САД го казнува Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп и администрацијата на САД ја спроведоа заканата кон властите во Техеран, навестена од пред шест месеци и соопштија дека ги обновуваат острите санкции кон Иран. Покрај веќе воведените санкции, кога Американците се повлекоа од нуклеарниот договор меѓу Иран и меѓународната шесторка (САД, Велика Британија, Франција, Русија , Кина и Германија), овој пат санкциите се прошируваат, опфаќајќи ги и иранската нафта и нејзиниот извоз, како и тамошните банки и нивните меѓународни трансакции.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео објаснува дека станува збор за казнување на властите во Техеран, поради нивното „ изменето однесување “ во меѓународната заедница, оценувајќи го како агресивно и опасно за стабилноста на целиот блискоисточен регион. САД во исто време, објавија 12 барања, што Иран би морало да ги исполни за да може да се ослободи од воведените санкции. Пред се, од Иранците се бара да ги прекинат, како што се вели, подршката на тероризмот, како и нивниот воен ангажман во Сирија, но и целосно да ги запрат развојот на својата нуклеарна програма и на програмата за балистички проектили.
Со одлуката за воведување на ново-старите санкции, се предвидува казнување и на државите што нема да ги почитуваат и кои ќе продолжат да соработуваат со техеранските власти, купувајќи иранска нафта или гас, или соработувајќи со тамошните банки. Државите што нема да прекинат трговски и финансиски врски со Иран, не ќе може да имаат било каков пристап на големиот и богат американски пазар.
За осум држави, предвидено е да им се даде еден вид „грејс период“ од шест месеци, до кога би требало да го запрат увозот на нафтата од Иран и да се свртат кон некој друг снабдувач. Се мислеше дека таквата отстапка ќе и се даде на ЕУ, но се чини дека тоа нема да се случи, па меѓу „повластените“ се споменуваат само Турција, Јужна Кореја, Индија, Јапонија, а можеби и Кина. Американското објаснување зашто се одбрани токму овие земји е дека тие веќе се наоѓаат во завршната фаза за изнаоѓање други снабдувачи со нафта.
Претседателот Трамп верува дека ваквите казни ќе го „натераат Иран да се опамети“ и да прифати нов „нуклеарен договор“ со меѓународната заедница.
Уште при излегувањето на САД од договорот со кој треба да се блокира можноста Техеран да произведе атомско оружје, иранските власти најавија дека немаат намера да потклекнат пред американскиот притисок, особено што другите земји потписнички на договоорот, соопштија дека остануваат лојални на договореното. Во Техеран уште се навестуваше дека доколку пропадне целата работа, Иранците би можеле да продолжат со својата нуклеарна програма, за која , пред договорот од пред три години, се веруваше дека му овозможува на Иран да произведе нуклеарна бомба.
Засега не се знае како ќе се развиваат понатаму работите, а особено како ќе реагира Техеран на санкциите чија основна цел е на земјата да и се одземат приходите од нејзиното најголемо богатство- резервите на нафта и гас- за да остане без пари. Но блискоисточни посматрачи веруваат дека Иран нема да попушти на притисокот, како што тоа не го направи и порано, пред да се укинат санкциите во 2015 година. Сепак, сега работите се поинаку поставени и Техеран чија „офанзива на шармот“ во изминатите три години, преку политиката на претседателот Рухани, овозможи поинакво гледање на Иран, се до влегувањето на Трамп во Белата куќа, ќе мора да бара поинакви решенија и начини да го амортизиа ударот на санкциите , а во исто време и да не го „фрли во вода“ сето она што е постигнато. Особено, што враќањето на санкциите ќе ја засили тврдата, конзервативна и антизападна струја во иранската политика која во изминатите години беше потисната, пред се, поради забрзаниот развој на земјата, откако беа укинати најголемиот дел од санкциите кои беа на сила до постигнувањето на нуклеарниот договор.
Останува, Техеран да одмери дали неговиот одговор ќе биде враќање на „тврдата линија“ и обновата на нуклеарната програма, што ќе значи победа за Израел, кој беше најостриот противник на договорот и кој (практично) единствен продолжи со воинствената политика кон Иранците, но и на Саудиска Арабија, традиционален противник на Иран во битката за превласт во тој дел од светот. Впечаток е дека потезите што ги влече Трамп се во полза и на Израел и на Ријад, иако тие две земји , официјално, се во непријателство и тврдо спротивстевени.
Израел стравува (со право) од можноста Иран кој и натаму не се откажува од „уништувањето на еврејската држава“ – да произведе нуклеарно оружје. Стравот на Ерусалим, се чини сепак, е поголем од евентуалното трајно, иранско инсталирање во Сирија, сега кога е јасно дека режимот на Башир ал Асад преживеа, затоа што, Иранците се веќе присутни во израелското соседство, во Либан, преку силните упоришта на организацијата Хезболах меѓу тамошните шиити. Саудиска Арабија, пак, никако не сака Иранците да имаат атомско оружје и на тој начин да му се закануваат на регионот и (практично) да го имаат под контрола. Уште порано Ријад навести дека доколку тоа се случи и Саудијците ќе изградат своја нуклеарна бомба, но конзервативното, вахабитско кралство повеќе би сакало да не влегува во трка во (атомско) вооружување , особено што ја има предноста во конвенционалните сили. Тоа се гледа во неколку годишната , непотребна војна во Јемен меѓу сунитите , што ги подржува Ријад, со земјите од Заливот и Египет и шиитите, на кои им помага Техеран, во која никој не може да постигне напредок. Со обновените санкции , Израел верува дека ќе попушти притисокот на иранците на сирискиот фронт, а Саудијците сметаат дека би можеле да се извлечат од интервенцијата во Јемен, без повреден углед.
Во оваа политичка „математика“ на Вашингтон и на неговите регионални сојузници, останува да се утврди како ќе се однесуваат другите играчи- пред се, Русија и Турција, и двете длабоко инволвирани во Сирија, но и ЕУ (Британија, Франција и Германија) кога станува збор за нуклеарниот договор, за кој овие држави сметаат дека нема потреба да се менува. Она што Иран , засега , направи е да го промовира својот новопроизведен борбен авион, за кој велат дека е 100 отсто ирански. Тој треба да ја модернизира иранската армија, а за него се тврди дека може да биде опремен со разни типови бомби. Воени експерти, меѓутоа, оценуват дека станува збор за модернизирана верзија на американскиот авион „Ф-5“ прв пат произведен во шеесетите години на 20 век. Она што сега го имаат Иранците како воздухопловно оружје се авиони од руско производство и стари американски, од пред исламската револуција во 1979 година.
(Д.В.)