Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Русија бара објаснување за српското оружје за Украина

Русија бара објаснување за српското оружје за Украина

Официјална Москва побара од српските власти „службено објаснување“ за тајната испорака оружје за Украина.  Според портпарол на руското Министерство за надворешни работи (МИД) – „мора да се открие  правата вистина околу оваа работа, затоа што станува збор за исклучително важно прашање за билатералните руско-српски односи“.

Руската страна преку медиумите веќе  порача дека е „длабоко загрижена “ за вмешаноста на Србија во испорачувањето оружје за украинската војска.

Реакцијата на МИД доаѓа откако руски  медиуми, блиски до Кремљ, објавија за  извозот на српско оружје – прикриено и преку трета земји. Притоа,  се споменуваат Словачка и Турција – преку кои до украинските сили биле испорачани 3500 ракети за ракетниот систем „Град”.

Москва незадоволна од демантите

Според оваа вест, ракетите ги има произведено српската фабрика „Крушик“ . Од таму брзо беше демантирано дека фабриката е поврзана со испорачувањето ракетно вооружување за Украинците.

Веднаш по тоа, со демант се огласи и министерството за одбрана во Белград. Српскиот министер, во официјалното објаснување има речено дека „ не станува збор за  државата, доколку некоја приватна компанија, купува и продава (нешто) во некоја земја“.

Русија, меѓутоа, не е задоволна со ваквото толкување , па , иако тоа го прави  во позавиена форма, различно  од обично грубата московска реакција, сепак, притиска врз Србија да се изјасни и јавно, за што навистина станува збор. Посебно за тоа – како оружје произведено во една српска фабрика, завршува на украинскиот фронт- во војната што Русија ја води против Украина.

До Украина преку Турција и Словачка

Впечаток е дека во МИД веруваат во информацијата што, инаку, прв  ја има објавено прорежимскиот руски медиум „Mash”. Таму  се тврди дека „српски ракети одново се во рацете на украинските сили“ .

Овој медиум има објавено и снимки од Словачка, од едно воено складиште во близината на Братислава, полно со ракети од Србија, со калибар од 122 мм. Освен тоа се прикажани и документи , од кои се гледа како оружјето на „Крушик“ – по заобиколни патишта- се префрла до Украина.

Според српските закони, државата мора да биде информирана кому се испорачува оружје и кој е последниот корисник на оружјето. Од руските медиуми се дознава дека Турција, односно тамошната агемција за вооружување, поседувала таков документ ( на српските власти) , што во Белград има покренато низа други прашања- за тоа како турската страна обезбедила документ.

Тајни испораки

Тој документ и овозможил на Турција, ракетите  со авион да ги префрли во Словачка, од каде по разни канали оружјето стигнало до Украина и до нејзините борци.

Ваквата елаборација на руските медиуми, во Србија (засега) не се елаборира, но дел од медиумите се повикуваат на експерти за вооружување кои сметаат дека станува збор за шема која се користи сега, во екот на распалената војна во Украина.

Но, тоа е шемата според  која производителите на оружје и трговците,  од секогаш работеле , кога треба да се пласира оружје за завојувана страна, а земјата испорачувач не сака тоа да се разбере.

Овие експерти, затоа, се уверени дека ракетите на „Крушик“ никако не можеле да се испорачуваат без знаење на државата Србија.

Аналитичари во Белград, пак, во целиот случај гледаат и многу политика. Особено што „откритието“  на еден руски режимски медиум доаѓа веднаш по соопштенето од Брисел дека Србија ( конечно) објави дека го прифаќа планот на ЕУ за нормализација на односите со Косово.

Вртење грб на Москва

Тајмингот, се смета, дека воопшто не е случаен и има за цел да се вовлече Србијс во војната во Украина.

Руската страна веќе подолго време, од инвазијата пред една година, работи на тој план, секако,  за да Србија отворено застане на страната на Русија, како единствената земја во Европа.

Проценките на белградските аналитичари, меѓутоа, тргнуваат од тоа  дека кога  Москва виде  дека тоа не и успева, а особено кога Белград се согласи со планот за Косово, заобиколувајќи ја Русија, таму е проценето дека треба да се дејствува.

За почеток со еден ваков текст и  со обвинувањето  за српското дејствување , соработувајќи со непријателот,  за да и  покаже  и на руската, но и на српската јавност, дека Србија  ја менува страната – вртејќи и грб на Русија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе