Мнозинството Британци сега се против Брегзит
Мнозинството Британци, сега, после две годишните подготовки и на моменти, мачни преговори, се против излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Во анкетата на британската телевизија Скај, 54 отсто од испитаниците се изјасниле против Брегзит. Други 32 отсто и натаму се за тоа, Британија да ја напушти Унијата, додека 14 отсто од учесниците во анкетата подржуваат Брегзит, но само според условите од нацрт – договорот на Лондон и Брисел. Во јуни годинава, во тогашното истражување на тв Скај, 48 отсто од Британците беа за останување во ЕУ, а 54 отсто тогаш се определија за Брегзит. Анкетата покажува дека во изминатите месеци дошло до драстично менување на расположението на британската јавност околу излегувањетоо од ЕУ, што се објаснува со стравувањето на луѓето од неизвесноста за земјата, за нејзината економија, и за инвестициите, како и за територијалниот интегритет на државата, по „осамостојувањето“ на Британија, како што Брегзит го означуваат најтврдите брегзитери. Истражувањата откриваат дека лугето особено се загрижени од можноста излегувањето од Унијата да се изврши без никаков договор со Брисел, по што најтешко би биле погодени „обичните“ луѓе. Според анкетата на Скај, 55 отсто од Британците подржуваат втор референдум, доколку треба да се избере меѓу трите опции со кои се соочува земјата – останување во ЕУ, или заминување и напуштање на Унијата според веќе усогласениот нацрт – договор. Деталите од тој документ, што делумно беа откриени во јавноста, предизвикаа бранување во домашната политика, а пред се во владеачката Конзервативна партија на премиерот Тереза Меј. Таа вели дека договорот што во своите основи веќе е договорен е најдоброто што можело да се постигне. Според него, Брегзит секако ќе се случи, но Британија, барем во транзицискиот период, останува се уште поврзана со ЕУ. А, токму тоа е она што ја разгневи десницата во ториевската партија, која смета дека гласачите на референдумот барале целосно исклучување на земјата од ЕУ. Референдумот од пред безмалку 2,5 години, сепак, воопшто не донесе таков заклучок. Брегзитот победи со 52 отсто, наспроти 48 отсто од гласачите кои беа против. Излезноста на тоа изјаснување беше само 51 отсто, а мнозинството го обезбедија, главно, постарите, ториевски и евроскептични гласачи од Англија. Огромен дел од младите кои гласаа, беа за останување во ЕУ, како што во голем процент се изјаснија и гласачите во осумилионскиот Лондон, но и во Шкотска и во Северна Ирска.
Кој навистина го уби Кашоги
Американската администрација која е под силен притисок на домашната јавност, многу поостро да реагира кај властите во Ријад, околу случајот на новинарот Џамал Кашоги, кој на 2 октомври беше убиен во зградата на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, се уште не сака да застане целосно зад „брифингот„ што претседателот Доналд Трамп го добил од директорот на ЦИА. Според извештаите од Вашингтон, Трамп бил известен дека ЦИА „верува оти Кашоги бил убиен по налог на саудискиот крунски принц Мохамад Бин Салман“. Медиумите, сега, пишуваат дека претседателот и верува на ЦИА, но смета дека се уште се потребни цврсти докази за да може да се изречат санкции кон Саудиска Арабија и кон тамошни високи личности, а пред се кон крунскиот принц. Ријад во меѓувреме, остро ги отфрли таквите наоди на американската разузнавачка агенција, како и на сите други кои укажуваат на младиот принц Салман, за кого се вели дека, практично, тој владее со земјата, како на главен виновник. Тамошното обвинителство веќе обвини 11 лица за смрта на Кашоги, а за петмина од нив побара смртна казна. Властите, пак, официјално објаснија дека новинарот – дисидент кој беше остар критичар токму на постапките и однесувањето на осомничениот принц, бил убиен во една неодобрена операција, која од стартот тргнала погрешно, откако Кашоги бил нападнат веднаш штом влегол во конзулатот. Што се однесува до констатциите на ЦИА, медиумите во САД за нив велат дека се изведени врз основа на телефонските разговори на саудискиот принц Халед, кој е амбасадор на Саудиска Арабија во Вашингтон, со неговиот брат, крунскиот принц Бин Салман.
Блокади во Бугарија против скапиот бензин и оданочувањето на старите возила
Во Софија и низ неколку бугарски градови се организираат протести против владата на премиерот Бојко Борисов, затоа што владата ги зголеми цените на бензинот и другите горива, како и затоа што значително го зголеми данокот за старите автомобили. Оваа мерка е донесена за да се намали учеството на старите возила во сообраќајот, посебно низ градовите, за да се намали емисијата на штетните издувни гасови, а со тоа и да се намали загаденоста на воздухот. Протестите ги организираат тамошните „леви сили“ а лугето кои протестираат блокираат улици, но и двата главни патни правци во Бугарија – оној кон Турција и кон Грција. Демонстрантите, иако не во голем број, успеале да го пробијат полицискиот кордон и за еден период од денот да ги блокираат овие меѓународни правци. Тие не ги прифаќаат ваквите владини мерки, ниту образложенијата дека се носат во интерес на луѓето, туку сметаат дека владата, со овие свои потези, всушност директно влијае за, како што велат, намалувањето на нивниот стандард, кој и онака е најнизок во ЕУ.