Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Сдсмовскиот синдром

Darko Cvetanoski/Unsplash

Сдсмовскиот синдром

Од неодамна во домашната јавност кружи информација дека ќе се формира нова партија на политичката сцена во Северна Македонија. За иницијатор и лидер се споменува поранешен висок функционер во СДСМ и актуелен градоначалник на општина во земјава, избран (делумно) со гласови на членови на неговата поранешна партија, но и на противничката ВМРО – ДПМНЕ.

Притоа се калкулира дека зад него стои поранешниот долгогодишен лидер на социјалдемократите, што на површина (одново) ја исфрла состојбата која е карактеристична за оваа партија, а таа слободно може да се нарече – синдромот СДСМ.

Дисквалификација на новите луѓе

Овој синдром на најкус начин може да се објасни и дефинира вака: по секое заминување од функција во партијата на некој од нејзиното највисоко раководство, па дури и од пониските ешалони, дел од овие екс – функционери – извесно време се повлекуваат од политиката и од јавноста.

Но, потоа, по најразличен повод, почнуваат јавно да реагираат на одлуките и политиките на новото раководство и особено да се настрват на новиот лидер, со разни дисквалификации.

Наводно, дека новите отстапуваат од социјалдемократските позиции и идеологија, дека не работа во интерес на државата и граѓаните. Потоа следи негирањето дека ја „посељачуваат“ и приватизираат партијата, или дека се седнати во скутот на ДУИ.

На крајот следи она што треба да им се допадне на вмровските уши – дека се послушници на меѓународниот фактор и дека божем го распродаваат националниот идентитет и јазикот…

Болни суети

За ова критизерско и деструктивно друштво како да не е познат со векови потврдениот дијалектички закон – „сé тече, сé се менува“. Во секојдневниот живот, но и во животот на партиите и во нивните раководства. Никој не е вечен, незаменлив, а најмалку ненадминлив.

Поради сите овие елементи, синдромот може слободно да се сведе на заеднички именител: – за болни суети од типот – додека јас бев во раководството, партијата и државата цутеа, а без мене (нас) нема ни партија ни држава. Односно, после мене (нас) настанал потоп.

Секако, има вистина и во дел од некои критики и забелешки, но не е сé така црно како што критизерите сакаат да се прикаже состојбата, уште зачинета со голема доза на злоба, завист, полувистини и невистини и многу ниско ниво на политичка култура.

Исполнување на стратешките цели

А, токму последниве години кога внатрешните критзери почнаа да се огласуваат, тргна остварувањето на стратешките определби – земјава влезе во НАТО, се затвори еден 60 години стар спор со Србија и со СПЦ и конечно, по 17 години чекање, се отвори процесот за влез во ЕУ, преку пристапниот скрининг.

Актуелната власт во услови на ограничени ресурси, сепак, успешно се справува со пандемијата, со од надвор наметнатата економската, енергетската и инфлациската криза, што се светски, а не локални, домашни проблеми.

Конечно,, никој не се родил учен за тоа што го работи (но во животот некој научил повеќе, некој помалку, некој ништо), но се заборава дека и тие наводни „генијалци“ и „граѓани“, стануваа претседатели на партијата и на владата со триесетина години, без никакво политичко и животно искуство..

Коалиции со противникот

Овие „мудреци“ забораваат дека и тие беа критикувани дека се многу млади, неискусни и неспособни за водење партија, државата. Делумно неоправдано, но делумно сосема оправдано.

Интересен е и многу индикативен податокот кој сам за себе многу говори: од шест досегашни претседатели на СДСМ, двајца ја напуштија партијата и формираа нови партии (како и еден потпретседател), а еден е во најава!

Прашањето кое логично се поставува е дали за синдромот СДСМ причина е генетскиот материјал на партијата или менталниот склоп на екс – лидерите и функционерите?

Инаку, новоформираните партии, иако имаат социјалдемократско, или центристичко педигре, влегуваа во коалиции со националистички партии, занемарувајќи ја сопствената партиска идеологија, па со загубен идентитет се приклонуваа и стануваа приврзоци на СДСМ, или на вмровската партија.

Политички марифетлуци

Со свесна или несвесна помош, или одење по линија на најмал отпор на некои од сегашните критизери и политиканти, на времето, кога беа на функции, беше извршена неправедната приватизација на општествениот имот.

Неколкумина социјалистички директори станаа првите тајкуни и најбогати личности во независна Македонија, а поради тоа стотици илјади вработени останаа и без работа и без акции од приватизираните и пропаднатите компании.

Подоцна, токму со нивна помош, преку разни политички марифетлуци дојде Груевски на власт.

Неможно е да се објасни какви се изборни игри и опструкции се играа на последните парламентарни и какви се валканици се случуваа за последните локални избори. Уште еднаш, поради синдромот – СДСМ, кој не го подразбира само она народното – да му пцовиса козата на комшијата!

Никакви постигнувања

А сите оние кои сега го критикуваат актуелното раководство на СДСМ, а некои од нив повторно сакаат да се факторизираат на политичката сцена, би требало да си го вратат сеќавањето и да се соочат со ноторната вистина.

Таа е дека кога беа на високи државни и партиски позиции и можеа многу повеќе да сторат за државата, но и за партијата. Тие, меѓутоа, не сторија НИШТО. Нема оправдување со сегашното признавање дека грешеле, како и со тоа дека доколку би ја имале сегашната памет… би носеле поинакви одлуки…

Поразувачко е за овие (наводни) „покајници“ дека во нивно време Македонија НЕ ОСТВАРИ НИТУ ЕДНА ОД СТРАТЕШКИТЕ ЦЕЛИ НА ДРЖАВАТА – ниту за НАТО, ниту за добрососедските односи, ниту за спорот со српската црква, а ниту за европскиот пат.

Во корист на сопствената штета

Новите партии произлезени од некоја од постојните, не се новина во македонското политичко искуство.

Нови партии се накотија од СДСМ, од Сојузот на реформски сили, од ПДП, НСДП… На пример, од ВМРО – ДПМНЕ произлегоа десетина нови партии. Освен една, речиси сите, или повторно се вратија во старото јато, или ги снема од регистерот.

Пред последните локални избори во најава беше формирање на три – четири нови партии од исклучени и незадоволни функционери на оваа партија.

Но, по посетата на Будимпешта, на еден од претендентите за лидер, кај бегалецот на правдата и по, веројатно, презентираните „должничко – доверителни аргументи“, што осуденикот во бегалство ги поседува, сите молчешкум се повлекоа. Не се појави ниту една нова (реформска) партија или фракција, а вмровците освоија најмногу градоначалнички места.

Во служба на лутиот ривал

Секако, демократско право е да се формираат нови политички субјекти со нови идеи, програми и енергија.

Лошо и неморално е кога тоа се прави за да и се наштети на партијата која се напуштила со лажни обвинувања и аргументи. И, тоа само поради суетата дека некој по нив, бил поуспешен и направил повеќе.

Штета ќе биде да се подели членството (и гласачите) и да се маргинализира една партија од типот на СДСМ која досега покажа голем државотворен капацитет и донесе многу важни одлуки за сегашноста и за иднината на граѓаните и државата.

На тој начин, само му се помага на лутиот ривал од опозициското ВМРО, кое застапува екстремни националистички политики – за да дојде на власт.

Притоа, како да се заборава дека до само пред неколку години оваа партија ја имаше заробено и ограбено државата. Со антиквизацијата – и идентитетски ја обезличи нацијата.

Манчо Митевски

(Авторот е новинар и публицист)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе