Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Масакар на Крим

Anton_Medvedev/BigStock.com

Масакар на Крим

Вкупно 15 ученици и петмина нивни професори, се убиени во техничкиот колеџ Политехника, во градот Керч, на Крим, во најкрвавиот оружен напад извршен на овој украински полуостров, откако во март 2014 година беше анектиран од Русија. Дури единаесетмина од  жртвите се  помлади од 18 години. Повредени се 44 лица, од кои десетмина се во мошне тешка и критична состојба. Сведоци изјавиле дека пукотниците траеле повеќе од 15 минути, а дека се слушнала и силна експлозија . Според руските власти, нападот го извршил само еден човек, 18 годишниот ученик на колеџот, Владимир Росљаков кој дошол во Политехника, вооружен со машинска пушка и со две рачно изработени бомби. За него се вели дека подоцна се самоубил, а неговото мртво тело било најдено во училишната библиотека. Мотивот за овој масакар на Крим , барем за јавноста, останува непознат, но рускиот претседател Владимир Путин, во својата изјава околу овој напад рекол дека вината треба да се бара во глобализацијата на социјалните мрежи на интернет „Таму се гледаат вакви настани и вакви сцени кои започнаа со трагичните настани низ училиштата во САД“- рекол Путин. Властите прво соопштија дека станува збор за тероризам, но подоцна инцидентот беше оквалификуван како оружен напад, на осамен напаѓач, иако неколкумина сведоци имаат дадено изјави дека заедно со Росљаков учествувале и неколку други лица.  Така, или не, се знае дека тој лесно влегол во зградата на училиштето, оставил една од бомбите во мензата на колеџот и се упатил кон училниците , барајќи жртви за неговата убиствена замисла. Со далечинска направа ја активирал бомбата, наполнета со шајки која ги предизвикала најтешките повреди. Лекарите им објасниле на новинарите дека жртвите и тешко ранетите имале загубени раце и нозе,  а делови од телата биле расфрлани низ мензата. Масакрот сега покренува низа прашања, а пред се безбедносни- како било можно тешко вооружен млад човек да влезе во зградата на колеџот, но и како можело да се создаде една таква личност, подготвена да убива на најсуров и брутален начин, која штотуку зачекорила во зрелоста. Неговите соученици го опишуваат како мирен и повлечен , како човек  без пријатели кој досега нема направено инциденти. Не се даваат детали за неговото потекло, ниту се открива  од која општествена средина тој доаѓа, па независни посматрачи во Москва и не се согласуваат дека за тешкиот инцидент треба да се обвинат само глобализацијата и интернетот. Керч е град на самиот брег на Крим, во близина на новоизградениот мост кој го сврзува полуостровот со руското копно. Пуштен е во употреба од неодамна, преку каналот што ги поврзува Азовското и Црно Море, за да се заобиколи украинската територија, од која Крим сега е целосно отсечен. Нападот на Политехника навистина наликува на сличните такви инциденти во САД, каде се врзуваат за слободната можност за поседување оружје, но не е јасно како Росљаков, уште додека бил малолетник,  можел да дојде до дозвола за оружје во Русија. Од друга страна, бруталноста и суровоста во нападот, со користење на дома направени бомби, наполнети со шајки, многу често е техника на разните исламистички терористи. Ваков сличен напад, со употреба на бомби и огнено оружје имаше во Париз, во ноември 2015 година, кога беа убиени многу повеќе лица и кога во овој терористички акт беа вкучени неколку убијци- ис.

 

Земан лут што не му дозволуваат псовки

Контроверзниот чешки претседател Милош Земан одново ја разбранува јавноста во својата земја, откако го обвини јавниот сервис Чешко радио, за цензура, само затоа што водителот на една радио програма побарал од шефот на државата, да престане со псовки и со вулгарни навреди кон оние кои ги критикува. Новинарот го предупредил Земан , кој во интервјуто зборувал во живо, дека со вулгарностите директно се повредуваат одредби од законот, како и Кодексот на радиото, за што, доколку таквиот говор на соговорникот не биде прекинат, може да уследи казна за радио станицата, до 400 илјади евра. Предупредувањето до водителот уследило затоа што поради истиот соговорник, Чешко радио веќе е предупредено за повреда на прописите и му е испратено закана за казна, ако се повтори уште еден таков инцидент. „Водителот е наклонет кон цензура и таму каде тоа не е потребно“- им рекол претседателот Земан на новинарите на една приватна тв станица, објаснувајќи дека ако не се употреби вулгарност, таквиот човек е егзибиционист, па дека вистинскто прашање е – дали вулгарноста била упатен кон вистинската личност и дали е оправдана. На ваков начин, тој најчесто се пресметува со  со своите критичари и со чешките тајкуни, за кои смета дека да се нарекуваат „економското ѓубре“ на Чешка е премногу благ збор, па дека за нив е потребен „посочен израз“- псовката. Земан ја има револтирано чешката јавност кога претходно, во една друга прилика, се нафрлил со пцости врз руската панк група „Пуси Рајат“. Поради своето вакво однесување, овој некогаш угледен и почитуван чешки политичар на тамошната левица, сега се повеќе е изолиран од домашната и европската јавност, па затоа сака да комуницира преку неснимани радио и тв интервју во кои јавно се пресметува, користејќи навреди и пцости. Мнозинството Чеси, како и тамошни политичари сметаат дека Земан „губи контакт со реалноста и практично пропаѓа како политичар“. Во Чешка тој важи за силно проруски наклонет политичар.

 

Што сака да каже Вучиќ?

Српскиот претседател беше последниот политичар во регионот на Западен Балкан , но и во Европа, ако не се смета официјална Москва, што се огласи за грчко-македонскиот договор за името, иако ЕУ и САД го прогласија за историски и за договор-модел за регионот. Причината за ваквото однесување на соседна Србија, може да се бара токму во тоа што договорот од Преспа, индиректно , му беше понуден на Белград, за спогодувањето со Приштина, а можеби и околу блискоста на Александар Вучиќ и на Србија, со Русија и со тамошниот претседател Владимир Путин, но од извесно време, тој на два пати се огласи, оставајќи ја македонската јавност да се занимава со тоа- што навистина Вучиќ сака да каже. И уште повеќе- кому му се обраќа. Во последната изјава тој го пофали договорот, како добар и за двете земји, но додаде дека народот (омилениот збор на српскиот претседател кога комуницира со јавноста) , го кажал својот збор (!) и дека сега се непотребни постреферендумските математики. Изјавата е дадена во присуство на високи ЕУ претставници , иако Брисел и Вашингтон , веднаш по референдумот,  реагираа со тоа дека „народот“ кажал оти договорот од Преспа е жив и дека целиот процес, продолжува. Така реагираше и официјална Атина на неколкупати, но не и Москва. Од таму, наместо подршка,  се слушнаа речиси истите зборови што и сега ги зборува  српскиот претседател  , околу толкувањето на „ народот“ кој меѓутоа,  не се изјасни  што навистина мисли.  Заплашен од домашните националисти- остана дома, наместо да излезе да гласа и да каже дали сака во ЕУ/НАТО преку преспанскиот договор кој е неопходниот услов за европеизацијата на Македонија. Вучиќ не реагираше до крај отворено, но руското МНР веднаш кажа дека со тоа што „народот“ не излегол на референдумот и не кажал што мисли- бил против НАТО, односно против членството на Македонија во Алијансата. Тие во Москва, а секако и тие во Белград, очигледно , не ги интересираат работи, како името на државата и лажната пропаганда дека со договорот  божем се губи идентитетот на Македонците. Двете страни здушно се вклучија (преку соодветните служби) да успее бојкотот, а не референдумот, па затоа добро ги знаат и математиките по референдумот, за кои зборува Вучиќ. Станува збор за необврзувачко изјаснување на граѓаните кое  излезе неуспешно, за што се работеше и од внатре и од надвор. Но од оние кои не се сокрија дома- дури 92 отсто кажаа дека се за европските интеграции и за договорот со Грција, а нивната бројка од 660 илјади не може да се отфрли. Конечно и Вучиќ, а и Москва знаат дека референдумот , каков и да беше резултатот, не претставува закон и дека ратификацијата на „Преспа“ во секој случај мораше да се направи во Парламентот во Скопје. Затоа изјавата на српскиот претседател, додека траеше расправата во македонскиот Парламент, значи пред се, подршка на руската позиција и подршка за македонскте националисти, со чија партија , партијата на Вучиќ има „сестрински врски“. Изјавата не е никако подршка на регионалната стабилност, на новата клима на договарање низ компромиси во Западен Балкан ,  за трасирање на европскиот пат. Може Белград секој ден да повторува дека нема да влезе во НАТО и тоа  е неговиот избор, но српскиот претседател, веројатно знае, дека  нема никакво право, на македонската јавност- а би требало од својата позиција да и се обраќа на целата јавност- да ни ги толкува работите, така како што им одговара нему и на неговите сојузници. Бојкот на референдум и во Србија, за Косово, на пример,  не  би бил прифатлив- зашто лугето и таму ќе треба да се изјаснат за она за што е референдумско прашање. Затоа и се организираат референдумите. За да после не се прави „математика“ дека сите што не излегле да гласаат, по автоматизам се против.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе