Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Пари на Орбан за купување на Eуроњуз

Пари на Орбан за купување на Eуроњуз

Кога пред крајот на 2022 година се разбра дека европската медиумска компанија Еуроњуз (Euronews) има нови сопственици и дека своето седиште го сели од Лион во Брисел, никој не знаеше кои се  новите газди на оваа телевизија, позната како  ТВ канал на ЕУ.

Повеќе се знаеше за немирите во компанијата, за внатрешните судирања и за направените „кадровски“ чистки , кога од Еуроњуз заминаа 175 вработени од (тогашните) 320 луѓе на оваа веќе афирмирана европска телевизиска куќа.

Грабнување на телевизијата на ЕУ

За време на промоцијата на новите, бриселски простории, актуелниот претседател на Управниот однор на компанијата Жилом Дибоа инсистирал на тоа дека „работите сега се смирени“ и ветувал дека Еуроњуз „непристрасно ќе известува за и околу претстојните европски избори“. Никој, меѓутоа,  не зборуваше за трансакцијата со продажбата и купувањето и за новите газди.

Синдикатот на Еуроњуз не знае кој се тие и чии пари се во игра околу преземањето на телевзијата, во која со средства партиципира и ЕУ. Луѓето од синдикатот велат дека не знаат кој ги има покриено загубите и трошоците што компанијата ги имаше направено.

Дури ни Дибоа вели дека не знае , бранејќи се дека сега  тоа веќе и не е важно. Така  мислат и во новата управа, каде велат дека новите сопственици не се ниту должни да откријат кој се бил вклучен ( со пари) при превземањето на Еуроњуз.

„Алпак-капитал“ како маска

Мистеријата почна да се расчистува откако во истрага се вклучија –  парискиот весник, „Монд“, португалскиот „Еспресо“ и унгарскиот, опозициски весник „Дејли Њуз-Хунгари“.

Така се разбра дека Еуроњуз е откупен од „Алпак-капитал“,  еден (велат) мистериозен португалски инвестициски фонд. За него,  португалски финансиски експерти тврдат дека  располага само со 200 милиони евра, па затоа нема финансиска  сила за да стане носител на трансакцијата и главен сопственик на европската телевизија,

Париски „Монд“ открива дека  работите почнале  да се расплеткуваат откако унгарскиот весник дошол до доверливи документи ( кои на увид ги имал и францускиот весник) од кои се гледа дека во целата матна трансакција има „прсти“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој тајно и зад грбот на унгарската јавност , користел пари на унгарските даночни обврзнци, за да го дополни паричниот  фонд на „Алпак-капитал“  за преземање на европската телевизија.

Бизнисмени блиски на власта

Според „Дејли Њуз-Хунгари“ – во трансакцијата, формално, фигурираат унгарски бизнисмени. Сите од партискиот и политички круг   на Орбан кој купуваат компании низ Западен Балкан, за политичко, десничарско влијание, за уривање на продемократски влади. Но, во Будимпешта  не се верува дека една ваква зделка би можела да се направи без знаење и одобрување од Орбан.

Затоа и целата трансакција е изведена во голема тајност- бидејќи е нелегална и тоа Унгарците не смеат да го знаат. Но, и затоа што (веројатно) е спротивна на европските стандарди , што би можело да покрена формална истрага од ЕУ.

Еден интерен документ на унгарскиот (државен) фонд „Сечењи“ открива дека од таму се интервенирало со 45 милиони евра кои се јавуваат како непријавена (унгарска) инвестиција во португалската компанија- формалниот газда на Еуроњуз. На тоа се додадени и други 12,5 милиони евра, како донација од една унгарска фирма за комуникации, чиј сопственик е – блиско другарче на Орбан.

Тајно вовлекување на владата

Тоа значи дека една третина од парите за преземање на европската ТВ компанија, од вкупно 170 милиони евра, се од унгарско потекло и зад нив цврсто стои унгарскиот премиер кој деспотски и бескрупулозно управува со Унгарија веќе 15 години.

Според документите до кои се дојдени новинарите на „Еспресо“,  португалски „Алпак“ сега треба да го дополни унгарскиот влог со издавање на 85 милиони вредни конвертибилни акции. Но, во секој случај, останува дека Орбан и неговото друштво – тајно- ја имаат вовлечено владата на Унгарија да се преземе ( и да се има под контрола) европскиот телевизиски канал – создаден уште во 1993 година , како европска конкуренција на американиот Си-Ен-Ен.

„Монд“ сега анализира зошто на Орбан му е важно да се сокрие и да го третира како доверлива работа , вклучувањето на фондот „Сечењи“ , особено кога унгарскиот премиер веќе ги има под контрола  сите домашни медиуми.

Французите бараат истрага

Проценка е дека тој  и нему лојалните бизнисмени, кои  се претвораат во моќни олигарси ,  медиумите  што ги преземаат не ги прават  за да и служат  само на неговата десничарска идеологија , туку и за да се трансформираат во проруски ориентирани гласила- кои и служат на Москва  и на пропагандата на Кремљ, а не на Европа.

А, тоа мора да се сокрие  од ЕУ, и тоа е она што  загрижува дури и повеќе од нелегалната трансакција, сметаат Французите. Тие затоа најавуваат европска истрага, откако  новиот претседател на УО на Еуроњуз,   очигледно,  се прави недоветен за целата зделка. Тврди  дека не знае за орбановото замешатељство и уверува дека зад „Алпак-Капитал“ стои  извесен Педро Варгас Давид.

Истрагата, меѓутоа, откри дека португалски „Алпак“ со години на ред има цврсти деловни врски со унгарски компании- сите блиски и лојални на Орбан. Сега се открива и дека таткото на Варгас, неколку години бил советник на Виктор Орбан.

Контрола и врз медиумите од екс СФРЈ

Освен тоа, Педро Варгас има и заедничка компанија со унгарската државна банка Ексим и со телекомуникациската фирма „4iG“, која пак,  ги има купено „Водафон-Унгарија“ и двете најголеми албански телеком компании- на крајно сомнителен начин, за што  пишуваше Скопје/Глобал.

Будимпештанскиот весник „Дејли Њуз-Хунгари , затоа , заклучува дека купувањето на Јуроњуз е дефинитивно наложено од врвот на владата – од Орбан за политички потреби.

Исто онака како што таквите купувања се направени и со медиумите во денешна Србија кои сите се под контрола на власта, со медиумите во Словенија во времето на режимот на Јанез Јанша, мошне близок до Орбан, како и во Северна Македонија , во време на деспотијата на сега избеганиот екс премиер кој удобно живее-  во Будимпешта.

Без истрага во Будимпешта

Сите вмровски весници- портали и телевизии, на пример,  се купени и се оджуваат со унгарски пари ( доколку тоа не се  парите, перени и  таму префрлени во времето на 11 годишниот режим ), служејќи и на партиската кауза, а не на државата Македонија. Против европските амбиции на владата во Скопје и за покривање на интересите на европската крајна десница.

Новинари од овој унгарски весник сметаат дека – во крајна смисла- медиумите и во овие три држави од екс СФРЈ , се под контрола на Орбан и на неговите политички , а не бизнис интереси, како  и за  амбициите за креирање на некаква  „десничарска ЕУ“.

Според нив, случајот со Јуроњуз , затоа, заслужува темелна истрага- ако ништо друго-  за сторената  измама кон Унгарците. Но, новинарите не веруваат дека тоа може да се случи. Сметаат дека  не може да има независна истрага во Унгарија додека е Орбан на власт.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе