Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Русија сака да изгради база во Србија

Pavel Neznanov

Русија сака да изгради база во Србија

Еден руски воен и безбедносен експерт тврди дека Русија “ја испитува можноста за изградба на воена база на територијата на Република Србија“. Базата би требало да има различни задачи и да се користи за разни намени, пред се, за руските, разузнавачки потреби – за надгледување и контрола на регионот.

Засега, нема реакции за ваквото откритие, ниту од Белград, а ниту од Москва, но експертот Борис Јулин во својата анализа, објавена во популарниот (во Русија) интернет весник „Лента“, открива дека за идејата околу воената база веќе се има огласено рускиот амбасадор во Србија. А, тој во дипломатскиот кор во српскиот главен град има посебна позиција – каква што нема ниту еден друг дипломат, поради својата блискост со властите и честите средби и контакти со врвот на државата.

Амбасадорот во една прилика има речено дека „создавањето руска воена база е работа во надлежност на државата Србија – што ќе рече – доколку таа се согласи на својата територија да има странска воена база. Но, исто така, дека тоа е работа и на Русија, за тоа дали таа сака и дали има интерес од тоа“.

Како и да е, нема потврда дека за тоа е разговарано со властите.

Камуфлирана база кај Ниш

Меѓународни експерти, меѓутоа, оценуваат дека Русите веќе имаат своја база во Ниш, каде како камуфлирана база се третира „заедничкиот хуманитарен центар“ кој ја обавува истата функција за која зборува и рускиот експерт. Затоа што овој Центар е блиску до Бугарија и Македонија, земји членки на НАТО, блиску до Црна Гора и Албанија кои исто така се дел од Алијансата, како и сосема блиску до Косово, каде е присутно НАТО.

Официјална Москва, пак, Центарот во Ниш го прикажува сосема поинаку и многу понаивн0 – како нешто што функционира за да се користи во случај на некаква хуманитарна катастрофа. Рускиот воен експерт Јулин, сепак, не зборува за тоа која би била ползата и каква би била таа, за Србија, на пример, доколку на таа локација (во реонот на Ниш) се изгради вистинска воена база на Русија.

Освен што во тој случај – Србија отворено и целосно би се приклонила на руска страна и би ја напуштила сегашната контроверзна политика на седење на „две столчиња“.

Неодамна, дури и белорускиот претседател Александар Лукашенко, единствениот вистински лојален сојузник на Владимир Путин во странство, го повика Белград – конечно – да се определи и да се откаже од „седењето н повеќе столчиња“.

Шпионирање на соседството

Во својта елаборација на „московските размислувања“ за уредување руска воена база во Србија, Јулин пишува дека „бази се наоѓаат секаде во близината на зони и локации со потенцијални непријатели“. Во случајот на Србија, меѓутоа, евентуалната база би била територијално целосно отсечена од Русија.

Таа би била опкружена со држави кои се членки на НАТО, па затоа не е јасно – како во тој случај – би можеле да се концентрираат силите и да се обезбедува базата, а притоа да не дојде до судир со силите на Алијансата.

Целата оваа анализа, затоа е направена за да се потврди дека она што Русија сака да го направи на српска територија е да уреди за себе база која би била „извидувачки центар што би вршел надзор врз околината“. Односно – отворено речено – за шпионирање на поблиското и подалечното опкружување и за прибирање разузнавачки податоци.

Доколку тоа навистина би се случило и доколку официјален Белград го прифати руското барање, тогаш и рускиот експерт забележува дека на тоа ќе реагира ЕУ, која Србија би почнала да го третира како закана за безбедноста на својата (европска) територија.

Анти – западен наратив во јавноста

Особено, во случај да избувне некаков судир, што за Србија би предизвикало сериозни последици. Освен тоа, прашање е дали со руска база на својата територија, Белград би можел да остане како кандидат и како претендент за влез во Унијата.

Проблемот на српските власти – дури и да е искрена амбицијата за влез во ЕУ – е силното антизападно и проруско расположение во домашната јавност. Посебно онаа во помалите градски центри и во внатрешноста на државата кои не се само што се против членството во НАТО, туку заговараат и раскинување на врските на државата со Западот – со ЕУ и Америка.

За тоа се тврди дека е виновна самата власт во Белград која наместо проевропскиот наратив, повеќе од една деценија поттикнува антизападно и антиевропско расположение.

Сето тоа, невешто, сокривајќи го зад некавото „традиционално“ русофилство меѓу Србите, потоа со притисокот да се прифати независно Косово и со бомбардирањето од страна на НАТО во 1999 година, што инаку, беше изведено за да се спречи геноцид на Косово.

Москва бара „свои“ министри во Белград

Силно проруски определениот српски министер за внатрешни работи А.Вулин, минатиот месец има изјавено дека „Србија е самостојна и независна и дека нема никогаш да биде дел од НАТО“, па затоа нема ниту да се меша во „судирот меѓу Русија и Украина“.

Белградските, пропозициски медиуми, сега тврдат дека Москва барала од српскиот претседател, при креирањето на новата српска влада, во неа да се најдат и двајцата главни застапници на руските интереси во Србија – Ивица Дачиќ и Александар Вулин.

Случајно или не, откритието на рускиот експерт Борис Јулин за руска база на српска територија, уште во интернет весник кој од 2020 година е во сопственост на „путиновата“ Сбербанка, доаѓа во време кога некои медиуми во Србија објавија дека претстои затворање на „хуманитарниот центар“ во Ниш.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе