Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Усвоен развојниот план на ЕУ за Западен Балкан

Усвоен развојниот план на ЕУ за Западен Балкан

Европскиот Парламент (ЕП) го усвои планот за развој на ЕУ за Западен Балкан, што според сите параметри се означува како најамбициозен  финансиски пакет досега.

Пакетот во вредност од шест милијарди евра беше усвоен на само два дена пред распуштањето на ЕП , бидејќи европските институции влегуваат во изборниот период, за парламентарните избори предвидени за периодот меѓу шести и девети јуни, во сите 27 земји членки, како и за изборот на новите функционери на Унијата- претседател на Европската комисија и  нови европски комесари.

Најамбициозен финансиски пакет

Текстот на планот што го предложи досегашната Европска комисија , а беше усогласен со Европскиот совет и со Европскиот Парламент , предвидува освен правото на користење на парите од овој досега најголем пакет и обврски за земјите од Западен Балкан.

Албанија ( сега од скоро и БиХ), како и Северна Македонија, Србија и Црна Гора ќе мора да исполнат и низа критериуми за да може да ја  користат оваа финансиска инјекција  што им овозможува забрзан економски развој и (практично) предподготовка за побрзото влегување во Унијата. Планот се однесува на периодот меѓу оваа 2024 и 2027 година.

Меѓу критериумите се наоѓаат и оние основните кои се однесуваат за сите земји претенденти за влез во ЕУ- како што се  реформирањето на државите, владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократија, како и институционални реформи кои треба да се гаранција дека парите од планот нема да се злоупотребуваат.

Задоволување политички критериуми

Покрај овие основни критериуми кои, инаку,  се дел од задачите што сите земји членки ги имаат поминато кога тие минувале низ процесот за прием, пред  да станат дел од Унијата, земјите од регионот треба да задоволат и некои политички критериуми и тие се посебни за секоја земја.

За Србија и Косово, на пример, постои дури и посебен услов.

Станува збор за напредок и завршување на  покренатиот процес на нормализација  меѓу  двете соседни земји кој и Белград и Приштина и покрај постигнатата согласност, засега, прават се што можат за да до тоа не дојде. Или, барем за  да може работите да се одолговлекуваат  до недоглед, постојано покренувајќи нови тензии.

Тоа посебно се однесува за српската страна која како да не сака било кога да има нормализирани односи- без да се изврши формалното меѓусебно признавање.

Завршување на уставните реформи

Северна Македонија , пак, треба да ги заврши уставните реформи , околу измените во преамбулата на Уставот. Доколку тоа се направеше во претходно определениот рок- до крајот на 2023 година- земјата сега ќе ги имаше започнато и преговорите со Брисел за влез во ЕУ.

Особено после успешно спроведениот скрининг од страна на владата во Скопје.

Меѓутоа, блокадата од македонската опозиција – на националистичките, десничарски вмровци, како и на проруската  Левица, која настапува  од десничарски позиции- го запре целиот тој процес.

Пропаднаа и обидите да се покренат работите  на почетокот од годинава , пред започнувањето на изборниот процес,  затоа што екстремистите во овој блок сега заговараат дури и отфрлање на спогодбата со Бугарија, како и на мировниот договор од Преспа, што само може да ја врати земјата назад и изолирана.

Неповратни средства и поволни кредити

Во секој случај, со сега веќе озаконетиот план на Брисел, се предвидува забрзан раст на економиите на секоја од земјите кандидати од Западен Балкан, до 2030 година, до кога би требало некоја од нив да стена членка на ЕУ.

Европската комисија планот го предложи во ноември минатата годоина, а претседателката Урсула фон дер Лајен го елаборираше и во Скопје. Според неговите одредби, тој е  поделен така што од шесте милијарди-  две се  неповратни средства, а другите четири милијарди се како кредити под мошне поволни услови и ниски камати.

Целта , како што тогаш истакна  Фон дер Лајен,  е да се забрза подготовката и спремноста на Западен Балкан ( вклучувајчи го и Косово) за полесно и побрзо влегување  во  Унијата.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе