Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Орбан ја промовира „Голема Унгарија“

Орбан ја промовира „Голема Унгарија“

Унгарскиот десничарски премиер Виктор Орбан- националист и популист- одново ја разбранува европската демократска јавност, појавувајќи се на еден стадион со навивачко шалче на унгарската репрезентација , на кое видливо е нацртана картата на т.н. „Голема Унгарија“.

Европските медиуми реагираа со осуда на националистичката провокација на овој унгарски политичар кој од поодамна се означува како „Тројански коњ“ во ЕУ. Министерствата за надворешни работи во Киев и во Букурешт, пак,  реагираа со остри соопштенија, а Романците го повикаа унгарскиот амбасадор за да му изразат и службен  протест.

Орбан, меѓутоа, реакцијата ја означил како – непотребно правење проблем, таму каде нема проблем. „Фудбалот нема ништо со политиката. Ајде да не гледаме нешто што го нема. Впрочем, репрезентацијата на Унгарија е репрезентација на СИТЕ УНГАРЦИ“ (без разлика каде живеат).

„Репрезентација на сите Унгарци“

Така мисли тој, но и по фудбалските канони – репрезентациите во спортот, па и во фудбалот- ги претставуваат државите за кои настапуваат , а не една нација (етничка група) во определена земја. Тоа важи во целиот свет, па Орбан и Унгарија не може да се исклучат од нешто што е сосема јасно и исправно- а политички корисно. За да не биде  фудбалот политика.

На Светското првенство кое е во тек, пред секој натпревар се пее државната химна на секоја од земјите, а не се пее и глорифицира нацијата која е доминантна во неа, како и сите припадници на таа нација- каде и да живеат. Затоа е и реакцијата од Европа, бидејќи гестот на Орбан со право се означува како националистички и како промоција на една „голема“ држава која можеби постоела во историјата, но одамна ја нема.

Тое е посебно и опасно и чувствително прашање на Балканот и на југоистокот на Европа, каде по Првата светска војна се создадени низа нови независни држави, на просторот на некогашните империи и царства, а такви има и по падот на комунизмот во Источна Европа и распадот на екс Југославија.

Од Украина до Истра

При тоа, не може да се суди за  секое промовирање на некаква „Голема Албанија“, или  „Голема Бугарија“ и „Голема Србија“, иако тоа доаѓа од разни националистички кругови во тамошните општеството и од исто такви партии или групи ( не од премиерите на овие земји), а на Орбан да му се одмолчува  за неговите повторени изливи на тврдиот и агресивен унгарски национализам.

А, Унгарецот со своето шалче сака на сите да им каже дека територијата на Унгарија не е таа што сега е државна територија на земјата , на која тој и е премиер, туку е многу поглема, па се простира од западните делови на Украина и оди се до Истра и Јадранското море. Односно дека во составот на таа и таква „голема држава“ влегуваат делови од териториите на Украина, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Хрватска.

Сите тие кои во 19 и до крајот на Првата светска војна, во почетокот на 20 век, биле во составот на некогашната Австро-унгарска Империја. Виена била центарот на таа Империја и таа го имала главниот збор во царството.

Со посебно уредениот Тријанонски договор, во 1920 година, унгарската државна територија е сведена на она што е денес, а од некогашната голема Империја се создадени цела низа нови европски  држави. Кога станува збор за Балканот и за поранешна Југославија, од ваквите територијални претензии, најмногу се погодени Србија и Хрватска, а токму од таму и нема реакција на орбановата провокација.

„Добар сосед“ за Милановиќ

Во „Голема Унгарија“ влегува целата територија на српска Војводина, како и Славонија во Хрватска, со делови од хрватското приморјето, Истра и градот- пристаниште Риека. Во сегашнава енергетска криза ( поради руската инвазија врз Украина) Орбан годинава ( на официјален состанок) има речено дека доколку „и оставеа на Унгарија море, таа ќе имаше пристаниште“ . Патем, сето тоа речено во форма на „жалење на Будимпешта што нема морски терминал“ за да им давала нафта и гас на пријателите.

Во Загреб , главно, се молчи на ваквите изјави на унгарскиот премиер. Овој пат, претседателот Зоран Милановиќ смета дека Хрватска не треба да реагира, објаснувајќи дека Орбан бил „добар сосед“ . Премиерот Андреј Пленковиќ, пак, има само речено дека се „неприфатливи територијални претензии кон Хрватска, од било кого , па и од Унгарија“.

Во Белград, меѓутоа, официјално нема никаква реакција. Има од социјал-демократите на Војводина, како и од проевропските медиуми кои тоа го објаснуваат со состојбите во власта и во односот на домашната политика кон ЕУ.

Молк во Белград  за провокациите

Орбан е потребен за политиката на „седење на две столчиња“, како и за русофилството, поради блискоста со Владимир Путин, потоа за префрлање вишоци енергија за Србија и за гласовите на унгарското малцинство во Војводина. Сите српски Унгарци имаат унгарски пасоши, но се тврди  дека за изборите во Србија, редовно гласаат за партијата на претседателот Александар Вучиќ.

Конечно, навивачкото шалче со „Голема Унгарија“ не е ниту  првиот ваков инцидент кој го прави унгарскиот премиер. Ова лето, на пример,  тоа го направи среде Романија, меѓу тамошното бројно, унгарско малцинство (1,2 милиони етнички Унгарци), промовирајќи големо-унгарски соништа.

Претходно, пред матурантите од една  гимназија во Будимпешта,  тој јавно ја промовираше картата на „Голема Унгарија“. Притоа, на матураните им има порачано – да не заборават дека нивната држава е „многу поголема“ . Тогаш има речено дека на Унгарија и се „одземени две третини“ од нејзината историска големина, или 63 илјади километри квадратни.

Незадоволство во Војводина

Во војводинската јавност сметаат дека ваквата политика и однесување на Виктор Орбан не е ни малку наивно. Една соседна земја, има нескриени претензии кон третина од државната територија на Република Србија.

Особено што тој го има рехабилитирано нацистичкиот квислинг Миклош Хорти , поставувајќи му биста во Парламентот во Будимпешта, чии хорди имаат убиено и депортирано триесетина илјади Војвоѓани во текот на Втората светска војна. Притоа, се потсетува на – како што се вели- тажниот податок дека српскиот претседател  дури го има одликувано Орбан, а неговата  земја е промовирана во стратешки партнер.

Во Нови Сад, затоа,  се гневни на нереагирањето на официјален Белград на присвојувањето на Војводина од страна на Унгарија. Но,  во кругови на српските Унгарци во оваа автономна покраина се брани Будимпешта. Велат , Војводина е нешто над 100 години српска, но пред тоа- 1000 години била унгарска.

(Д.Б.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе