Поврзете се со нас

Skopje Global

ФИРОМ и против ЕУ

Македонија

ФИРОМ и против ЕУ

Фото: fabrikafoto/BigStock.com

ФИРОМ и против ЕУ

На референдумот во Македонија, одржан на 30 септември, излезноста беше под 50 отсто, но огромното мнозинство од над 90 отсто, од оние повеќе од 600 илјади кои гласаа, се определија за влез на државата во ЕУ и НАТО, подржувајќи го македонско-грчкиот договор од Преспа за името.

Останува сега, врз основата на гласовите на граѓаните кои кажаа што мислат и за што се определуваат, Парламентот во Скопје, да го прифати договорот, или да го отфрли.

За неговото прифаќање се потребни барем 80 гласови, од 120 пратеници колку има Парламентот, односно десет повеќе од парламентарното мнозинство на сегашната владина коалиција кои би требало да се обезбедат од редовите на опозицијата. Во спротивно, договорот нема да биде ратификуван, а тоа пак, отвара нова ситуација на политички  вакум што ќе мора да се надминува со предвремени парламентарни избори. Сосема е неверојатно, владата која потроши толку многу енергија и време за да ги среди нарушените  односи со соседите, седум месеци интензивно преговараше со Атина, за да на крајот дојде до вистински, историски договор кој им става крај на недоразбирањата со соседна Грција и ја елиминира 27 годишната блокада за влез во ЕУ/НАТО, едноставно и без борба, да дозволи тој туку-така да пропадне. Затоа, изборите наеднаш се појавуваат како опција, за да се обезбеди постреферендумска разврска, иако би се правеле во невреме, би биле непотребни и би значеле трошење на екстра пари и забавување на европските процеси.

Ваквата разврска доаѓа по одлуката на националистичката опозиција да го бојкотира референдумот, што инаку таа го има побарано како задолжителен, при постигнување договор со Грција околу името.

Нејзиниот лидер и другите околу него, наместо да се појават на биралиштата и да кажат што мислат за европските интеграции на Македонија и за договорот од Преспа, се определија на кукавичлук, затскривајќи се зад бојкот, од кој не се знае што тој и неговите, нивната партија и националистите, мислат за прашањето што беше поставено и за кое требаше, едноставно, да се определат. Многу време, пари и енергија потрошија за да ја објаснат смешно-тажната ситуација во која се сместија, а сепак, успеаја само да направат конфузија и да и наштетат на државата, чии интереси, а тоа се покажа и овојпат, никогаш не ги бранеле.

Македонските националисти одлучија да протестираат кога државата, конечно, закорача во светот, влегувајќи во ОН како полноправна членка. Протестираа тогаш во Скопје и низ земјата, затоа што државата  беше примена во Светската организација под привремено име (на англиски) ФИРОМ (Поранешна југословенска република Македонија). Сега, кога Македонија на голема врата влегува во Европа, како членка на НАТО, а потоа и во ЕУ, преку отворањето на преговарачкиот процес , за што чека повеќе од 13 години, националистите одново протестираат, овој пат со бојкот, затоа што е постигнат договор со Грција, со кој на името се додава локацијата “северна” што конечно го тргна грчкото вето за евро-атланските интеграции, што тие го прогласуваат за “штетен и непатриотски”.

Иронично е што со својата постапка, со тоа што ги натераа своите гласачи да останат дома, да прават ајвар и да седат по кафулињата, наместо да одат и да гласаат, само покажуваат дека во основа, тие го бранат привременото име ФИРОМ, кое ако се пропадне, ќе остане и натаму името по кое светот ќе ја ословува државата, а ќе значи целосно враќање на отворените процеси, затоа што за разлика од досега, земјата веќе има покана за НАТО и датум за отворање на преговорите со ЕУ. Националистичката опозиција добро знае дека има услов за тоа – а тој е ратификација на договорот од Преспа, па сепак, се определи да агитира и против договорот и против влезот на Македонија во Европа.

Во  сето ова нема ништо патриотско. Има само антидржавно однесување, затоа што земјата се соочува со ризикот да остане на опашката од Европа, само за да се задоволат партиските цели на главната опозициска партија, за да се задржат гласовите кои ги одржуваат во живот и за да и се напакости на власта. За таквата цел, партијата го искористи добро разработениот модел на “груевизмот“ – заканите кон купените гласачи, на кои им е дадено работно место во јавната администрација, во големите компании, или им е обезбедено да тераат некаков бизнис. Предупредувани се дека сето тоа може да го загубат кога главната националистичка партија ќе се врати на власт и уверувани дека тоа “брзо ќе се случи, кога Заев ќе падне“. Според партиски инсајдери, луѓето се викани во партиското седиште, или биле посетувани по домовите, за да им се каже да не излегуваат на референдумот, затоа што би можеле да настрадаат и нивните најблиски кои исто така се офајдиле од „груевизмот„ но со тоа , сите трајно и се продале на партијата, за да гласаат онака како ќе им биде кажано, кога за тоа ќе има потреба.

Тука се и т.н. “егејски гласачи“ кои  во поголемиот број се верува дека се вразни за националистите . Но, тие се најголемите противници на било каков договор на Македонија со Грција, инсистираат на максималистички барања за кои знаат дека не може да се прифатат, мафтаат со туѓи знамиња и заговараат некаква “голема“ Македонија и се повеќе се антизападно определени. Овие се значаен дел од гласачкото тело и на главната опозициска, националистичка партија, која ги користеше овие гласови за да се оправдува дека морала да се определи за бојкотот, за да не го загубела ова гласачко тело. Третата категорија на бојкотирачи се самопрогласената општествена “елита“ која ретко оди на гласање, освен што се определува на едната, или на другата политичка страна, кога треба да се најде интересот за себе. Таа е добро  материјално “нафатирана“, има пари да купи што сака, да патува каде сака и не ретко има имот во Грција. Ним не им се потребни ЕУ, уште помалку НАТО, ниту пак ги интересираат европските интеграции, за да излезат да гласаат на референдум на кој треба да се определуваат за интересите на целата држава и на сите нејзини граѓани.

Референдмот, меѓутоа, нема обврзувачки карактер.

Тој го покажува само расположените на јавноста, на граѓаните, но нема сила на закон, затоа што закони може да носи само Парламентот. Затоа е сосема депласирано од опозицијата да бојкотира. Никаде референдумот, особено ако веќе сите политички субјекти се согласиле за него, како во македонскиот случај, не се бојктира. Гласачите одат да кажат што мислат, уфрлајќи во гласачките кутии ливче со „за“ или „против“ прашањето што е поставено. И тоа е тоа. Така постапија Северните Ирци и оние од Република Ирска, кога требаше да се прифати или одбие мировната спогодба од Велики петок, во 1998 година. Така се однесуваа и гласачите и партиите во Шкотска (за независноста) и  во Британија (за Брегзит) – во 2014 и во 2016 година, или, пак, во Република Ирска (околу абортусот) оваа година. Но никаде, ниту една партија не побара, или не повика луѓето да го бојкотираат изјаснувањето.

Во случајот на Македонија, се покажува незрелоста на една партија која се уште тврди дека само таа ги штити националните интереси, но многу повеќе го открива стравот од неуспехот.

Партијата и нејзиниот лидер знаеја дека мнозинството од македонските гласачи сака да бидат дел од Европа, каде се веќе сите нивни соседи, согласувајќи се дека, конечно, треба да се стави крај на спорењето со името, низ еден компромис во кои и двете страни ќе попуштат. Згора на се, во случајот со “Преспа” станува за збор за обезбедена заштита и гаранција на прашањата за националната посебност, за јазикот и идентитетот на Македонците. Едноставно, знаеја дека на референдумот ќе победи опцијата за европска Македонија, а не опцијата за останување на ФИРОМ и за изолација од Европа, па затоа се определија да го расипат триумфот на кој требаше и тие да учествуваат.

Наместо тоа,  ВМРО-ДПМНЕ одбра да го слават послабиот одзив на референдумот, како своја победа!?

Тоа ја става партијата во редот на антиевропските сили, со што изгледа дека се поистоветуваат, но го отвара прашањето – дали една таква партија во Македонија, може да биде алтернатива на политичката сцена. Особено што со своето однесување помогна само Москва и  Белград да бидат задоволни од ваквиот развој на работите, единствените кои заедно со домашните националисти не го поздравија и не го подржаа грчко-македонскиот договор. Сега Македонија може да го пропушти “возот” за НАТО и да се одложи договорот со ЕУ, а тоа е она што го сакаше Русија, а што и одговара и на Србија. Без имплементацијата на договорот од Преспа, што на Белград (и на Приштина) им се нуди како пример, српската страна нема потреба да брза со решение на косовското прашање, за што ќе треба да се направат компромиси. А во регионот на Западен Балкан, тоа е најтешката работа.

 

(С.С.Г)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе