Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

МПЦ по украински модел ?

roibu/BigStock.co

МПЦ по украински модел ?

Признавањето на независноста на Украинската православна црква од Вселенската патријаршија во Цариград, предизвика гневна реакција од Руската православна црква (РПЦ), но и од официјална Москва, кои потегот  го оценија како погрешен и опасен, кој според нив,  води кон некаков историски раскол, односно длабока поделба меѓу самите православни христијани. Засега, меѓутоа, легализирањето на УПЦ како една од трите христијански цркви во Украина (вклучувајќи ја и Руската) нема предизвикано никакво поголемо бранување во православниот свет и меѓу „сестринските“ цркви. Нема јавно „судење“ на Вселенската патријаршија и на патријархот Вартоломеј, како што можеше да се очекува од грубата и нехристијанска реакција на рускиот митрополит Хиларион, откако стана јасно дека православните Украинци ќе добијат своја црква, па освен реакцијата  на Српската православна црква (СПЦ) која го осуди потегот на Цариград, другите цркви решија да молчат.

Работата е сепак далеку од завршена. Малку е веројатно дека Синодот на Вселенската патријаршија, сега би ја повлекол својата одлука, затоа што тоа не им се допаѓа на Русија и на нејзината црква. Таму сигурно сметале на руската реакција, кога ја носеле одлуката. Но, сигурно е дека Москва нема лесно да се помири со гестот на Цариград, па сосема е реално да се верува  дека ќе направи се што е во нејзина сила за на некој начин да се изолира  Царигард, обвинувајќи го притоа постојано и за „гревот“ направен кон Русија,  а посебно да се изолира новопризнаената УПЦ. Во тоа нема да учествува само РПЦ, туку и Кремљ и неговата дипломатија, затоа што на давањето независност на украинската црква гледаат како на политичко, а не само на верско и христијанско прашање. За нив, одлуката на Вселенската патријаршија е удар врз престижот на РПЦ во нејзината дамнешна битка со Царигард за превласт врз целиот православен свет. Истовремено се доживува и како удар и врз Москва , затоа што е познато дека преку црквата,  руската држава одсекогаш  настојувала да се наметне како предводник, наспроти Западот и неговото „навлегување“ во делот од Истокот, што Москва го смета за свој двор.

Некои политички аналитичари, затоа,  давањето независност на УПЦ го третираат како  шлаканица  врз руската надворешна политика која, иако јавно го одобрува ширењето на ЕУ  кон источните земји од Европа, а сега и кон Балканот, во основа, на тоа гледа со недоверба и сомнеж, па го третира  како на упад на католицизмот и протестантизмот, во православниот свет. Москва грчевито се бори да си ја поврати „славата“ на некогашниот Советски Сојуз, како голема сила во глобалниот свет . Уште веднаш по распадот на комунизмот и на  советскиот воено-економски и политички блок, уреден по руски модел и предводен од Москва, словенството, христијанството и православоието беа првото за што посткомунистичка Русија се фати, во обидот да се врати на големата политичка сцена, како голем играч. Тогашниот претседател Борис Елцин, притискаше врз , во тоа време,  се уште неопределениот Исток на Европа и на Балканот, да се создаде некаква православно-словенска заедница, како противтежа на Западот, што требаше да биде предводена од Русија, но не успеа да им ја наметне таквата заедница, дури и на своите довчерашни сојузници. Зад таквиот проект, во нешто видоизменет облик, велат дека сега стои актуелниот руски претседател Владимир Путин кој во својата пресметка со ЕУ, прави се што може,  да го спречи интегрирањето на државите од Западен Балкан во Унијата. Впечаток е дека за Москва, ЕУ е се повеќе непријателска заедница на држави,  па нескриено настојува таа да се поткопува  и ослабнува , за да се разниша нејзиното единство врз кое се потпира и нејзината сила. Затоа се верува, дека одлуката на Царигард , донесена откако претходно еднаш било отфрлено украинското барање, може  да се посматра и надвор од религијата,  од нејзината политичка страна, иако тоа не е работа на Вселенската патријаршија. Овие аналитичари сметаат дека покрај религиозното право  на Украина, како неависна држава, да има своја црква,  во прашање е и еден вид  „ награда“  за оваа држава, силно растресена од руската анексија на Крим и од интервенцијата во Донецк и Луганск, но дека станува збор и за казнување на Кремљ за неговите офанзивни потези.

Официјална Москва, како и во советското време, не сака да биде казнувана, затоа што од секогаш вината ја барала во нејзините „непријатели“ кои ако треба ќе ги најде и таму каде ги нема, само за да обезбеди внатрешно единство. Затоа се очекува дека Русија ќе се одмаздува , притискајќи преку РПЦ врз православните цркви во светот, како и преку световната дипломатија и политичките врски на Москва, за да се дисквалификува одлуката на Синодот во Цариград и за да се амортизира ударот. Најблиску до Москва е „одметнатата“ Естонска православна црква, но се смета дека таа работа, која беше актуелизирана пред неколку години,  сега е потисната настрана, па изгледа дека во најблискиот круг нема закана за РПЦ. Независни религиозни и политички посматрачи, меѓутоа, го отворат прашањето на независноста и автокефалноста на Македонската православа црква (МПЦ) и на онаа во Црна Гора, за кои се вели дека по гестот на Цариград кон Украинската црква, не би требало повеќе да има пречки и за овие две православни цркви од Балканот.

Во реакцијата на РПЦ за украинската црква, рускиот митрополит Хиларион предупреди дека „непромислениот и погрешен гест„ на Цариград сега може да покрене нови вакви прашања, а тие, според него, само ќе го предизвикаат целосниот раскол кај православните христијани. Црквата во Србија, веднаш потоа, побрза да го подржи ваквиот став на Москва, посочувајќи ја „опасноста“ од  прифаќањето на украинскиот „модел„ за црквите во Црна Гора и во Македонија. Српскиот патријарх Иринеј веднаш побрза да ја посети Црна Гора , не среќавајќи со никого од политичкото раководство на оваа земја, која забрзано се движи кон членството во ЕУ, но оставајќи силен впечаток дека е во посета на „ меѓу своите и на свое“. Подоцна СПЦ се огласи со неприфаќање на можноста градот Призрен ( во Косово) во иднина да биде , како што е речено – странство за Србија и за Србите. Тоа повеќе требаше да биде порака до властите во Белград, отколку до Приштина или до меѓународната заедница, за да се покаже дека СПЦ и натаму е остро против признавањето на независноста на Косово, во било кој облик.

За Македонија, колку што се знае, нема директна реакција, веројатно затоа што околу автокефалноста на МПЦ – Србија, нејзината црква и Русија и тамошната црква, одамна имаат изграден идентичен став. А тој е- неприфаќање не само на прогласената автокефалност , уште во 1967 година, туку и негирање на постоењето на  Македонската црква, што за СПЦ и за Руската црква е „таканеречена МПЦ“ како и барање за враќање на црквата во Македонија под капата на Српската црква, во ранг само на автономна црква. Тоа последен пат беше повторено кога Бугарската црква одлучуваше околу предлогот на МПЦ, таа да биде црква- мајка. За СПЦ уште од пред 50 години, македонското свештенство е „расколничко“, а таквата позиција не се измени ниту кога Македонија излезе од СФРЈ и стана независна држава. Во поново време притисокот и се засили, особено откако македонските националисти, почнаа да се вртат кон Русија и да и ветуваат на јавноста во Македонија дека РПЦ ќе обезбеди разрешување на спорот со Србија и со тамошната црква, што е обична измислица, кога се знае ставот на Русија во сите изминати децении.

За МПЦ и за официјално Скопје, настојувањето на СПЦ да ја стави под своја контрола црквата во Македонија, стекната по Балканските војни и зацврсната со форирањето на Кралството Југославија, кога територијата на денешна Република Македонија  е означена како „Стара Србија“, е повеќе политичко, отколку религиозно прашање. Неутрални посматарачи оценуваат дека преку продолженото одржување во живот на „случајот со МПЦ“  само се открива  политиката на официјален Белград кон неговиот јужен сосед. Потврда за тоа, овие посматрачи гледаат во одлуката од 2005 година, кога СПЦ одлучи „расколништвото„ на македонската црква да го разреши на тој начин што формира своја, контра црква во Македонија и ја стави директно под своја контрола. Одметнатиот македонски свештеник Јован (Вранишковски) прво стана српски епископ, а потоа беше именуван за „архиепископ охридски и митрополит скопски“ . Во Белград, него сега го сметаат за „легитимен лидер“ на српската црква во Македонија.

Македонските верски власти ја отфрлија таквата одлука на СПЦ и одбија да го прифатат Јован за архиепископ, титула што ја има поглаварот на МПЦ г. Стефан. Одметнатиот епископ, уште пред признавањето на Украинската црква, има изјавено дека „ не верува оти Цариград било кога ќе и даде независност и на црквата во Македонија„ порачувајќи дека „никој и со ништо не може да и го одземе правото што СПЦ го има врз Македонија“. Така , меѓутоа, не мислат во Скопје, од каде се порачува дека процесот за признавање на македонската црковна независност е отворен и дека се очекува спорот ( со СПЦ) да се разреши во Цариград. Тоа би значело признавање на МПЦ од повеќето православни цркви, како рамноправна црква која ќе може да комуницира со другите врз рамноправна основа.

Во овие црковни состојби, што одамна се искривени и се претворени во политика, наменета за дневни потреби, аналитичарите го ставаат прашањето со МПЦ, па и со црногорската црква, во геополитичкото позиционирање на Русија и Западот и притисоците што веќе ги прави Москва. Разликата меѓу црквите на овие две земји, обете насочени кон европските интеграции е во тоа што Цариградската Патријаршија, од мај оваа година, веќе го испитува барањето на МПЦ за прифаќање на нејзината независност. Во Скопје се верува дека тоа би можело да се реши во некое блиско време, можеби откако Македонија со Грција ќе го завршат целиот процес околу ратификацијата на договорот на двете земји  за името Македонија, но за една таква разрешница никој не зборува.

(С.С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе