Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

САД се вратија на Балканот

hadrian/Bigstock.com

САД се вратија на Балканот

Американскиот државен секретар Мајк Помпео беше во една куса европска турнеја, посетувајќи ја прво  Италија, од каде потекнува неговото семејство, потоа Ватикан, за да се сретне со папата Франциско и Балканот. На турбулентниот балкански регион, каде историјата и понатаму продолжува да се меша со актуелната политика, првиот човек на американската дипломатија ги посети Црна Гора, Македонија и Грција.

Првата станица на балканската турнеја, Црна Гора е од пред две години членка на НАТО, откако претходно направи свртување во своето геостратешко определување- од „историската“ поврзаност со Истокот, кон Западот и евроатланските асоцијации. Република Северна Македонија, како што е сегашното официјално име на нашата држава, де факто е во Северноатланската алијанса, се чека само на ратификацијата на нејзиниот договор со Алијансата од уште неколку земји-членки, па македонското државно знаме да биде подигнато на 30-от јарбол пред нејзиното седиште во Брисел.

„Шетањето“ на Грција

Грција, пак, е одамна членка на НАТО, уште од 1952 година и тешките години на Студената војна. Земјата важи за стар сојузник на САД, уште од времето кога на нејзината територија имаше американски бази, иако повремено во минатото, Грција знаеше да предизвикува криза во своите односи со Американците, без разлика на големата помош што тие им ја имаат давано на Грците, во нивните најтешки моменти.

Во таквите периоди изгледаше дека старото сојузништво ќе остане само како дел од историјата, откако  некои од атинските влади сакаа да кокетираат со Истокот ( со Москва), па потоа стратешкото сојузништво да го врзуваат за ЕЕЗ/ЕУ каде Грција беше примена преку ред, или да декларираат „неутралност“ и некаква  „неврзаност“ во определени кризни моменти на глобален план, одржувајќи блискост со оние кои беа непријателски расположени кон САД  и нивната политика.

Америка и самата ( повремено) како да губеше доверба во Атина- на безбедносен и на политички план- врзувајќи се повеќе и почесто за Турција, која со поголемиот дел од својата територија е истурена кон Блискиот Исток и полека, но сигурно се претвораше во регионална сила која е полојална кон САД, подготвена секогаш да застане зад американските стратешки интереси во тој дел од светот. Во еден момент, кога Атина одржуваше „студени“ односи кон Израел кој ја има улогата на примарен американски сојузник и партнер во регионот, Анкара , со Реџеп Таип Ердоган, направи целосен пресврт во својата определба, градејќи пријателство со еврејската држава.

Подемот на Турција

Тие години, меѓутоа, поминаа и тоа изгледа неповратно. Не само што истите играчи (Ердоган и Бенјамин Нетанијаху), после 2011 година и т.н. арапска пролет ја растурија турско-израелската дружба, нагло како што и ја создадоа, туку Грција се најде на работ од целосниот финансиско-економски колапс , неподготвена за еврото, за членството во евро-зоната и преоптоварена со своите огромни долгови и традиционалната финансиска недисциплина.

За разлика од неа, Турција бележеше постојан економски растеж и просперитет, па не само што беше позната по тоа што стана воена сила, со својата втора по бројност армија во НАТО (по американската), туку брзо израсна и во политичко-економска сила во азискиот регион и се префрли на европскиот континент, пред се, на Балканот.

На Анкара и на Ердоган, прво како премиер, а сега и како претседател со силни извршни овластувања,  не само што веќе не им треба членството во ЕУ, туку не им се потребни ниту Американците. Особено што моќниот турски претседател секогаш кога ќе ги залади односите со Вашингтон ќе се сети на Русија и на тамошниот моќник Владимир Путин, кокетирајќи со рускиот фактор во вооружувањето и во позиционирањето на силите со Москва и со Техеран во Сирија, која остана заглавена во својата граѓанска војна, во која сите овие три страни се мешаат.

Заборавен Балкан

Изгледа како Западот, ЕУ и посебно САД сето тоа трпеливо да го одмолчуваат. Очигледно е дека не сакаат да го растурат сето она што го имаат вложено за една ваква Турција, верувајќи во неминовното – дека Ердоган не е вечен.

Но, Американците се повеќе покажуваат дека зад големата сцена градат нов пат, за себе и  за Западот, колку сето тоа да не изгледа така. Администрацијата на демократот  Бил Клинтон и на републиканецот Џорџ Буш и ги оставаа европските работи на Европа, но во ниту еден момент не се повлекоа од неа, секогаш вклучувајќи се кога тоа е потребно, особено на Балканот, каде ЕЕЗ/ЕУ не секогаш знаеше да се снајде со ситуацијата.

Администрацијата на Барак Обама, пак, иако со „ полна уста“ за ЕУ/Европа, и го препушти континентот, а тоа значи и Балканот,  целосно на Унијата и тешко погреши. Особено кога ЕУ се најде заглавена со своите внатрешни проблеми кои избувнаа по ширењето на Унијата кон Истокот на Европа и со банкарско-финансиската криза од есента 2008 година. Американците тогаш го заборавија Балканот ( сега веќе само неговиот југозападен дел)  единственото парче од европскиот континент кое остана надвор од ЕУ и од евро-атланските интеграциски процеси.

Едноставно, им го препуштија на локалните мангупи кои во таквата ситуација, се претвораа во копии на еден Путин, или на Ердоган, каде државата зависи од нивниот збор, од нивната волја, владеејќи недемократски, низ корупција, непотизам и строго контролирани медиуми и судски системи.

Русија во Македонија

А, малите и корумпирани диктатори , за да останат на власт, полни со пари и за да можат да ја задоволуваат својата поткуплива камарила и „ новата класа“ што ја создадоа, се свртеа во потрагата по газди во големиот политички свет кои не се интересираат за демократија, за човекови права и слободи и за изградбата на либерални општества, туку само за тоа да се сместат на западнобалканскиот регион.

На тој начин, во земја каква што е Македонија , каде  нејзините националисти кои 11 години владееја автократски, секогаш антизападно и антиевропски определени, ги донесоа Русија, со нејзината царистичка политика на Балканот и Кина, со државните инвестиции во инфраструктурата, добиени со поткуп за луѓето во врвовите на власта.

Американскиот дипломат Вес Мичел,  прв посочи дека САД вртат нов лист и дека се враќаат на Балканот. Неговата куса порака за регионалната јавност беше дека Америка не може да дозволи Русија, а и Кина, па и Турција, во крајна смисла, да го претворат ова парче од европскиот континент, оставено надвор од ЕУ,  во простор на недемократија , на корупција и задушено право и правната држава.

Кинеска стратегија

Русија која веќе беше навлезена во Србија, почна да диктира како да се уреди косовското прашање, а во основа не сакајќи тоа брзо да се разреши, преку српската територија со помош на разузнавачкото подземје се замеша, прво во Црна Гора, а потоа и во Македонија. Во Црна Гора со обид за пуч против проевропската и пронатовска определба на тамошната власт. Во Македонија, пак, на истиот начин, со предизвикување насилнички упад во Парламентот во Скопје на проруската, националистичка власт на заминување, за да се убие тогашниот лидер на опозицијата- мандатор за новата влада која веќе беше создадена и за да се издејствува вонредна состојба, што во крајна смисла требаше да значи задржување на власт на дотогашниот антизападен и антинатовски режим.

Мичел, а потоа и Џорџ Сорос зборувајќи на Форумот во Давос, предупредија и на „ малигното дејствување не само на Москва, туку и на Пекинг“ во регионот на Западен Балкан, каде преку инвестициите се протуркува кинеската државна стратегија за влез во Европа, згора на се хранејќи ја корупцијата во високите врвови од власта.

Како , на пример, во Македонија, каде има и докази дека бившиот режим на сега избеганиот екс премиер- осуденик, овозможи влез на кинескиот капитал во изградбата на патната мрежа на државата откако се спогоди ( со инвеститорите) „ колку да им наплати на жолтите“.

Историскиот договор од Преспа

Американскиот дипломат Мичел ( тогаш) за прв пат историскиот договор од Преспа го стави во регионални и во стратешки рамки, покажувајќи зашто Москва толку многу се трудеше договор да не се постигне, мешајќи се директно во внатрешните работи на Македонија и Грција- кај нас поттикнувајќи ги домашните националисти да го соборат референдумот, а во Грција барајќи сојузници против „ Преспа“ во крајната десница и во делови од грчката црква. Тогаш стана јасно и дека САД имаат нова стратегија за Грција, која требаше ( практично) да ја поврати својата некогашна позиција на Балканот, но  и за целиот регион.

Според американски безбедносни аналитичари Грција треба полека да ја презема позицијата што некако по инерција и беше оставена на Турција, пред таа да се претвори во она што е денес и на предводник на регионот ( на Западен Балкан). Во Атина, Мајк Помпео ќе рече : САД сакаат Грција да создава и да гради стабилност во целиот регион.

Според американскиот државен секретар, Атина има свртено нова страница и сега има вистинска можност да го покрене својот развој, но и да работи на новите американско-грчки односи. Потврдувајќи го враќањето на САД на Балканот, тој за еден атински медиум рекол и дека новата одбранбена стратегија, содржана во новата грчко-американска спогодба за одбрана, не се однесува само на американски бази, туку дека таа оди многу подлабоко.

Пресметка со руските ботови и тролови

„ За САД е многу важно Балканот да се стабилизира. Станува збор за подрачје полно со предизвици и ние сакаме Грција да биде предводникот. Сакаме новиот премиер, со неговиот тим, да го поведат регионот напред, за да се создаде стабилноста која е потребна“- рекол Помпео во Атина, објаснувајќи го постоењето на базите и по крајот на Студената војна,  со состојбите на Истокот.

„Точно е дека се распадна СССР, но остана злонамерното руско влијание. Остана и на Блискиот Исток, а таму е и Иран и неговото дејствување“- рекол Мајк Помпео.

Во Охрид, американскиот државен секретар, по разговорите со премиерот Зоран Заев, во четири очи, како и со владината делегација, инсистирал дека САД остануваат стратешки партнер на Македонија. Тој меѓутоа, предупредил на потребата да се спречи јакнењето на влијанието на Русија, но и на Кина.

„Срцето и разумот на луѓето ( во Македонија) треба да бидат раководени од чекорењето напред, а не од руските ботови и тролови по социјалните мрежи“ -рече Помпео во Охрид, порачувајќи дека не смее да им  се остави  на овдешните луѓе да бидат труени од ширењето невистини, од лажните вести и измислиците за домашната и надворешната реалност.

Тој исто така предупредил и на „ ризикот од кинеските инвестиции во чувствителните технологии, но и на кинеската стратегија за поткуп за да обезбеди договори, посебно во инфраструктурата“. Помпео зборувал и за интензивирање на американско-македонските економски односи и за поттикнување на интересот на компаниите од САД за вложување во Македонија.

Старомоден национализам

За интензивирање на економските врски тој зборувал и во Атина, но за полетот и оптимизмот на државниот секретар, кога станува збор  за новата грчка позиција во регионот, некои грчки аналитичари гледаат со резерва, не затоа што не му веруваат на Помпео, туку на новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис.

За Скопје/Глобал тие велат дека целиот тој нов проект е правен со владата на Алексис Ципрас и иако левичарска, таа беше многу поголем ентузијазам околу враќањето на Грција на меѓународната сцена како лидер на Балканот, од сегашната влада на Неа Демократиа. Во време на посетата на споменатиот Мичел, по средбата што ја имаше со Ципрас, за прв пат се спомена за американски инвестиции, посебно во реонот на Солун и на северна Грција.

За сегашниот премиер нашите извори велат дека е повеќе свртен кон внатрешните состојби и е многу повеќе националист за да може да стане предводник, но признаваат дека по посетата на Мајк Помпео и неговото јавно прозивање до Мицотакис да ја преземе улогата што му е понудена, тешко е да се поверува дека овој десноцентристички политичар нема да  ја искористи шансата која му носи поени, повеќе отколку што може да ги постигне со голиот, старомоден национализам.

(Спектатор)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе