Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Суд по завршениот мандат

bankphoto/BigStock.com

Суд по завршениот мандат

Во Франција како да станува редовна појава, мандатот на некои од претседателите, или премиерите, да завршува на суд, со обвинување (најчесто) за злоупотреба на службената должност и на фондовите со средства за финансирање на изборните кампањи.

Неодамна починатиот претседател Жак Ширак, една од најдоминантните фигури во француската политика, после генералот Шарл де Гол, пред крајот од шеесеттите години на 20 век, беше погребан со највисоки државни почести. Повеќе илјади Французи му оддаваа почит на политичарот кој два пати беше претседател, на два пати француски премиер, а 18 години и градоначалник на Париз.

Саркози како Ширак

Најголемиот број од нив повеќе се сеќаваа со симпатии за него како политички шармер кој знаеше извонредно да комуницира со јавноста и на крајот да ја убеди, да му верува, отколку што го паметат по некое значајно постигнување за државата, а посебно за нејзините граѓани. Но, Ширак кого неговите политички противници често знаеја да го опишат како „камелеон“ во политиката, ќе остане запаметен и по неговите проблеми со правдата.

Од Елисејската Палата замина со аферата за злоупотреба на парите, уште од времето кога беше градоначалник на францускиот главен град, а својата долга кариера како политичар ја заврши со судски процес. Беше прогласен за виновен и осуден на затворска казна од две години, условно.

Од париската претседателска палата го испрати неговиот наследник, Никола Саркози следејќи ја со насмевка долго испружената рака на Ширак, низ прозорецот на автомобилот кој го однесе во историјата. Но, сега Саркози, по долго извлекување и по низа години развлекување на судската постапка, исто така, се соочува со можноста и тој својата политичка кариера да ја запечати со судење и со пресуда.

Злоупотреба на должноста

Тој е осомничен за слично кривично дело- за корупција и за злоупотреба на службената должност, поврзано со трошоците за неговата претседателска кампања во 2012 година. Апелациониот суд ја има отфрлено неговата жалба за обвинувањето за, како што се вели – „ нелегално финансирање на изборната кампања“ за што доколку биде осуден би можел да добие една година затвор.

Всушност, Саркози кој беше шеф на француската држава еден мандат, од 2007 до 2012 година, уште веднаш по изборниот неуспех, да се избори за втор мандат, го товарат за прекорачување на законски дозволениот максимум за финансирање на изборната кампања, за цели 20 милиони евра, иако, според обвинителите, тој и неговиот изборен штаб биле предупредувани. Процесот против него и уште 13 други лица, беше започнат на почетокот од 2017 година, но од тогаш, па се до крајот на овој септември работите се одолговлекува со бројните жалби на неговите адвокати.

Во мај годинава, Врховниот суд пресуди дека Саркози не може да одбегне судски процес, иако тој изминатите години се брани дека уште во 2013 година, еднаш веќе бил санкциониран за ова кривично дело. Тогаш, тој и ги вратил на државата екстра потрошените 363 илјади евра, за изборната кампања.

„Афера Карачи“

Во 2014 година, меѓутоа, обвинителите откриле постоење на низа лажни сметки со кои требало да се покрива трошењето пари за неговата изборна кампања, над законскиот максимум. Целата таа операција ја спроведувала агенцијата „Бигмалион“ по која и целиот случај на поранешниот претседател го доби името. Францускиот Врховен суд, всушност, случајот со Саркози, сега одново им го вратил на обвинителите, по што ќе треба да се одлучи дали ќе биде изведен на судење.

Во моментите кога за овој поранешен претседател, се зборува дека ќе биде запаметен и по тоа што во текот на својот мандат се разведе, а потоа се прежени за некогашната манекенка и пејачка Карла Бруни, со која доби и дете, медиумите во Париз потсетија на една друга, подзаборавена афера, овој пат со еден поранешен француски премиер, која изгледа дека дури сега ќе има своја судска разврска.

Станува збор за Едуард Баладур кој беше премиер од 1993 до 1995 година и за „аферата Карачи“ како што е позната во француската јавност. Таа е поврзана со договорот на владата во Париз за испорака на три подморници за Пакистан, од средината на деведесеттите години на 20 век, за кој била земена и незаконска провизија.

Баладур кој сега има 90 години е осомничен дека од таа провизија, тајно има добиено пари за својата (неуспешна) претседателска кампања. Заедно со него сега е осомничен и поранешниот министер за одбрана Франсоа Леотар, но тие двајцата ги отфрлаат сите обвинувања.

Тајна провизија

Целиот случај со Баладур и неговата „ провизија“ се врзува за терористичкиот напад во Карачи, во 2002 година, кога во подметната бомба под еден автобус беа убиени 11 француски експерти и инженери за подморници.

Француската истрага верува дека нападот е поврзан со договорот со пакистанската влада и со провизијата. Парите од провизијата биле наменети за посредниците при правењето на зделката за подморниците, но со тајна клаузула – дел од нив биле префрлен во Франција, директно на сметките од кои се финансирала изборната кампања на премиерот кој имаше амбиции да биде претседател.

И Баладур и Леотар се осомничени уште во 2017 година, па поради блискоста на Никола Саркози со остарените поранешен француски политичар, неговиот случај се поврзува со оној од „аферата Карачи“.

Пари и жени

Сето ова ја прави француската политичка сцена да биде сосема различна од онаа во една Германија, на пример, или во Британија и во Скандинавските земји, каде ваквите случаи ако се појават брзо се санкционираат, а така обележаните политичари никогаш не може да се вратат на политичката сцена.

Во Франција тоа од секогаш било поинаку, па еден голем проевропеец од француската политика, како Валери Жискан Д Естен, беше долго осомничен дека примал (подарок) дијаманти од поранешниот диктатор на Централно Африканската Република, која едно време беше прогласена во царство. Претходникот на Емануел Макрон, пак, претседателот Франсоа Оланд ќе го паметат по љубовната афера со една француска актерка, која тајно ја посетувал преоблечен како „обичен“ возач на „ Веспа“.

Наклонетоста кон парите и слабоста кон жените, уште од империјално време биле составен дел на домашната политика. Тоа го покажува и животот на сега починатиот и како што тоа се виде деновиве, почитуван претседател Жак Ширак, исполнет (како што велат) со бројни случаи на прељуба.

(Ф.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе