Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Дневен брифинг: Среда 3 октомври 2018 година

Фото: Müller/MSC Creative Commons

Дневен брифинг: Среда 3 октомври 2018 година

Институтот за глобални промени со седиште во Лондон, ги демантираше тврдењата од Белград за тоа дека основачот на институтот и поранешен британски премиер Тони Блер, тајно преговара за Косово, во името на српскиот претседател Александар Вучиќ. „Блер никаде не се појавува како преговарач за Србија, или за нејзиниот претседател. Проектот на нашиот институт нема никаква врска со косовското прашање“ – се вели во демантот од Лондон. Претходно, со демант се огласи и српскиот претседател Вучиќ. Тврдењето за наводната ваква улога на Блер, во српската јавност ја пласира претседателот на тамошната Народна партија, Вук Јеремиќ. Тој тврдеше дека „постојат задкулисни преговори за (територијално) разграничување во Косово и дека за тоа, со високи личности од меѓународната заедница, преговара Тони Блер.

Хаг

Меѓународниот суд за правда им наложи на САД да олеснат некои од одново воведените санкции против Иран. Санкциите беа воведени откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор на меѓународната шесторка (САД, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Германија) со владата во Техеран, што беше постигнат во мандатот на поранешниот американски претседател Барак Обама. Со пресудата на Судот, се бара од санкциите да бидат исклучени хуманитарните производи, како храната и лековите и медицинските помагала. САД сметаат дека Судот во Хаг „нема овластување“ за да интервенира во работи кои се однесуваат на државната безбедност. Одлуката е полноправна, но Меѓународниот суд на правдата, нема овластување да наложи исполнување на пресудата. Владата на Иран го поздрави ваквото решение на Судот.

Москва

Рускиот претседател Владимир Путин го оквалификува поранешниот разузнавач и сега бегалец во Британија, Сергеј Скрипал, како „обична вреќа за отпад и издајник„ забележувајќи дека новинарите „непотребно„ му посветуваат големо внимание. Ова е прв пат Путин да се огласи за некогашниот разузнавач на руската воена агенција ГРУ, кој во март оваа година, беше нападнат со хемиско оружје, нервен агенс од советско производство „новичок“ во англискиот град Солзбери, каде сега живее. Британските правосудни власти ја обвинија Русија дека стои зад нападот, но Москва категорично ги отфрли сите обвинувања, опрадвувајќи се по обичај со барање докази. Реакцијата на Путин уследила по едно прашање од новинари, на прес конференција во Москва. „Ние немаме ништо со тоа, но Скрипал е само обична вреќа за отпадоци и издајник на својата земја“. Тој бил уапсен во Русија, кога бил фатен како разменува информации со странски разузнавач. Во 2010 година, бил разменет за руски шпион фатен и уапсен на Запад.

Атина

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Димитрис Аврамопулос побара од новинарите да известуваат „ урамнотежено и објективно „ за работите поврзани со мигрантите, затоа што со своите новински прилози, директно влијаат врз јавното мислење. „Медиумите имаат се поголема моќ, па затоа мора да бидат свесни за тоа“- рекол Аврамопулос на годишното собрание на Асоцијацијата на новински агенции од Медитеранот (АМАН), што се одржа  во Сунион, крај Атина. Според овој еврокомесар, бегалската криза е зад нас, но за ЕУ се уште има многу работа. Аврамопулос рекол и дека оние кои доаѓаат во Европа и влегуваат во ЕУ, мора да ги почитуваат европските стандарди и законите на ЕУ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе