Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сите задоволни-сите загрижени

JournalismbyDesign/BigStock.com

Сите задоволни-сите загрижени

Американските мид-терм избори започнаа во сенката на 11 убиени во три одделни тешки инциденти, во кои мотивот беше омразата врз политичка, расна и верска основа. Завршија со оружен напад врз еден бар во Калифорнија, во кој напаѓачот уби 12 лица, без да се знае вистинскиот мотив на убиецот, инаку поранешен маринец, а продолжија со изнудената оставка од Џеф Сешнс, државен јавен обвинител на САД и со јавна расправија, на прес конференција, на претседателот Доналд Трамп со новинар на Си-Ен-Ен, по што новинарот остана без акредитацијата за влез во Белата куќа. Заминувањето на Сешнс не е изненадување, зашто некогашните блиски соработници се разделија уште кога јавниот обвинител се исклучи себе си од истрагата за руското мешање во изборите во САД, во 2016 година, што го налути претседателот. Не е изненадување ниту расправијата на Трамп со новинарот, кому не му дозволи ниту да го постави прашањето до крај, обвинувајќи ги  него и неговата телевизија за правење „лажни вести“, како што тоа го тврди и во изминатите две години, постојано војувајќи со домашните медиуми кои не му се наклонети.

Што ќе рече, Америка беше поделена по разни основи пред овие избори, а остана и по нив, во услови кога и во мид- терм изборите нема вистински победник, зашто  резултатот е нерешен. Во трката за Претставничкиот дом на Конгресот, победија демократите и одново ја презедоа контролата, но во  битката за Сенатот, републиканците ја зачуваа предноста што ја имаа. Двете страни, меѓутоа, се задоволни, прикажувајќи ги изборните резултати како свој голем успех. За демократите задоволството произлегува од тоа што пак го  имаат долниот конгресен дом во свои раце, по цели осум години, додека републиканците се задоволни зашто во Сенатот освоија и три нови сенаторски места, поразувајќи ги своите политички противници. Трамп уште и тврди дека станува збор за „историска победа“ затоа што за прв пат по 100 години, еден претседател додека е во Белата куќа, успеал да го зголеми бројот на сенаторски места во Горниот дом од Конгресот.

Така или не, впечатокот на американските политички аналитичари е дека и двете страни имаат основа покрај радувањето, да бидат и загрижени, затоа што во следните две години, до изборите за претседател на САД, во 2020 година, периодот што следи е неизвесен и за демократите и за републиканците. Можеби затоа, Ненси Пелоси која од 1 јануари ќе биде новиот Спикер во Конгресот зборува за „почнувањето нов ден за Америка“, но и дека е време да се надминат меѓупартиските поделби, зашто, како што вели „веќе имаме доволно поделби“ . Дури и претседателот, за момент како да ја тргна настрана својата борбена реторика, па по соопштувањето на изборните резултати, во еден момент се заложи за потребата од„ бипартизам“ во политичкото работење на сега поделениот Конгрес.

Што, всушност, носи новиот распоред на политичките сили во САД?

Демократите сега во Конгресот во кој се во мнозинство, можат да покренат истраги за разните афери околу администрацијата на претседателот, да бараат да се испита постоењето на афера во бизнисот на некои нејзини членови, околу повратокот на данокот и за постоењето на конфликт на интереси. Тие сега можат многу поефикасно да ги блокираат сите иницијативи и планови на администрацијата, дури и за веќе потишаните одлуки, како изградабата на ѕид на границата со Мексико, како и да ги забават мерките што Трамп ги има најавено уште од почетокот на својот мандат. Демократите веќе најавуваат дека за нив примарно ќе биде да се направи проверка на Уставот и евентуалното негово обновување, како и балансот во државната администрација.

Во новите услови, демократите ќе ги имаат за себе клучните конгресни комисии, ќе имаат поголем увид  и конрола  врз сомнежите за „руска врска“ на претседателската кампања на Трамп, од пред две години, но големо прашање е дали тврдиот, непријателски став кон претседателот и неговата администрација ќе им гарантира успех . Има мислење дека тоа, би можело повеќе да му одговара на Трамп, кој познат по својот стил на дејствување и  менување на позициите, може да го искористи непријателството на Конгресот, за да ги обвинува своите политички противници за обструкција и за пазарлак, околу некои законски проекти. Од друга страна, засилената републиканска позиција во Сенатот, е многу значајна за Белата куќа. Со здружено дејствување на републиканските сенатори, Трамп може да продолжи лесно да ги спроведува сите номинации за места во админстрацијата (владата) и во судството. Тој досега, со подршката, пред се, во Сенатот успеа да постави 84 конзервативни судии во федералните судови, а тоа да го продолжи и во следните две години.

Впечаток е дека, сепак, и двете страни се соочуваат со безмалку слични дилеми за тоа како понатаму.

Претседателот Трамп кој е многу задоволен од изборните постигнувања (сметајќи ги и изборите за дел од гувернеите на сојузните држави) , и досега и во изборната кампања беше насочен исклучиво кон својата изборна база, односно кон оние кои гласаа за него и кои и натаму силно ја подржуваат неговата политика- а тоа е острата пресметка со имиграцијата, спротивставувањето на елитата (политичка) на која Трамп не е припаѓал, анти- медиумската кампања и над се, во неговите тврди пораки кон противничките демократи. Но и тој и неговата партија се соочуваат со дилемата како да се придобијат умерените републиканци, кои повеќе ги инересираат „обичните“ човечки потреби, како здравствената заштита, на пример, дистанцирајќи се себе си од често пати грубата реторика на претседателот за миграцијата, или за медиумите и политичката елита која не го поднесува Трамп. Овие републиканци се против постојаното делење и грубите поделби во општеството, што инаку „нивниот“ претседател ги прави во своите авни настапи и во политиката што ја спроведува. А тие републиканци, може да бидат многу важни за Трамп, во обезбедување подршка од гласачите,  доколку сака да се бори за уште еден претседателски мандат.

Демократите, пак, имаат исто така потреба да бидат претпазливи. Едно истражување покажува дека две третини од младите под 30 години, гласале во мид-терм за кандидатите на Демократската партија. Тоа е новина која оваа партија одамна ја посакува, но две години пред претседателските избори, демократите се уште немаат кандидат за Белата куќа. За победа ќе им биде потребен силен кандидат, сосема различен од Хилари Клинтон, на последните избори , како и подршка на гласачи од сите делови на општеството. Истото истражување открива дека демократите успеале да навлезат во гласачкото тело во предградијата, но за нив се уште се далеку руралните средини, кои остануваат лојални на републиканците и тоа оние кои гласаат за Трамп. Направените анкети откриваат и уште еден многу важен детал- а тоа е дека гласачите не се многу „запалени“ за истрагата на Роберт Малер, а мнозинството од испитаниците биле против покренување импичмент за Доналд Трамп.

Како и да е, мид-терм изборите имаат оставено сериозни импликации врз политичката моќ на Доналд Трамп. Тој досега дејствуваше во услови на постоење на Конгресот, целосно под контрола на републиканците, па сета своја комуникација со домашната јавност ја имаше насочено кон оние Американци кои ја сакаа и ја одобруваа неговата реторика и политиката што ја бранеше. Тие сакаат да слушаат дека Америка е силна и најсилна и деке како таква, таа нема потреба да прави компромиси со другите во меѓународната заедница, ако тоа не им одговара на САД, или ако другите не се согласуваат со американската позиција. Многу е веројатно дека тој дел од американската јавност ќе остане на тие позиции и ќе очекува Трамп да продолжи да ги застапува. Освен тоа, за разлика од Бил Клинтон и Барак Обама, сегашниот претседател на САД не се грижи многу за тоа да им се допадне на оние кои не го сакаат. Тоа значи дека ако така се определи да продолжи и во следните 24 месеци, до ноември 2020 година, тогаш сите импликации од новото позиционирање на домашната политичка сцена, ќе го решава како и досега- во остра пресметка со политичките противници. Некои прорепубликански аналитичари сметаат дека логиката за такво нешто е токму во резултатите од минатонеделните мид-терм избори. Ако Трамп успеа , во сенаторската изборна трка, во три сојузни држави , преземајќи ги позициите од демократите, онаков каков што беше досега и со политиката и реториката каква ја применува изминатите две години, тогаш зошто да не се верува дека и без да се промени и да се прилагодува на новата состојба, не би можел да привлече гласачи за себе и во 2020 година, сметаат овие аналитичари.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе