Поврзете се со нас

Skopje Global

Ukraine war

Западен Балкан

Москва (сепак) се пазари за Косово

Москва (сепак) се пазари за Косово

Рускиот амбасадор во Белград кој , инаку, е многу често присутен во српските провладини медиуми, во една своја неодамнешна изјава ги пофали властите на Србија, затоа што не воведуваат санкции за Русија , во  форма на „благодарност за  принципиелниот   став за дистанцирање “ од – како што амбасадорот тврди- „нелегитимните , антируски санкции на САД и Западот“ .

Но , зад  ваквата руска благодарност, се сокрива повторената закана на Москва до Србија да не го прави тоа и да не им подлегнува на притисоците.

Според рускиот амбасадор – „би било нечесно ( од Белград), а и сосема погрешно ( да се воведат санкции), затоа што двете земји „имаат пријателски односи кои се засновани врз меѓусебна доверба“, па ревизијата на таа позиција – „би ја разочарала Русија“.

Трговија за признавање на анексијата

Како гест со кој треба да се потврди пријателството со Србија, во истата таа прилика амбасадорот ги има отфрлено – како неточни и невистинити- сите тврдења во српскиите и во европските медиуми за трговијата што сака да ја направи Москва со изедначувањето на  статусот и меѓународната позиција на Косово, со окупацијата, а потоа и со анексијата на Донбас, од страна на Русија.

Станува збор, за се позачестените изјави од руска страна на таа тема , на што амбасадорот има речено дека изјавите за некаква трговија- „немаат никаква врска со реалноста“ и дека за тоа „не станало , ниту може да стане збор“.

Покренувајќи го прашањето за Косово рускиот амбасадор ги повторувал изјавите на својот шеф на дипломатијата дека Русија „има принципиелен став, залагајќи се за взаемно прифатливо и одржливо решение, врз основите на Реолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН“.

Но, од сето ова речено, останува точно само тоа  дека случајот Косово е сосема различен од случувањата во Донбас ( украинските провинции Луганск и Донецк) ,од април 2014 година.

Донбас и Косово се различни ситуации

Тогаш, само еден месец по анексијата на Крим, каде Украина не се ниту бранеше, Русија ги потикна- политички, воено и со пари- локалните сепаратисти на бунт. По инвазијата од пред осум месеци, тие области, познати од советско време како Донбас, беа и припоени кон Русија, за да се заштитело локалното руско население од украинизација.

Косовската  независност , меѓутоа, за меѓународниот фактор, главно, се третира како дел од процесот на распаѓањето на поранешна Југославија. Откако 1989 година, српската власт на Слободан Милошевиќ , еднострано, ја укина дотогашната автономија на тогашната покраина Косово, која инаку ја гарантираше Уставот на СФРЈ.

Во Москва , секако, многу добро се знаат овие работи.

Но, по бруталната инвазија врз украинската територија, што Кремљ  ја оправдуваше со наводната закана за безбедноста на Русија од членството на Украина во НАТО, што не беше на повидок, руското признавање на „независноста“ на окупираните украински територии, сепак, се  оправдува со Косово и со „преседанот со признавањето на неговата независност“ од стотина земји.

Политикански игри

Рускиот претседател на неколкупати тоа го има истакнато, за да се одбрани за својата бруталност врз една странска земја, членка на ОН, а тоа го правеа и другите од кругот на Кремљ.

Официјален Белград, од тогаш, најверојатно во согласност со Москва, својата до крај неразјаснета позиција околу војната и анексијата на делови од украинската територија, почна да ја брани со „непринципиелноста на Западот“ кон српскиот случај и Косово и со бомбардирањето на НАТО во 1999 година, по што, по договорот во Куманово,  српската власт целосно се повлече од косовската територија.

На тој начин, Србија како да се согласуваше со изедначувањето на Донбас, а пред тоа и со Крим и уште пред тоа со Абхазија и Осетија во Грузија  и со Придњестровје во Молдавија , со „косовскиот преседан“.

Тоа траеше се додека во Белград не сфатија дека таквата руска  приказна (  која за голем дел од српската јавност е прифатлива) не и користи на позицијата на Република Србија во сегашната фаза на засилена потрага по решение за нормализација на српско-косовските односи, за што помагаат и ЕУ и САД.

Пазарлак за „Планот Ахтисари“

Во меѓувреме, во  делови од српската  јавност се имаат појавено  информации кои се разликуваат од сегашното  руско отфрлање за „пазарлакот“ што Москва го има правено, користејќи го Косово, уште пред Приштина да прогласи независност, во 2008 година. И, од  настојувањето на Србија да се одржува тезата дека  земјата е жртва на „меѓународната непринципиелност“ , со што како изгледа-  само сака да го одржи косовското прашање неразрешено и отворено.

Вук Драшковиќ, на пример, кој како министер за надворешни работи на тогашна „мини“ Југославија, има учествувано во работата на Виенската конференција, посветена на планот на финскиот политичар  Марти Ахтисари, во 2006 и 2007  година, тврди дека Москва , тогаш отворено, сакала да прави трговија по принципот – договор за Косово, со спогодба ( тогаш само) за Абхазија и Придњестровје.

Според учесници на преговорите, руската страна има речено дека ќе гласа за „Планот Ахтисари“, само доколку истиот статус што се нуди за Косово, го добијат и областите во Грузија и Молдавија, што Русија веќе тогаш ги имаше ставено под своја контрола, без никаков меѓународен мандат, после краткотрајни воени судирање.

Зацементирана приказна

Западните сили ја имаат одбиено понудата за трговија, по што Москва се има налутено , порачувајќи дека планот на Ахтисари не ќе може да се појави ( за усвојување) во Советот за безбедност, затоа што Русија ќе стави вето.

Од тогаш, меѓутоа, речиси 15 години во српската јавност е „зацементирана“ приказната – дека Советот за безбедност го отфрлил планот на Финецот, што  според  сведоци на тоа време- воопшто не е точно. Планот, всушност, го отфрли Москва , затоа што не беа исполнети барањата што таа ги постави за своте имеријални интереси. Затоа што не и успеа понудата до Западот за трговија.

Овие кругови во српската политичка јавност, сега уверуваат дека се ќе беше поинаку и многу поповолно за Србија , доколку Русија останеше на претходно дадената согласнист за Планот,  до пред гласањето. Доколку беше искрена кон српските интереси и не се пазареше – со помош на косовското прашање , на мала врати, да ги протурка своите амбиции на поранешниот советски простор.

Исто онака, како што тоа и сега го прави во Украина, одново  сокривајќи се зад „преседанот со Косово“ – за да добие легализација и меѓународно признавање на  териториите што  ги има окупирано.

(Д.Б.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе