Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Роман Абрамович протеран од Британија стана Израелец

magicinfoto/BigStock.com

Роман Абрамович протеран од Британија стана Израелец

Рускиот милијардер Роман Абрамович, кој  повеке од десетина години живееше во Британија, засега, е единствената жртва на последната политичка расправија меѓу Лондон и Москва и на целосно замрзнатите британско- руски одоси.

Тој, практично, беше протеран од Британија каде престојуваше со специјална виза за инвеститори, по силниот притисок на десницата во редовите на британската, владеачка Конзервативна партија на премиерот Тереза Меј, која во острата „војна со зборови„ со Русија , побара од домашните власти остар курс кон руските милијардери и олигарси кои купуваат имот, а потоа остануваат да живеат на британска територија. Преиспитувањето на престојот на богатите Руси , што го опфати Абрамович, дојде како последица на гневната британска реакција по последниот напад со хемиско оружје извршен во англискиот град Солзбери, врз рускиот бегалец и поранешен двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, за што Британците веднаш ја обвинија Москва, откако се утврди дека станува збор опасен, забранет нервен агенс произведен уште во времето на СССР, како едно од хемиските оружја за масовно уништување.

Руските власти и Кремљ, ги отфрлија ваквите обвинувања, но целата британска јавност го поврза „Случајот Скрипал„ кој самиот едвај го преживеа нападот, со убиството со труење со  радиоактивниот изотоп Полониум 210 на рускиот дисидент и екс разузнавач Александар Литвиненко, во ноември 2006 година, за што Скотланд Јард го обвини Русинот Андреј Луговој, па Британија, овој пат, се определи за многу поостар курс кон Москва, обвинувајќи дека ја користи британската територија за напади и ликвидација на руските дисиденти и политички бегалци. Според британските толкувања, напади и убиство со радиоактивно и хемиско оружје што не може да се набават на слободниот пазар, ниту да се произведат во домашни услови, може да се организираат и спроведат само со државна подршка и содејство ( на Русија, во овие два случаи), па затоа и одговорноста за обидот брутално да се убие Скрипал беше побарана од Москва и директно од Кремљ.

Во досегашната пракса на редовно турбулентните британско- руски односи , олигарсите кои со сомнително стекнатите милијарди во Русија, купуваа скапи имоти на  скапи локации во Лондон и  во Британија, живеејќи на „висока нога„ не беа погодени од „ледениот период„ на политичките односи, повеќе од една деценија. Овојпат, меѓутоа, владата на Меј се согласи на „длабинска„ истрага и кон најбогатите Руси, настојувајќи да го истражи потеклото на парите кои ги имаат, пред се, на оние вложени и внесени во Британија, а посебно да го открие нивното политичко делување (ако го има) и над се, нивната блискост и финансиска поврзаност со Кремљ и со претседателот Владимир Путин во , како се вели , валканите и агресивни операции на Москва во Украина, во анексијата на Крим и во делови од ЕУ и Европа.

Роман Абрамович кого Британците најмногу го препознаваат како сопственик на лондонскиот фудбалски клуб „Челси„ во Британија беше од 2003 година, кога влезе во англискиот премиерлигашки фудбал. За него се вели дека живееше тивко и повлечено, па обичните луге го гледаа само на натпреварите на „Челси„ како страствен навивач на лондонските „сини„. Во Лондон и низ земјата купи скапи имоти, едно време беше и најбогатиот човек во Британија, а на два пати и се разведе. За неговата комуникација со другите Руси во Британија се знае мошне малку, но по се што му се има случено во досегашниот живот, а посебно за тоа како стана милијардер, откако приватен бизнис почнал продавајќи пластични играчки, се верува дека тој е во кругот на оние кои се блиски со Путин. Едно време беше и губернатор на руската област Чукотка, на Далечниот Исток, а лондонските медиуми тврдат дека рускиот претседател побарал од него , со свои пари, да изгради еден од стадионите што се користат за Светското првенство во фудбал во Русија.

Богатството почнува да го гради откако со помош и подршка на сега веќе починатиот олигарх Борис Березовски, кој му овозможува да влезе во бизисот со нафта, во деведестите години на 20 век, по колапсот на Советскиот Сојуз. И Абрамович и Березовски, тие години стекнуваат големо богатство купувајќи ги пропаднатите советски компании по багатела цена, но се разделуваат и стануваат непријатели кога постариот Березовски се одлучи да влезе во политиката, како опозиционер на Путин и побегна во Лондон, пред да биде уапсен од , како што тој тврдеше, гневниот руски претседател. Помладиот Абрамович, тогаш го убеди  Березовски, да му ги продаде сите акции од нивната нафтена компанија, уверувајќи го дека ако не го стори тоа “Путин ке му го конфискува неговиот дел од имотот и акциите во компанијата„ како одмазда што се определи да биде опозиционер, на што  побегнатиот олигарх, се согласил. Малку потоа, руската влада ја презеде целата компанија, исплакајќи го Абрамович целосно, по многу повисока цена на акциите од онаа по која тој го исплати  Березовски, а потоа ја ливидираше нивната, некогаш заедничка компанија. Тие двајцата, многу подоцна , во Лондон се најдоа на суд, откако Березовски го тужеше сега веке многу побогатиот поранешен партнер, дека го измамил околу преземањето на компанијата и вредноста на акциите, обвинувајќи го дека сето тоа Абрамович го направил во содејство со властите во Москва и со режија на самиот претседател Путин. Судот не ја прифати тужбата на Березовски, но британската јавност за прв пат разбра за блиските врски на тивкиот и повлечен Абрамович со Кремљ и со Владимир Путин.

Тој и таквиот Роман Абрамович , на почетокот од мај годинава, остана без виза и дозволата за престој во Велика Британија, откако истече нивната важност. За прв пат, по 14 години, меѓутоа, визата не беше автоматски обновена, како што тоа досега се случуваше, туку британските власти отворено порачаа дека нема да брзаат со нејзиното обновување, давајќи му на знаење на богатиот Русин дека повеќе не е пожелен во Британија.

Во таа ситуација, тој замина за Москва, каде според израелските медиуми , ја посетил израелската амбасада, за да ги испита можностите дали е подобен за стекнување на израелско државјанство, а потоа се разбра дека отпатувал во Тел Авив, каде од 2015 година има купено хотел. Весникот „Тајмс оф Израел„ откри дека Министерството за внатрешни работи потврдило дека Абрамович е во Израел, дека веке има израелска лична карта, врз основа на тамошниот закон за повратници, според кој им се овозможува на Евреи, од каде и да доаѓаат, да стекнат израелско државјанство и да станат Израелци.

Израелски државјанин, со пасош на Израел тој можел да стане и врз основа на имотот што го има купено и го поседува на територијата на државата. Како Израелец сега може слободно и без виза може да влегува и да престојува во Британија, но овојпат само во ограничени временски термини.

Останува нејасно дали неговите адвокати во Лондон ке успеат да најдат решение за продолжено времетраење на престојот на Абрамович во Британија, затоа што тој се уште таму го поседува имотот што го имаше и пред да мораше да замине. Медиумите во Тел Авив, пак, се занимаваат со податокот дека рускиот тајкун-емигрант станува најбогатиот Израелец, како и со тоа дека ќе профитира од израелското државјанство. Според локалните закони, новите израелски државјани се исклучени од плаќањето данок на странските приходи, во период од десет години.

Во целата оваа игра околу Роман Абрамович и неговото протерување од Велика Британија, најзагрижени се навивачите на „Челси„. Тие сега стравуваат за тоа што ке биде со клубот кого токму Русинот и неговите пари, го лансираа во врвот на англискиот и европскиот фудбал, а за кого сега не се знае дали- лут на Британците , ќе ја продолжи својата долгогодишна и успешна врска со „Челси„.

 

(Л.Д.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе