше со иеприфаќање на договореното, па набргу се случи инцидентот Бањска, со упадот на српски паравоени сили на северот од Косово, во обид да се спроведе некакво „путиново сценарио“, за запоседнување територија, по урнек на рускиот упад во Донбас во 2014 година.
Едвард Џозеф за „Н-1“ вели дека , во секој случај, Србија не смее да биде „Белорусија на Балканот“ но и тврди дека српскиот случај не е како белорускиот.
Тој ги обвинува САД за правање дил со авторитарна власт- не притискајќи на Белград и тоа до крај- па излегува како американска слабост која така се коментира во еден турбулентен регион, каков што е Западен Балкан.
За Џозеф е грешка што Србија не била притиснала веднаш по руската инвазија- да одбере страна. Наместо тоа Западот се согласи да го толерира Вучиќ , а тој да и извезува муниција на Украина.
Нема друга опција освен ЕУ
Се покжа , меѓутоа, дека Русија, за која се очекуваше остро да реагира, молчешкум го прима српското „предавство“. Тоа според Џозеф е знак за слабост на Москва и на самиот Путин кој (очигледно) нема многу опции на Балканот.
Многу опции нема и самиот Вучиќ кој мора да се врзе само за Западот, за ЕУ и за нејзините позиции, бидејќи е свесен дека ниту Русија, а ниту Кина можат да бидат алтернатива- како за Србија, така и за сите другите во Западен Балкан.
Тоа се гледа од инвестициите, од трговијата, од големината на извозот, во кои уверливо доминираат ЕУ и Западот.
Ваквата реакција на Едвард Џозеф доаѓа по фалбите на Доналд Трамп ( и неговиот потрчко Ричард Гренел ) дека тие направиле повеќе за Западен Балкан од сегашната администрација.
Договори со благослов на Трамп
Путин и Кремљ и сега, пред овие американски избори, работат за Трамп, па затоа за него навиваат сите русофили и антизападни и анти ЕУ партии и политиари во регионот, вклучувајќи ги и вмровските националисти во Северна Македонија.
А, тие, пак, така се имаат определено, обвинувајќи ги Западот и ЕУ за (наводно) наметнатите договори со Грција и со Бугарија- затоа што божем биле – “предавнички, антимакедонски и пример за виткање кичма“. Тоа со Трамп, како претседател, ќе било отфрлено.
И едниот и другиот договор, меѓутоа, се склучија во време на администрацијата на Трамп- со Бугарија во 2017, а со Грција во 2018 година, по престојот во Македонија на Мајкл Помпео, тогашен државен секретар на Стејт департментот на САД.
(Д.Б.)