Трета сомнителна смрт во „Лукоил“
Владимир Некрасов (66), претседател на Одборот на директори во руската нафтена компанија „Лукоил“ , почина ненадејно во Москва. Според локалните медиуми- овој висок функционер на компанијата – набрзина беше прогласен за болен , дека имал проблеми со срцето и дека смрта настапила поради – „акутна срцева инсуфициенција“.
Веста би останала во рамките на локалните московски случувања, доколку смрта на Некрасов не беше трета по ред „ненадејна смрт“ на некој од највисоките функционери на „Лукоил„ во изминатие 18 месеци. Сите три вакви умирања , во странската и во домашната, руска јавност, се означуваат како крајно сомнителни.
Смрт во болницата на Кремљ
Прв таков случај беше ненадејната смрт на Равил Маганов (67) кој во септември минатата година почина под крајно мистериозни услови- во Централната клиничка болница во Москва, позната и како болница на Кремљ.
Официјалната верзија на властите беше дека Маганов , инаку прв човек на „Лукоил“, дошол во болницата на контролен преглед, затоа што – (велат) имал проблеми со срцето. Но, непосредно пред да замине дома- паднал од прозорецот на собата, каде се облекувал по прегледот, која се наоѓа на шестиот кат. Неговото мртво тело било најдено во подножјето на болницата.
Во верзијата на полицијата која во тоа време, нашироко ја раскажуваа московските режимски весници, а таа верзија и денеска е официјална, Маганов се самоубил сккајќи од болничкиот прозорец додека во соседната соба се наоѓала неговата сопруга, со која бил на контролниот преглед.
Труење од отровна жаба
Нема ништо за тоа- зашто еден угледен бизнисмен кој 30 години има работено во компанијата, би дошол во болницата на Кремљ за да се самоубие- без претходно да има некакво објаснување за неговата психичка растроеност и без да постои писмо- порака во која тој се простува од животот и од неговите блиски.
Под такви мистериозни и неразјаснети околности, почина и главниот менаџер на „Лукоил“ Александар Суботин, инаку еден од руските милијардери. Беше најден мртов откако – според службената руска истрага- примал совети од еден (познат) руски исцелител.
Државните медиуми и за него набрзина заклучија дека Суботин се отрул од отровна жаба , која исцелителот го советувал да ја користи за сопственото исцелување, а дека отровот предизвикал срцев удар кај овој 43 годишен бизнисмен. Уште беше откриено дека исцелителот и го нашол без свест во неговиот дом.
Брутална пресметка
Според овие верзии на руските власти се означени како конечни, па излегува дека тројца водечки директори на „Лукоил“ – сите богати и во можност да платат најдобро можно лекување, биле „сериозно заболени со срцето“ , но едниот од нив , наместо од лекар, користел совети на „видовит“ исцелител – и сите умреле еден, по друг , затоа што наеднаш им откажало срцето.
Едниот (наводно) се самоубил , а другиот се лекувал како што не требало, но сите починале поради срцева слабост.Има сознанија дека во ваквата руска режимска приказна не веруваат ниту во Русија, колку за тоа никој таму повеќе и да не зборува.
Но, руската опозиција- целосно замолчена, сместена во затвори со измислени обвинувања, или разбегана низ светот, обвинува дека случајот со „Лукоил“ претставува брутална пресметка на власта со противниците на руската инвазија врз соседна Украина- кои и да се и на било кое место да се наоѓаат.
Казна за осуда на инвазијата
Опозиционерите, затоа, веруваат дека „тројката од „Лукоил“ е ликвидирана- онака како што тоа во Лондон им се случи на Александар Литвиненко и на екс олигархот Борис Березовски, или како што требаше да им се случи на Сергеј Скрипал , во англискиот град Солзбери и на Алексеј Навални, додека патуваше со авион од Томск за Москва.
Проценка е дека Некрасов и пред него Маганов и Суботин, се сурово казнети поради нивното јавно спротивставување на агресијата на Русија врз Украина и заложбата за запирање на војната.
За „Лукоил“ се знае дека е првата руска компанија (втора најголема во нафтениот сектор) која се огласи против војната- како што беше речено во соопштението- во интерес на рускиот бизнис и на руската економија. Само една недела по бруталната инвазија, Управниот одбор на оваа компанија- во која беа и Некрасов и Маганов- се огласи со соопштение , изразувајќи „загриженост за трагичните настани во Украина“.
Тоа тогаш немаше добиено поинаква конотација, освен како хуман и мирољубив гест.
Околу 50 мистериозно починати
Стануваше збор за угледна компанија која работи и во странство, која брзо регираше со барање да престане војувањето , откако целата меѓународна јавност ја осуди инвазијата врз една независна и суверене држава. Уште повеќе што Маганов и Некрасов беа одликувани- првиот од Владимиор Путин, а вториот од Дмитри Медведев, кога овој во еден мандат беше руски претседател.
Се покажа, меѓутоа, дека во Кремљ „гревот“ на врвните луѓе од „Лукоил“ не бил заборавен и тие – еден, по еден – платија со своите животи . Уште повеќе што Некрасов , како еден од малкумината од руската бизнис елита, не беше санкциониран од ЕУ.
Тие тројцата само се најдоа во долгиот список од околу 50 мистериозно починати лица ( за што на неколку пати пишуваше Скопје/Глобал) од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година . Сите руски државјани- бизнисмени, олигарси, државни функционери, припадници на власта и рускиот естаблишмент.
Сите тие починаа, загинаа , или беа убиени во целосно неразјаснети околности- најчесто од срцев удар, после извршено самоубиство ( скокајќи од прозорец), отруени, или едноставно- професионално застрелани.
(С.Г.)