Холандската мафија против Марк Руте
Холандската полиција во неделата го уапсила (поранешниот) политичар на ултра – десничарската Слободарска партија на Холандија (ПВВ) Арнуд Ван Дорн, под обвинение дека бил вмешан во заговор за убиство на премиерот Марк Руте.
За Ван Дорн се вели дека долго време бил мошне близок соработник на лидерот на тамошните ултрадесничари Герт Вилдерс, па раководел и со подружницата на партијата во Хаг.
Сето тоа, меѓутоа, се растурило пред неколку години, кога на големо изненадување на своите сопартијци, сите, како и нивниот лидер, силно анти-муслимански определени, објавил дека од христијанството преминува во исламот, па си заминал од ПВВ.
Сомнително однесување
Како што се дознава, Ван Дорн бил уапсен во Хаг, затоа што „манифестирал сомнително однесување“. Полицијата тоа го објаснила така што посочила дека уапсениот почнал да го следи Руте и да се движи во истите реони од градот каде одел и престојувал и премиерот.
Сепак, после поминати 30 часови во притвор, бил ослободен. Неговиот адвокат им изјавил на новинарите дека полицијата, едноставно, погрешила, затоа што „не постоела никаква разумна основа за да Ван Дорн биде осомничен дека е виновен“.
Засега нема прецизно објаснување за тоа зашто поранешниот висок политичар на ултра – десничарската партија бил уапсен во неделата, а соопштение за тоа полицијата има дадено во вторникот, откако холандските медиуми објавија дека Руте кој, инаку, се движи прилично слободно, наеднаш има силно обезбедување.
Токму медиумите објавија дека засилувањето на вкупната безбедност околу премиерот е поради стравувањето дека може да биде цел на напад, на атентат, или дури и да биде киднапиран – од холандските криминални банди и локалната мафија.
„За безбедноста јавно не се зборува“
Холандскиот весник „Телеграф“ и јавниот телевизиски сервис НДС откриваат дека полицијата и натаму смета дека станува збор за сериозна ситуација. Овие медиуми открија дека Марк Руте (54) бил следен од т.н. сквотери, за кои властите знаат дека се врзани за холандското криминално подземје и за бандите кои шверцуваат дрога.
Безбедносните служби и кабинетот на премиерот, меѓутоа, одбиваат да ги коментираат случувањата.
Во една куса изјава, Руте им рекол на новинарите дека „безбедноста и заштитата се работи за кои никогаш не треба јавно да се расправа“. Обвинителството, пак, има соопштено дека и покрај пуштањето од притвор на Ван Дорн, истрагата ќе продолжи и понатаму.
За него се мисли дека и тој самиот се обидувал да собере информации околу обидот за напад врз премиерот на Холандија, па затоа и престојувал во Хаг. Според адвокатот на Ван Дорн тој бил уапсен “само затоа што полицијата не знаела како да се справи со ситуацијата, со која наеднаш се соочила“.
„Мокро” мафија
Домашните медиуми, меѓутоа, сметаат дека ваквата реакција на полицијата е последица на нејзиниот неуспех да го спречи убиството на угледниот холандски новинар – истражувач Петер де Врис.
Тој беше убиен во јули, среде бел ден, на улица, откако излегол од едно ТВ студио во кое бил повикан на интервју. Во студиото зборувал за домашните криминални банди, за домашната мафија и за борбата со нив.
Сега се смета дека Руте кој веќе единаесет години е премиер, се нашол на удар на мафијата затоа што веднаш по убиството на Де Врис, извршено од професионален ликвидатор, им објави „војна на мафијата и на разните банди“. Проценка е дека зад можниот заговор за напад (убиство) на премиерот, веројатно, стои моќната холандска Мокро мафија, чии припадници се видени на неколку локации, на кои бил и Руте, како и во негова близина.
Марк Руте е познат како политичар кој низ Хаг се движи мошне слободно. Тој на работа оди или пеш, или со својот велосипед, со сосема мало, или без никакво обезбедување.