Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Руската врска“ пред блокада

Jeff Sessions by DonkeyHotey available at https://www.flickr.com/photos/donkeyhotey/31347215055 under a Creative Commons Attribution 2.0 http://creativecommons.org/licenses/by/2.0

„Руската врска“ пред блокада

Истрагата на специјалниот американски истражител Роберт Малер, за „руската врска“ во претседателските избори во САД, во 2016 години, се соочува со можноста да биде блокирана, откако досегашниот државен обвинител Џеф Сешенс поднесе оставка, а како негов наследник, иако привремено, претседателот Доналд Трамп го именува Метју Витакер.

Сешенс кој со Трамп е заедно уште од времето кога њујоршкиот милијардер се одлучи да влезе во американската политика и да се кандидира за Белата куќа и  важеше за негов пријател и сојузник, ги расипа односите со избраниот претседател кога се извлече себе си од истрагата за руското мешање во изборната кампања пред две години и за врските на членови од изборниот тим на Трамп со Руси и руски функционери во Вашингтон.

Истрагата почна во март 2017 година и гневот на претседателот кон Сешенс растеше откако тие двајцата не се согласија околу евентуалното вклучување на Трамп во истрагата, а другарството беше сосема растурено кога државниот обвинител, по извлекувањето, се согласи неговиот заменик, Род Розенстајн да може да именува специјален истражител. Овој го одбра Роберт Малер, поранешен директор на ФБИ, што не му се допадна на претседателот, верувајќи дека Федералнто истражно биро е „некоректно “ кон него уште од времето  со истрагата за начинот на кој Хилари Клинтон ја користела електронската пошта . Трамп , тогаш (но и сега) мисли дека таа требаше да биде повикана на одговорност, но ФБИ одби да поднесе кривична пријава.

Демократите, пак, бараа истрагата за „руската врска“ да има поголема тежина и затоа се залагаа, наместо истражител, за случајот  да се именува специјален обвинител, што Министерството за правда и државното обвинителство не го прифатија. Тоа, сепак, не го намали гневот на Трамп кој од почетокот е против покренувањето на една ваква истрага, обвинувајќи ги своите политички противници дека со истрагата на Малер, само сакаат да ја девалвираат неговата изборна победа и да го ублажат поразот на фаворизираната Клинтон.

Од минатата пролет, односите Трамп-Сешенс станаа крајно студени, па од време на време, претседателот јавно го прозиваше државниот обвинител, сугерирајќи му да се повлече, но не правејќи го последниот чекор- самиот да го смени од функцијата. Сега кога изборите поминаа, меѓу првите работи што ги направи Трамп , беше отворено да побара од Сешенс да си оди од функцијата, што овој и го направи. Во кусото писмо му порача на Трамп дека дава оставка, затоа што тој тоа го побарал. Веднаш потоа, медиумите во САД навестија дека тоа ќе значи и скорешно  заминување на самиот Малер и затворање на целата истрага, особено што претседателот постојано  тврди дека истрагата треба да заврши, затоа што им нанесува штета на САД.

Некои медиуми открија дека „извор на Белата куќа“ рекол оти заложбите на Витакер (уште пред именувањето) за завршување на истрагата, или за нејзино задушување, главно со намалување на финансиите за нејзините потреби, засега, не била опција. Но , американската  политичката јавност, а посебно демократите, не веруваат во Витакер, без разлика што тој е привремено на функцијата. Тој досега беше шеф на кабинетот на Сешенс, но важи за многу близок на Трамп и негов силен подржувач , па  се верува дека е подготвен да изврши спроведе  се што претседателот ќе побара. Демократите веќе побараа тој самиот да се изземе од истрагата, за да не може да ја блокира.

Медиумите во САД откриваат дека Витакер се залагал за кривична пријава за Клинтон, како и за тоа дека таа треба да биде обвинета што службени мејлови има испраќано од својот приватен лаптоп, од дома. Тој од почетокот бара да се запре истрагата за „руската врска“ и јавно го обвинуваше тогашниот заменик државен обвинител Розенстајн дека е премногу близок до Малер, посебна кога истрагата почна да се врти и кон приватните финансии на претседателот Трамп.

Според соопштението на Белата куќа, Витакер ќе остане на позицијата привремен државен обвинител, додека претседателот не се одлучи за трајно решение, но како стојат сега работите, Трамп нема да брза со именувањето. Во ова меѓувреме и Метју Витакер може да дејствува и да стави крај на истрагата која тече веќе 20 месеци. Тоа го знае и специјалниот истражител за кого медиумите тврдат дека го работи завршниот извештај за истрагата.

(Д.В.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе