Поврзете се со нас

Skopje Global

Отворена Пандорината кутија на тајни сметки

Свет

Отворена Пандорината кутија на тајни сметки

Nomadsoul1/Depositphotos.com

Отворена Пандорината кутија на тајни сметки

Истекувањето на 12 милиони разни документи, на глобално ниво, означени под заедничкото има “Пандорините хартии“ откриваат финансиски тајни на политичари и милијардери, на јавни личности, но и на криминалци.

Долгата истрага на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), во која биле вклучени шест илјади новинари од 117 земји во светот, се означува како најголема досега. Многу  поголема од онаа, последната, со т.н. Панама хартии од 2016 година.

Со сегашното истражување биле опфатени 6,5 милиони документи, три милиони фотографии и 1,5 милион мејлови – сите земени од познати оф – шор локации и  14 фирми и служби квалификувани за вакви трансакции.

На списокот на откриените има 35 светски лидери – сегашни и поранешни – кои поседувале тајни сметки и располагале со скриени фондови. Во таа група се кралот на Јордан Абдула Втори, премиерите на Чешката Република и на Брегот на Слоновата коска, како и претседателите на Кенија, на Азербејџан и на Кипар, потоа на Еквадор и Габон, но и поранешните претседатели на централно – американските држави Салвадор, Панама и Хондурас, како и на Парагвај.

Скриени пари на милијардерите

„Пандорините документи“ откриваат сметки и детали од нив на 139 светски милијардери од 45 земји, вклучувајќи ги и сметките на дури 46 руски олигарси. Во тоа друштво има и банкари, разни донатори, потоа разузнавачи, спортски ѕвезди, како и трговци на оружје и ноторни меѓународни криминалци.

Меѓу нив се и ѕвезди на индискиот Боливуд, познати фудбалери, корумпирани спортски функционери, па  принцези и богати наследнички, филмски режисери и филмски ѕвезди, големи пејачки имиња, познати низ светот, угледни модни дизајнери и исто такви манекенки.

Сето ова е откриено во фирми и агенции за оф – шор дејности и услуги во карипските држави – Ангвила, Белизе, Барбадос, Панама, па на Бахамите и на Британските Девствени острови, на Сејшелите, но и во Сингапур и Виетнам, како и во Швајцарија и во Велика Британија.

Првите анализи покажуваат дека е јасно оти барем десет отсто од светскиот економски обрт е сместен во оф – шор фирми и компании и на локации низ целиот свет, во т.н. „рајски места“ за неплаќање данок во матичните држави на сите овие луѓе.

Абдула, Бабиш, Путин и Зеленски

Станува збор за износ од над 1000 милијарди долари скриени пари кои ги чинат државите толку многу изгубени приходи во буџетите на земјите од кае потекнуваат, што би можеле да се употребат за бројни корисни работи, како изградба на патишта, болници и училишта и за зголемување на стандардот на луѓето. Посебно затоа што најчесто вакви аномалии, кога станува збор за политичари и политички лидери, се среќаваат во неразвиени и помалку развиени држави.

Основното за сите, нив, меѓутоа, е големата хипокризија на најголемиот број од луѓето, која е присутна во откритијата од отворената Пандорина кутија на тајни сметки. Затоа што многумина од нив (пред се во политичкиот свет) во јавните настапи и заложби зборуваат сосема поинаку.

Тоа може да се однесува за кенискиот претседател Ухуру Кенијата, за јорданскиот крал Абдула, за чешкиот премиер Андреј Бабиш, за рускиот претседател Владимир Путин за кого, за прв пат, се открива дека е поврзан со скап имот на Азурниот брег во Франција, за украинскиот претседател Володмир Зеленски кој непосредно пред да стапи на функцијата, има отворено оф – шор сметка во „рајските места“ низ светот.

Црногорскиот претседател на тапет

Или, за кипарскиот претседател Анастасидис, чија земја и онака е позната како „пералница” за валкани пари (од Русија и Србија и од Источна Европа), особено во времето пред влегувањето на оваа островска држава во ЕУ. Но, и за поранешниот британски премиер Тони Блер и неговата сопруга Шери за кои е откриено дека немаат платено 320 илјади фунти такса при купување приватен имот во Лондон, затоа што целата трансакција одела преку оф – шор фирма.

Од регионот, засега, на тапет се актуелниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ заедно со неговиот син, како и српскиот министер за финансии Синиша Мали.

Преку оф-шор фирма на Британските Девствени острови, Мило (преку друго има) и без никаде лично  да се појави, скривајќи се зад синот, за него и за семејството има имот на скапиот и елитен Сент Џејмсис Сквер во Лондон.

Српскиот министер Мали, инаку, поранешен градоначалник на Белград, веќе  подолго време е обвинуван за фалсификување на докторската диплома, за што има и одлука на Советот на белградскиот Универзитет, но беше споменуван и за тоа дека има оф – шор фирми и дека има имот во странство, што го нема пријавено. Сега се вели дека е откриено дека сето тоа било точно. Мали поседува две такви фирми преку кои во Бугарија има купено 24 луксузни станови на Црноморскиот брег.

Блер не платил данок за купен имот

Чешкиот премиер Бабиш кој и самот е богат човек, милијардер, уште пред да влезе во политиката, преку оф – шор компанија станал сопственик на дворец во Франција, во вредност од 15 милиони евра, како и на недвижен имот во пошироката околина на дворецот – раскошна двокатна вила со базени и сите други пропратни објекти. Целиот овој имот Бабиш го нема пријавено на чешките власти, иако бил законски должен тоа да го направи.

Украинецот Зеленски кој иако беше целосен новак во политиката, беше избран за претседател на државата, прикажувајќи се пред гласачите како борец против корупцијата, но и тој ја користел структурата на оф – шор фирмите за да на своето семејство им овозможи да работи во странство, без сето тоа да го пријави во Украина.

Азебејџанскиот претседател Илхам Алиев, меѓутоа, оди многу подалеку од Украинецот.

Тој на име на својот 11 годишен син (!) има купено куќа во Лондон, во елитен кварт, во вредност од 34 милиони фунти. „Пандора“ открива дека овој политичар во Лондон и во Британија има  дваесетина други куќи и станови. Само на британска територија Алиев поседува недвижен имот од 400 милиони фунти.

Поранешниот британски премиер Блер, пак,  со децении заговара плаќање данок и борба против перењето пари. Но, од „Пандора документите“ се дознава дека тој и сопругата станале сопственици на нивната куќа во Лондон (сега е седиште на блеровата фондација) не плаќајќи го данокот за пренос на имот.

Имот на Абдула низ светот

Во овој случај, станува збор за една поинаква ситуација, во споредба со сите другите.

Блер и сопругата ги купиле акциите на оф – шор компанијата на министерот за туризам на Бахреин, Ал Зајани, а не директно куќата, па на тој начин и можеле да не ја платат законски определената такса. Блер и  Ал Зајани и не знаеле дека (практично) склучуваат зделка. Шери Блер која е угледен британски адвокат изјави дека нејзиниот сопруг нема учествувано во целата трансакција, како и дека оф – шор компанијата, набргу по склучената зделка била затворена.

Како најголемата „ѕверка“ во Пандорината кутија, светските медиуми, сепак, го посочуваат кралот на Јордан.

Тој располага со неколку оф – шор компании преку кои има купено скап имот на разни локации низ светот – од Калифорнија и Вашингтон, за синот кој таму студира, преку Малибу во Шпанија, до десетина локации во британскиот главен град, во Лондон. Станува збор за имот од околу седумдесетина милиони евра.

Неговите адвокати веднаш реагираа со соопштение дека сето тоа е купено и направено со негови, лични пари, а дек државата не била измамена на никаков начин, но неговите критичари тврдат дека дури и да е тоа така – сите овие зделки се направени по т.н. Арапска пролет и масовните протести на Јорданците против бедотијата, невработеноста и корупцијата.

Вила од Путин за „тајната љубовница“

Конечно, она што Пандора кутијата открива тоа е двојниот, таен живот на рускиот претседател Путин кој постојано дома и во светот се прикажува како морален политичар. Пред се, се разбира дека на својата тајна љубовница Путин и има купено вила во Монако, преку компанија лоцирана на Британските Девствени острови.

Но, документите откриваат дека во врска со зделките на рускиот претседател има уште еден човек. Тоа е Константин Ернст, директор на државната руска телевизија и режисер кој веднаш по церемониите на свеченото отворање и затворање на Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година, со кои тој раководеше, бил „дебело“ награден.

Му било овозможено да учествува, скриено, со неколку оф – шор компании при приватизацијата и купувањето на десетина кино сали во Москва, сите откупени од властите на рускиот главен град. Протечените документи покажуваат дека до 2019 година, вредноста на делот што го поседува Ернст сега изнесува над 140 милиони американски долари.

Пандорините документи тука не завршуваат.

Во нив се и имињата на пејачката ѕвезда Шакира, на ветеранот на латино – песната Хулио Иглесијас, на супер – моделот Клаудија Шифер, на најдобриот играч на крикет во Индија, а велат и во светот Сашн Тандулкар, но и на италијанскиот мафијаш Рафаеле Амато. За него се тврди дека е поврзан со барем десетина убиства.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе