Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Уапсен лидерот на перуанската опозиција

Congreso de la República del Perú/Creative Commons

Уапсен лидерот на перуанската опозиција

Лидерот на опозицијата во Перу Кеико Фуџимори е уапсена и  со лисици на рацете одведена на сослушување, откако е обвинета за корупција и за перење пари. Заедно со неа се уапсени и нејзиниот сопруг и уште 19 други лица. Сите уапсени се дел од широката операција на властите во борбата со корупцијата во оваа јужноамериканска држава. Фуџимори чија партија Фуерца Популар има мнозинство во перуанскиот Конгрес (Парламентот) е обвинета дека  учествувала во илегалното прибирање пари од странство  за нејзината партија, во што била вклучена најголемата бразилска градежна компанија „Одебрехт“ . Станува збор за фирма која и во Бразил се споменува во низа сомнителни работи во тамошните операции против корупцијата, во која веќе настрадаа низа бразилски политичари и бизнисмени. Перуанското обвинителство тврди дека Фуџимори  управувала со една „ криминална група која била дел од партијата“ на која таа е лидер и која меѓудругото примила 1,2 милиони американски долари од бразилската компанија, во текот на изборната кампања во 2011 година. Фуџимори се брани дека не сторила ништо спротивно на законите, како и дека нејзиното апсење и обвинување се „ политички мотивирани“ . На последните избори во Перу, таа за малку не успеа да победи и да стане претседател на државата, но на локалните избори, одржани пред една недела, партијата Форца Популар доживеа тежок пораз. Кеико Фуџимори е ќерка на поранешниот перуански претседател Алберто Фуџимори кои се наоѓа во затвор, издржувајќи долгогодишна казна затвор за кривични дела сторени додека бил шеф на државата. Таткото Фуџимори кусо време беше ослободен, поради болест и старост, но еден судија во Лима, го отповика ослободувањето и наложи тој да се врати во својата ќелија. Ќерката Фуџимори се надева дека , со кауција, ќе биде ослободена од притворот, но сите обвинувања ќе останат и таа допрва ќе мора да ја докажува својата невиност- јавуваат локалните медиуми. Перу има покренато офанзива во борбата со раширената корупција со која е опфатена и домашната политичка сцена. На почетокот од оваа година, под притисок на јавноста мораше од функцијата да се повлече претседателот Педро Пабло Кучински, откако медиумите открија дека тој имал врски со истата бразилска фирма „Одебрехт“, како бизнисмен и пред да влезе во политиката.

Тереза Меј нуди нов план за Брегзит

Британскиот премиер Тереза Меј бара подршка од министрите во владата, за лансирањето нов план за Брегзит, што би требало да придонесе за постигнувањето компромис со Брисел, во финишот од преговорите за постигнување взаемно прифатлив договор за излегувањето на Британија од ЕУ. Во суштината на овој план стои подготвеноста на Лондон земјата да остане членка на царинската унија ( во која се сите земји членки на ЕУ) но се додека Британците не постигнат договор за слободна трговија со Унијата. Според овој план на Меј, чии детали ги открива „Дејли Телеграф“ , весник близок до Конзервативната партија, Велика Британија би го напуштила единствениот пазар на ЕУ, за да владата во Лондон уреди сопствена регулатива, по 45 години членство , но во него трајно би останала Северна Ирска. Тоа значи дека би морало да постои царинска контрола при преминувањето на Ирско Море кое ја дели Британија од ирскиот остров,  на кој постојат  Република Ирска, членка на ЕУ и на еврозоната и Северна Ирска, која уште од 1922 година е  дел од Обединетото Кралство. Покраината би останала политички дел од државата Британија , но преку останувањето на единствениот европски пазар би била во многу сегменти тесно врзана за ЕУ. Таквата поставеност на Северна Ирска ќе овозможи да не се поставува „ цврста“ граница меѓу двата дела на Ирска и да не се прекине сегашното слободно движење на луѓе , работна сила и стоки, околу кое во досегашните британско-европски преговори има најмногу проблеми, а против што се противат и Даблин и Белфаст. За ваквиот план, доколку се покаже дека тој навистина и постои, Меј ќе мора да добие согласност, не само од министрите во владата, која досега многупати се покажи неединствена околу Брегзит, но и од „тврдите„ брегзитери кои ги предводи поранешниот шеф на дипломатијата Борис Џонсон  кои сакаат излез од ЕУ без договор, или заминување, но онака како тоа најмногу би им одговаралона Британците. Лондонските аналитичари откриваат дека сега најголемата закана за Меј доаѓа од северноирските унионисти, откако лидерот на Демократската унионистичка партија (ДУП) Арлен Филипс се заканила дека нема да ја подржи владата при гласањето за буџетот, доколку Северна Ирска биде (законски) издвоена од Велика Британија, односно ставена во поинаква позиција од остатокот на државата. ДУП има десет пратеници во Парламентот во Лондон и тие ја одржуваат на власт малцинската влада на Тереза Меј. Доколку навистина ДУП и Филипс ја исполнат заканата, може да се случи да падне британската влада и земјата да се соочи со предвремени избори.

„Челси“ ќе ги праќа во Аушвиц своите навивачи-расисти

Лондонскиот фудбалски клуб „Челси“ најавува поинаква борба против неспортското навивање на своите симпатизери и подржувачи, исполнето со расизам и анти-семитизам , додека ги следат натпреварите на клубот. Наместо вообичаеното исклучување од стадионите на определано време , или со трајна забрана за следење на мечевите на „Челси“ , раководството сега сака таквите „навивачи“ да ги прати на превоспитување – во Аушвиц. Во овој нацистички логор , во кој во текот на Втората светска војна, во гасните комори се ликвидирани милион луге, најмногу Евреи од Полска и цела Европа, водството на клубот смета дека она што тие ќе го видат во некогашниот логор, сега музеј, ќе влијае да почнат поинаку да размислуваат и да се однесуваат, како навивачи. Британските медиуми пишуваат дека сопственикот на клубот, Роман Абрамович кој по потекло е Евреин од Русија, верува дека оваа „воспитна шема“ може да биде поефикасна , особено на подолг рок од забраната за влез на „Стенфорд Бриџ“. Навивачите кои користат  расистички и анти-семитски  скандирања минувајќи низ Аушвиц ќе можат да разберат колку големо зло е расизмот и што тоа му има направено на човештвото. Последен инцидент, со извикување навредливи, антисемитски скандирања, се регистрирани на лондонскиот „Стенфорд Бриџ“ за време на мечот „Челси“ со „Тотенхем“ , одигран во текот на септември. Според лугето во управата на овој лонднски клуб, станува збор за педестина, најмногу 100 луга, за кои велат дека не може да се откријат кога ги купуваат влезниците за стадионот, ниту да се препознаат кога влеговаат да ги следат натпреварите.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе