Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Лажните воени слики на Милорад Додик

Лажните воени слики на Милорад Додик

Лидерот на босанските Срби Милорад Додик, по повод годишнината на воената операција „Олуја“ на хрватската војска, на својот профил на Твитер има ставено фотос со кој сака  да го прикаже страдањето на Србите од Хрватска во таа операција.

Но, на фотографијата која требаше да го илустрира „хрватското злосторство“ кон српското население, нема  српски жртви-пишуваат сараевските медиуми. На  фотосот со текстот на Додик,   наместо Срби се прикажани Бошњаци, кои беа жртви на српскиот прогон од нивните домови, после падот на градот Жепа, на 26 јули 1995 година.

Бошњаци прикажани како Срби во Хрватска

Текстот на социјалната мрежа и сликата се појавиле додека траело одбележувањето на „Олуја“ ( на српска страна) во градот Приједор, на која покрај Додик и целото раководство на српската енклава Република Српска во БиХ, бил присутен и државниот врв на Република Србија и поглаварот на српската црква.

Едноставно, според медиумите во БиХ , Бошњаците од Жепа се прикажани како да се српските жртви на хрватската операција , од воените години во Босна кои ја делеа судбината на Србите во хрватска Краина. Без притоа, на било каков начин, да се спомене страдањето на Бошњаците од теророт на српската војска и на разните српски паравоени единици.

На сликата која ја има ставено Додик, се гледа жена со дете во нејзината прегратка, која како што потсетува сараевско „Ослобоѓење“, ја има направено репортерот на француската агенција АФП.

На неа е прикажано страдањето на Бошњаците во БиХ од „српскиот терор“  при што е „уловена“ мајка со дете, која е дел од конвојот бегалци од Жепа, спроведен под контролата на ОН. Весникот го открива и идентитетот на несреќната жена – Сабина Мујкиќ.

Расправија меѓу Белград и Загреб

Безмалку три децении од операцијата, во војните на тлото на поранешна Југославија, меѓу Србија и Хрватска и натаму траат недоразбирањата и различните толкувања за српско-хрватскиот судир во Краина.

За официјален Загреб станува збор за ослободителна војна за која се вели дека  е втемелена во хрватската независност.  За Белгард, пак,  „Олуја “ е операција со која е извршено „најголемото етниичко чистење“ во Европа по Втората светска војна.

Останува нејасно како да се толкува сликата за текстот на Додик на Твитер, но како и да е, независни аналитичари кои ги паметат воените години на југословенското тло, оценуваат дека „Олуја“ е резултат на режимот на Слободан Милошевиќ и на неговата насилничка, националистичка политика за тоа дека – „Србија се протега се до таму до каде има српско население“.

„Промоција на српскиот свет“ ?

Во тие воени години, Милошевиќ прво го смени дотогашниот умерен лидер на хрватските Срби Јово Рашковиќ и ги натера локалните Срби од Краина да ја бранат со оружје „независноста“ на  самопрогласената српска автономна покраина, во реонот на градот Книн, за потоа ги остави да се борат со многу помоќните хрватски сили.

На воен план , бунтовниците беа поразени, а локалните Срби по поразот масовно ги напуштија своите домови, или беа присилени на тоа прогонувани од хрватските милитантни националисти.

Случајот со Додик и фотосот објавен на социјалната мрежа, доаѓа во време кога во Загреб и во Сараево негативно се толкува говорот на српскиот претседател во Приједор. Во него Александар Вучиќ има речено дека (Белград и Србија)- „никогаш повеќе нема да им свртат грб на Србите западно од Дрина“.

Тоа значи на Србите во БиХ и во Хрватска, што во двете соседни земји на Србија е примено како – закана и како промоција на идејата за „српски свет“.

(Д.С.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе