Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Голема расправија за мала корекција

De Visu/BigStock.com

Голема расправија за мала корекција

Во моментите додека германскиот канцелар Ангела Меркел, во Скопје, зборуваше за силната подршка на Берлин на македонско-грчкиот договор од Преспа и ја пофали „храброста и мудроста„ на премиерите на двете соседни земји, да му стават крај на 27 годишниот спор околу името на Македонија, во Солун, 260 км. по јужно, грчката полиција водеше битка со уличните насилници и (многу веројатно) изнајмени тепачи кои организираниот протест против премиерот Алексис Ципрас, за преспанскиот договор и за владината економска политика, го искористија за создавање хаос во вториот по големина грчки град.

Ова беше второ вакво собирање во Солун, иако овојпат во далеку помал обем, за , како што тврдат организаторите, да се изразел револтот што владата во Атина, со договорот,  прифатила  северната соседна држава да се нарекува „Македонија„. Независнии посматрачи проценуваат дека  целата претстава, изведена во времето додека грчкиот премиер беше во градот, на отворањето на традиционаниот солунски саем, е уредена од тврдите националисти, крајната десница и разните анархистички групи, но помогнати и потикнати и од странски сили. Нивната цел е да се спречи имплементацијата на преспанскиот договор, кој не само што го решева спорот, туку му носи мир и стабилност и на поширокиот регион. Станува збор , веројатно, за истите сили, надвор од регионот кои такви проблеми создаваат и во Република Македонија, пред референдумот од 30 септември, потикнувајќи ги локалните националисти да ја обвинуваат владата во Скопје, дека е „предавничка и издајничка„ дека наводно ги издава „националните интереси„ затоа што се откажала од целата територија на регионот Македонија кој, патем се наоѓа во три балкански држави.

Грчката опозиција, а пред се партијата Нова Демократија, создадена по падот на грчката хунта, од пред 44 години, формално не стои зад „демонстрациите„  на тепачите, вооружени со метални шипки и опремени со гас-маски, за борба со полицијата, но таа не само што не се оградува од таквата одбрана на „националните интереси„ туку ги искористи случувањата во Солун, за натамошна „елаборација„ на наводното предавство што го има извршено Ципрас. Киријакос Мицотакис, сегашен лидер на партијата, што ја формира Константин Караманлис, по обновата на демократијата во земјата, продолжува со обвинувањата дека договорот од Преспа е „штетен за Грција„ дека ќе го „ засилел иредентизмот„ од Север и внатре во земјата, посебно во нејзиниот северен дел – затоа што Атина прифатила „ФИРОМ да се нарекува Република Северна Македонија, а посебно зашто се согласила со прашањата за идентитетот – националноста и јазикот на нејзините државјани„.

Ципрас уште во Солун, им порача на своите критичари дека оние кои на улиците се тепаат за национаната кауза, се обични насилници и екстремни националисти, а на опозицијата (пред се, на Мицотакис кој е најгласен и најупорен) и одговори дека нема никакво право да критикува и да држи патриотски лекции, затоа што четврт век нема ништо направено да го разреши спорот кој и правеше проблеми на Грција. Тој вели дека сега, спорот е конечно разрешен и постигнатиот договор е во интерес на Грција, а посебно за Солун, кому со преспанскиот договор му се отвораат уште поголеми развојни перспективи. Ваквата изјава на Ципрас доаѓа по престојот на американскиот министер за трговија кој покажал голем интерес за солунските развојни планови, со оглед на продлабочената криза на САД со Турција.

Грчкиот премиер силно се напаѓа од домашните националисти откако во една прилика порача дека „не може да им се забрани на соседите да се нарекуваат Македонци„ ако тие така се чувствуваат, или што ќе рече, никој не може од страна, да им наметнува идентитет, што тие и досега го имале. Од „лекциите по патриотизам„ што му ги дели Мицотакис на Ципрас, произлегува дека грчката страна требала и тоа да го определи, па затоа договорот, ваков, каков што е, заедно со името, се „штетни за Грција„.

Зошто еден лидер на партија од десниот центар, дел од блокот партии во Европскиот Парламент, каде членува и партијата на канцеларот Меркел, би продавал национализам, контра заложбите на Германија, на целата ЕУ, на САД и на подршката за договорот од меѓународната заедница, освен од Русија? Сигурно, само од ситно партиски интереси, за да ги собере на своја страна сите грчки националисти, веројатно и сите антизападни сили, кои во Грција не се малку, за да ја освои власта на изборите во Грција, предвидени за  втората половина на 2019 година.

Според лондонски „Индепендент„ таквите политикански игри (вклучувајќи го и однесувањето на македонските националисти од опозицијата во Скопје)  создава ситуација да се форсираат големи расправии околу во основа мала корекција,  што е направена со преспанскиот договор. Македонците се Словени, нивниот јазик е еден од словенските, тие се откажаа од заблудата за потомството со Александар Велики, а во името на државата е додадена само локацијата „Север„ и од тоа никој во Атина не треба да стравува. Наместо тоа, грчката опозиција треба сериозно да се загрижи за заканите кои се надвиснуваат врз регионот, од Русија и нејзините игри, од Турција каде  пак се зборува за ревизија на Лозанскиот договор со Грција, од пред 95 години , па и од Кина. Европските медиуми ја искористија посетата на Меркел во Скопје и националистичкото дивеење на солунските улици,  за да им порачаат на Нова Демократија и на другите дека од времето по Втората светска војна, лугето во Република Македонија се нарекуваат Македонци. Дали е тоа исправно, или не, веќе не е важно, но не може сега да им се менува идентитетот, како што тоа го бара Мицотакис- коментираат овие медиуми – инсистирајќи дека „ договорот од Преспа е добар и не е далеку од вистината„ затоа што делови и од северната грчка сосетка, биле во рамките на некогашната античка македонска империја од пред 2,5 илјади години.

Киријакос Мицотакис е син на поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис и брат на некогашната министерка за надворешни работи Дора Бакојани. Таткото беше премиер во годините кога започна битката  на новата независна држава Македонија, за признавање и за афирмација . Ставот на тогашна Атина, подржан од сите партии беше дека Грција „ никогаш нема да прифати нова држава на својата северна граница„. Во тоа време, српскиот лидер Слободан Милошевиќ  на таткото Мицотакис му нудеше поделба на отцепената југословенска република, за да се „среди работата и да нема никакви проблеми„. Во таа грчка влада, тогаш шеф на дипломатијата беше Андонис Самарас кој инсистираше – ако веќе мора да се прифати нова реалност на северната граница , тогаш таа држава мора да има име во кое го нема зборот „Македонија„ . Некои лажни патриоти во Скопје, понудија името да биде „Централна Балканска Република„ но Европа и САД , не дозволија таков развој на работите, па Мицотакис го жртвуваше својот министер и се согласи за привремено име да се определи „Поранешна југословенска Република Македонија„ кое се уште официјално се употребува во ОН и ЕУ, како и во низа други меѓународни организации и институции. Над 120 држави , билатерално ја признаа Македонија под нејзниното уставно име, но тие никогаш не се спротивставија земјата да се ословува со привременото име во организациите каде членуваа, прифаќајќи ја таа (балканска) реалност се додека двете земји не се спогодат за името.

Идентитетските работи не се отвораа. Во повремените лабави обиди да се разреши спорот,  грчката страна знаеше да потсети на нив , а националистите на македонската страна, во Скопје, тоа да го користат за да се оправдаат што не сакаа  разрешување на спорната ситуација. Пред десетина години, на едно предавање во Лондонската школа за економија, тогашниот шеф на грчката дипломатија Бакојани, сепак,  прифати да одговори на прашање од македонски студенти, за тоа –  зашто Атина освен името, сака да им го смени и идентитетот на Македонците.

“Никој вам не ви го менува идентитетот. Вие си имате свој идентитет (словенскиот) и во тоа Атина не се меша. Проблемот е што сега посегате по туѓ идентитет (античкиот-грчки) а ние (Грција) остро на тоа се спротивставуваме” рече тогаш во Лондон, министерката Бакојани.

Тоа беше времето кога во Скопје силно беше отворен процесот на т.н. антиквизација, кога се настојуваше да се создава нова историја и нашиот словенски идентитет и карактер да се замени со античкиот од времето на Александар Велики. Ваквото толкување на Бакојани, за која треба да се верува дека зборуваше во името на грчката влада, е сосема спротивно од она што сега, по направениот грчко-македонски договор, го зборува нејзиниот брат. Конечно, тоа беше став и на меѓународната заедница, што пред Самитот на НАТО во 2008 година,  постојано ја афирмираше тогашниот генерален секретар на Алијансата Схефер. „Ние (НАТО) не бараме ништо друго, освен ново официјално име за државата„ – како и дека „никој не се меша во идентитетот на луѓето„ за да земјата биде дел од Алијансата- уверуваше овој холандски политичар.

(И.Т.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе