Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бенјамин против Бенјамин

svarshik/Bigstock.com

Бенјамин против Бенјамин

Во рок од пет месеци, Израелците два пати гласаа на парламентарни избори. Првиот пат во април годинава, а вториот минатата недела, но и во двата случаи не им успеа да изберат нова влада. Понатаму не е јасно што ќе се случува – дали ќе има некаков  политички компромис меѓу бројните израелски партии, од кои ниту една сама не може да победи и да формира владин кабинет, или ќе се организираат и трети избори.

И партиите на десницата предводени од Ликуд на Бенјамин Нетанијаху, како и блокот партии од левицата и левиот центар, што сега ги предводи алијансата Сино/Бело на Бенјамин (Бени) Ганц, тврдат дека не сакаат уште едно гласање. Тоа посебно се однесува на политичкиот ветеран Нетанијаху кој стана првиот израелски политичар, кој десет година остана на премиерската функција.

Почеток на крајот

На изборите во април Бенјамин Нетанјаху имаше подобар резултат отколку сега, на септемвриските избори. Тогаш освои најмногу гласови и пратенички места, но откако не успеа да состави влада, наместо да трага по компромис со политичките конкуренти, тој арогантно го распушти Парламентот и се определи за нови избори. Сега, не само што остана втор по бројот на пратеничките места, зад Ганц и неговата лево-центристичка Алијанса, туку од изборите излезе со ослабната позиција. Згора на се, Нетанијаху се соочува со судско сослушување во октомври, откако беше обвинет за корупција, за примање поткуп и за измама.

Како и да излезе од сите овие обвинувања, неговата позиција уште повеќе ќе ослабува, а на еветуално следни, трети избори, тој би можел да доживее и уверлив пораз, што би значело крај за неговата долга политичка кариера. Израелските аналитичари и сега велат дека неговата кариера е на почетокот од нејзиниот крај, па затоа тој најмалку што посакува е да се гласа уште еднаш- особено што евентуалните нови избори би се одржале во време додека во судница паралелно се одвива и судскиот процес против него.

Либераман – „king maker“ ?

По преброени 97 отсто од гласовите – јасно е дека и на повторените избори- резултатот е скоро идентичен- двете главни партии се една до друга. Овој пат, меѓутоа,  Сино/Белата Алијанса е прва со освоени 33 пратенички места, во Кнесетот ( Парламентот) кој има 120 места, додека Ликуд е втор, со 31 пратеници. Левиот блок, во кој е и сојузот Заедничка листа  (здружените арапски партии), сега како трета по сила политичка групација во Израел, може да смета на 57 пратеници. Тоа значи дека им се потребни уште, најмалку, четворица пратеници за да може да обезбедат влада. Десниот блок, пак може да смета на 55 пратеници.

Идеолошки, на таа страна е и националистичката партија Израел Бејтену (Израел нашиот дом) на Авигдор Либерман, која со осумте свои пратеници може да биде „king maker” во ваквата постизборна пат позиција. Но, овој поранешен министер за надворешни работи и еднаш министер за одбрана, во владите на Нетанијаху, сега инсистира на тоа дека може да се приклучи и да подржи само една секуларна израелска влада. А, таква влада, во сегашниот распоред на гласовите на Израелците по повторените избори, Нетанијаху не може да состави, доколку сака да биде премиер на десничарска влада.

Нетанијаху нуди голема коалиција

Бенјамин Нетанијаху, затоа, неочекувано за него и за неговата веќе позната непопустливост, направи нешто што ја изненади домашната јавност-прв се огласи со понуда за компромис со Сино/Белите, обраќајќи му се директно на Ганц. „ Те повикувам Бени, ајде да се сретнема, било каде и било кога, за да покренеме процес кој е важен ( за Израел) како никогаш досега“- рекол Нетанијаху.

Според него, државата има две опции на располагање. Едната е формирање десничарска влада , со него како премиер, а другата, создавање ОПАСНА влада, заснована врз арапските партии. Овој типично балкански, националистички манир, всушност, е напад врз Ганц, уште пред овој да реагира, затоа што лидерот на Сино/Белата Алијанса веднаш по дознавање на резултатите за предноста што ја има левиот блок, вети покренување дискусија и со арапските партии, кога ќе дојде ред да се прави владино мнозинство.

За да попречи, како што рекол „ опасна“  коалиција, или договор за поддршка со арапските партии, Нетанијаху ( за прв пат, како премиер) нуди голема коалиција- влада на национално единство меѓу Ликуд и Сино/Белите во која тој би бил премиер. „ Ветував десничарска влада, но изборните резултати тоа не го дозволуваат. Нацијата сега од нас очекува да соработуваме. Нема причина да одиме и на трети избори“- рекол во јавното обраќање Нетанијаху.

Одговорот од другата страна дојде мошне брзо. Бенјамин Ганц, поранешен началник на Генералштабот на израелската армија, во својата изјава порача дека ТОЈ сака да биде новиот премиер, на влада на националното единство, за да државата излезе  од сегашниот ќорсокак.

Ганц- коалиција без Нетанијаху

-Израелците на ова гласање покажаа дека сакаат влада на национално единство и јас ќе ја предводам таа влада. Со сите ќе разговараме и сите ќе ги сослушаме, но никој не може нам ( на Сино/Белите) да ни диктира услови- рекол Ганц, додавајќи дека токму ваквите резултати, на два пати, во пет месеци, покажуваат што треба да се направи. „ Откако му беше наметнато одново да излезе на гласање, народот покажа дека наместо да се определува за партиите, се определи за Израел“- порачал лидер0т на левоцентристичката Алијанса, инаку сосема нов во политиката.

Од штабот на Алијансата имаат изјавено дека понудата на Нетанијаху кој по секоја цена сака по пети пат да биде премиер, претставува само политичка игра. Од таму порачуваат- влада може да има за само 24 часови, потребно е само тој да си замине од лидерската функција на Ликуд. За Ганц и за неговите, голема коалиција може да има само без Бенјамин Нетанијаху.

Сега се очекуваат конечните резултати и решението на претседателот Рувен Ривлин, да одлучи кому, прво, ќе му довери мандат да создаде нова влада. Тоа се смета дека ќе биде оној лидер за кого претседателот верува дека ќе може да формира владин кабинет. Сегашната ситуација , меѓутоа, е посложена од април годинава, кога претседателот му довери мандат на  Нетанијаху кој во тоа не успеа. Сега, иако одново нема победник, мнозинството, без разлика што е минимално, овојпат е на другата страна, а ситуацијата е докомпликувана со непопустливата позиција и на двајцата Бенјамини околу тоа кој ќе ја има премиерската функција. Ганц  инсистира дека никако нема да коалицира со Нетанијаху и бара од Ликуд да си најдат нов лидер.

Безбедноста пред економијата

Во Израел, гласачите никогаш не се определувале околу економските прашања, или за економијата на едната , или на другата партија, туку околу безбедноста и безбедносните теми. Тврдиот десничар Нетанијаху во кампањата ( на два пати) ветуваше анексија на територијата на која се изградени новите еврејски населби, како и на другите територии на Западниот Брег.

Палестинците кои бараат своја држава на територијата на Западниот Брег и во појасот Газа, со главен град Источен Ерусалим, порачуваат дека анексијата што ја ветува Нетанијаху ќе ги убие сите надежи за мир. Нетанијаху кој ги плаши луѓето со тоа дека Ганц, за да формира влада ќе коалицира со Арапите, или ќе им вети концесии за да ја има нивната подршка, порачува дека нема да има никаква поделба на Ерусалим ( како што тоа беше до јунската војна во 1967 година) затоа што Светиот град е главен град на државата Израел.

Неуспехот на Ликуд во април, повторен во септември, во поголем обем , покажуваат дека ваквата реторика и овие ветувања на Нетанијаху, мнозинството гласачи не сметаат дека им носат безбедност и мирен живот и соживот со Арапите и со Палестинците. Затоа, пред Израел и неговите политичари има три можни решенија за излез од пат ситуацијата- едното е Бенјамин Нетанијаху да се повлече и да замине во историјата.

Можни се и трети избори

Другото е „king-maker“ партијата на Либерман, да направи целосен пресврт во својата сегашна декларирана ориентација- дека нема да влегува во коалицина влада со ортодоксните, религиозни партии, туку само ако Ликуд и Сино/Белите се договорат- и сепак , да стане дел од десничарскиот блок што го посакува Нетанијаху.

Еден таков пресврт никого не би зачудил, затоа што во израелската пракса такви пресврти имало во минатото, но аналитичарите во Тел Авив проценуваат дека тоа би значело политичко фијаско за Либерман и за  партијата Бејтану, затоа што неговите ( досега) лојални гласачи таквиот пресврт никогаш не би му го простиле.

Третото решение е- одново да се оди на избори. Бенјамин – и едниот и другиот- сега уверуваат дека не сакаат таква разрешница на политичката криза. Треба само едниот од нив двајцата, да се откаже од претензијата да биде израелски премиер.

Сервис- Скопје/Глобал

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе