Сомнително гласање за Евросонг
Европската радиодифузна унија (ЕБУ) која е организатор на Евровизискиот фестивал Евросонг ги има оспорено гласовите на шест земји – членки на Евровизија кои учествуваа во гласањето за најдобра песна, на натпреварот во Торино – Италија.
Според европски медиуми, оспорени се гласовите на Азербејџан и Грузија, на Полска и Романија, на Сан Марино и на Црна Гора. Во сите случаи се наведува „сомнеж во нерегуларност“ при гласањето, односно при доделувањето на максималните поени.
Две, а не четири дванаесетки
Црногорски медиуми кои на случајот му посветуваат внимание, тврдат дека јавниот сервис РТВ ЦГ има побарано официјално објаснување која е причината за ваквата одлука на ЕБУ. Но, кога станува збор, барем за црногорското жири, се верува дека причината за тоа е „братското“ гласање за српската претставничка Констракта . Тоа ,пак, според белградски медиуми било присутно- од Словенија, се до Македонија.
Овие медиуми тврдат дека Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија и имаат доделено по 12 поени на песната од Србија. Останува да се разбере кога интервенирала ЕБУ (ако интервенирала), но на финалната вечер на која се одлучуваше – Словенија, сепак, се определи за Италија, како земја со 12 поени, додека Македонија „дванаесетката“ и ја додели на Шпанија.
Ана Ѓуриќ – Констракта, на тој начин, 12 поени доби само од Хрватска и од Црна Гора, па само благодарејќи на силниот теле – вотинг се искачи од вториот дел на табелата, до високото пето мести – во крајното класифицирање.
Најразумна во целата оваа атмосфера и сомничењата , изгледа, остана српската пејачка. Ослободена од еуфоријата во која се најде во својата земја – дека треба да победи и дека таа годинава е најдобра, а не Украина – таа уште во Торино , мирно има изјавено дека – е сосема задоволна од пласманот.
„Комшиско гласање”
„По малку стравував за тоа како ќе се прими мојата песна, затоа што таа е нетипична за Евросонг“ – има речено пејачката Ѓуриќ, која по враќањето во Белград има соопштено дека „извесен период се повлекува од јавноста“.
Во меѓувреме, некои белградски медиуми објавија дека „нерегуларното гласање може да и ги одземе добиените поени“ – дванаесетките што ги има добиено од Црна Гора и од Хрватска.
При тоа се посочува дека во соопштението на ЕБУ за нерегуларности во гласањето, нема прецизно објаснување за што, всушност, станува збор. Претпоставка е дека во прашање е „комшиското гласање“ – во стилот Грција за Кипар, а тие од таму за Грција – што било силно присутно и за Констракта. Излезе дека таа е единствена финалистика од земјите од екс ЈУ кои, овој пат, сложно (политички) се определија да гласаат за Ана Ѓуриќ – од „братска солидарност“ . Иако , музички гледано, песната е оригинална и навистина нетипична за Евровизија.
На крајот, сепак, „нешто се има случено“ – па Словенија и Македонија ги имаат „повлечено“ своите дванаесетки. Или, жиријата се имаат „преслушано“ уште еднаш – во последен момент.