Поврзете се со нас

Skopje Global

Лекар од Македонија- за спас !

Брифинг/Weekly

Лекар од Македонија- за спас !

Dreamer4787/Bigstock.com

Лекар од Македонија- за спас !

Жителите на малото место Суќурај, на хрватскиот остров Хвар, со нетрпение очекуваат да дојде докторот од Македонија, за да ја спаси ситуацијата со здравствената заштита во ова јадранско место, кое повеќе од половина година е без општ лекар.

Сите обиди на општинските власти да најдат лекар од Хрватска пропаднале, затоа што никој не се јавувал на отворениот конкурс. Општината е решена да не штеди пари, па покрај платата, на лекарот му нуди и бесплатен стан како и годишен бонус од 50 илјади хрватски куни ( над седум илјади евра). Откако ниту оваа примамлива понуда не помогнала, локалците се решиле да побараат помош од странство, но на конкусот се јавил само еден кандидат – лекар од Македонија. Според хрватските медиуми, сега забрзано се работи на обезбедување на потребните документи и дозволи за работа за странскиот лекар ( бидејќи доаѓа од земја која не е во ЕУ) за конечно да биде решен проблемот во местото Суќурај.

До сега на луѓето од ова место им помагала само една медицинска сестра, а два пати неделно, доаѓал лекар кој вршел прегледи од соседниот град Јелса, оддалечен 53 км. Жителите на Суќурај се жалеле дека за итни потреби мораат да чекаат брза помош од соседниот град, која треба да патува по локалниот пат кој е лош и одамна не е поправен. Сега брзаат да ги завршат сите работи, за да не го загубат и лекарот од Македонија.

Инцидент во хрватскиот Парламент

Хрватскиот министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ предизвикал инцидент во Саборот ( Парламентот во Загреб) кога грубо ја фрлил макетата на борбениот авион „ Ф-16 Барак“ која во текот на парламентарната расправа му ја врачил  еден пратеник од опозицијата, исмевајќи го министерот за фијаското со набавката на 12 израелски  „ фантоми“.

Опозицијата бара оставка од министерот означувајќи ја неговата „ зделка на столетието“ како голема брука, затоа што набавката е откажана, а првите три авиони кои веќе беа внесени како дел од хрватското воено воздухопловство, а  минатото лето дури беа  употребени и на парадата по повод операцијата „ Олуја“,  мораше да бидат вратени. Сега го обвинуваат министерот дека погрешил што претходно не се информирал дека САД не дозволуваат продажба на израелската верзија на „ фантомите“ доколку од нив не се извади целата нова опрема што ја имаат вградено Израелците. Израел се обидуваше да ги убеди Американците да се најде некаков компромис, но откако не успеа , си ги побарал авионите назад.

Медиумите во Загреб настојуваат да утврдат како тоа никој  не знаел за проблемот што постои меѓу САД и Израел, но согласни се дека министерот е одговорен за скандалот. Крстичевиќ , меѓутоа, веднаш по инцидентот  изјавил дека не се чувствува виновен за она што го направил во Саборот. Рекол дека реагирал „ човечки и импулсивно„ и дека гестот на опозицискиот пратеник бил „ понижувачки и неспортски“ затоа што тој бил воин ( учествувал во хрватската татковинска војна). Потоа, повеќемина пратеници од опозицијата пуштале во салата на Парламентот „ авиончиња“ од хартија.

Српскиот министер за одбрана како „ лингвист“

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин на еден собир на кој биле собрани странски воени претставници, се однесувал како лингвист, сугерирајќи им на странците да го слушаат на српски јазик и уверувајќи ги дека ќе го разберат- пишуваат белградските медиуми.

Вулин почнал така што им се обратил на гостите на англиски јазик, а потоа застанал и ( на англиски) ги потсетил дека во српската  јавност постои една анегдота која вели- зборувај српски, целиот свет да те разбере. „Анегдотата“  сите не ја примаат така, затоа што на неа, оние кои не се Срби, посебно во времето на поренашената ЈУ федерација,  гледаат сосема  поинаку , давајќи и политичка конотација. Не се знае која била намерата на министерот што морал да потсетува на  оваа анегдота,  од времето на кралска Југославија, но неговите маки тука не застанале. Според медиумите во Белград , кога Вулин се подготвил да почне да го чита говорот – на српски јазик, утврдил дека го нема текстот. Наместо неговото излагање, пред него било излагањето на шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ кој требало да зборува потоа, па министерот за одбрана, на  фин мајчин јазик некому дофрлил – каде бре ми е говорот- што микрофоните го имаат уловено, а тв камерите овековечено.

Вулин е долго време во српската политика, уште од времето на Слободан Милошевиќ , како млад кадар во тогаш,  набрзина создадената „ југословенска“ партија ЈУЛ ( југословенска здружена левица) што и беше доделено да ја предводи Мира Марковиќ, сопругата на сега починатиот српски националистички лидер Милошевиќ. По неговото соборување од власт во 2000 година, Марковиќ пребега во Русија.

Почина творецот на операцијата „Арга“

Во САД починал Тони Мендез ( 78) поранешен агент на ЦИА кои стана познат во пошироката американска јавност  и во светот, како творецот кој ја измислил тајната операција „Арга„  откако за неа холивудскиот актер Бен Афлек сними филм, што потоа ја доби и наградата Оскар.

Станува збор за операцијата за извлекување од Иран на шестмина американски дипломати, од амбасадата на САД во Техеран кои побегнаа во амбасадата на Канада. Во 1979 година, по иранската исламска револуција, радикалните сили на новата власт упаднаа во американката амбасада и ги претворија во заложници сите кои во тој момент беа во мисијата. Шестмина од нив успеаја да се сокријат во канадската мисија, а властите во САД и Канада, настојуваа да најдат начин како да ги извлечат од таму. Задачата му била доверена на Мендез, оперативец на ЦИА познат како експерт за преправање  и за изведување лажни операции. Неговата идеја била групата и тој самиот да се претстават како екипа која трага по локација за снимање филм , според стрипот „Арга“. Успева да ги измами иранските власти и во последе момент сите да се качат во авионот за Цирих. Заложничката криза траеше од 1979 до 1981 година.

Многу години подоцна, Мендез има изјавено дека многу сакал да стане актер во Холивуд, но наместо тоа се вработил во американското разузнавање.

 

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе