Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Израелски амбасадор со ѕвездата од време на нацизмот

Израелски амбасадор со ѕвездата од време на нацизмот

Израелскиот амбасадор во ОН Гилат Ердан предизвика преседан во Светската организација, откако на седница на Советот за безбедност се појави со жолтата Давидова ѕвезда на реверот на своето палто, позната по зло од времето на нацизмот пред деведесетина години.

Ердан и персоналот на израелската мисија на овој начин протестираа против тоа што највисокото тело на ОН, не најде сила да ја осуди палестинската милитантна, терористичка организација Хамас, за извршеното злосторство врз невини израелски цивили, во јужен Израел.

Тогаш брутално беа убиени и ликвидирани во своите домови и на еден музички концерт , одржан за мир, над 1500 Израелци- само затоа што се Евреи- а беа грабнати и одведени како заложници уште околу 300 други лица.

Неуспех на Советот за безбедност

Амбасадорт притоа им изјавил на новинарите дека ќе го носи овој знак, што нацистите во триесетите години на 20 век,  им го наметнале на германските и на сите Евреи на окупираните територии во Втората светска војна, се додека Советот за безбедност и ОН не го осуди Хамас за колежот врз Евреите од 7 октомври, исто онака  како што тоа се правело во времето на нацизмот.

„Токму така, како нашите баби и дедовци и како милиони други Евреи- јас и моите соработници од дипломатската мисија- ќе носиме жолта ѕвезда, протестирајќи што нема осуда за Хамас“- има речено израелскиот амбасадор во ОН.

Советот за безбедност (СБ) на својата последна седница, посветена на војната што палестински Хамас ја започна против Израел, не успеа да се согласи за ниту една понудена резолуција.

„Молчење пред злото“

САД не ја прифатија контра-резолуцијата на Русија и на Кина , затоа што во неа не се споменува правото на Израел на самоодбрана по неиспровоцираниот напад. Москва и Пекинг, пак, не ја прифатија американската ( и западна) резолуција, оправдувајќи го тоа со објаснувањето дека- не бил јасно изразен повикот за примирје, што делува цинично и како политиканска игра, затоа што и Русија и Кина знаат дека во овој момент, нема услови за примирје. Особено кога се нема намера да се осудат една агресија и направените злосторство.

„Затоа, секогаш кога ќе ме погледнете ќе се сетите што значи да се молчи пред злото и злосторството“- им порачал амбасадорот Ердан на своите колеги во Советот за безбедност.

Во елаборацијата на својата постапка, тој ги има осудено дискусиите на некои од амбасадорите во ОН, кои инсистирале на броење жртви , за маките на жителите на Газа поради израелската блокада на Појасот и офанзивата на израелската армија, во настојувањето да ги најде и да ги казни извршителите на злосторството врз невините цивили при нападот на Хамас.

Според Гилат Ердан, ваквите аргументи, кога се знае дека палестинските милитанти ги користат палестинските цивили како свој жив штит, се нереални и делуваат смешно во време на војна и воени дејствувања.

Немало примирје кај Сталинград

„Тоа е како во текот на операцијата од Денот-Д во јуни 1944 година – на сојузниците против нацистите – да се водело сметка за тоа- дали во Минхен, на пример- има доволно вода, струја и дали германските цивили имаат храна“- рекол амбасадорот, додавајќи дека никој тогаш не споредувал кој има дадено повеќе жртви во војната-  Американците, или Британците, на пример. Барањето за примирје, пак , го споредил со ситуацијата од познатата битка за Сталинград, во екот на Втората светска војна.

„Како би изгледало , веднаш по рускиот пробив на фронтот, во руската офанзива  против нацистичката војска -да се барало од нив – да прифатат прекин на огнот“- рекол револтирано израелскиот амбасадор Ердан.

Затоа и тој и Израел не ги прифаќаат обвинувањата на дел од меѓународната јавност за вина на Израел и за тоа дека кон  жителите на Газа  се применува „колективно казнување“ . Односно, сега да се зборува за „спасување на Палестинците“ , а да се заборава на колежот врз недолжните цивили од страна на една милитантна, терористичка организација , каква што е Хамас.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе